Skip to main content

Area of Cooperation: Environmental protection

Набљудување птици на самовилско езеро

Проект, финансиран од ЕУ, промовира набљудување птици како дел од прекуграничен проект за соработка.

Според легендата, Скадарското езеро е создадено од солзите кои ги пролеала една црногорска самовила; чија желба, сините очи да ѝ се претворат во црни, била одбиена од Бог кој, за возврат, ја ослепил. Самовилата толку многу плачела, што нејзините солзи го создале езерото. Воодушевен од убавината на езерото, Бог ѝ го вратил видот. И навистина, оние кои го посетиле ќе се согласат дека Скадарското езеро е едно од најубавите природни места во Западен Балкан и одличен терен за истражување за љубителите на авантури на отворено; со парк кој се протега на 400 километри квадратни. Меѓутоа, оваа волшебна дестинација не го добива заслуженото внимание; како од локалните, така и од меѓународните туристи. Барем така веруваат луѓето во црногорската невладина организација „CZIP“.

„CZIP“ означува „Центар за заштита и проучување на птиците“ и е организација која работи повеќе од 20 години во доменот на заштита на птици и животна средина; како и промоција на природно и културно наследство во Црна Гора. Минатата година, со партнерски организации од Хрватска и БиХ, основаа проект, наречен „Pannonia-Adria Connection“ или „PA.CON“; со финансиска помош од ЕУ, за промовирање туризам на локации во трите држави: Нијемици во Хрватска, Тузла во БиХ и Скадарското езеро во Црна Гора.

“Моментално, повеќето од посетителите на Скадарското езеро ги привлекува масовниот туризам: доаѓање на езерото, пиење кафе или ручање, прошетка и заминување. Сакавме да ја промениме оваа навика на подобро.“

Растечки туристички перспективи

Зоран Поповиќ од „CZIP“ е еден од координаторите на проектот и објаснува дека идејата на проектот е подобро користење на ресурсите за туристичка промоција во трите држави. Моментално, повеќето од посетителите на Скадарското езеро ги привлекува масовниот туризам: доаѓање на езерото, пиење кафе или ручање, прошетка и заминување. Сакавме да ја промениме оваа навика на подобро,“ раскажува Зоран.

Зоран вели дека сакале да го претворат езерото во дестинација каде што туристите би останувале подолго; но, за да се случи тоа, туристите имаат потреба од повеќе атракции и можности. Ова довело до развој на активности за откривање; како, на пример: набљудување птици, планинарење, велосипедизам, бродски патувања и останати елементи на еколошки и авантуристички туризам.

Проектот „PA.CON“ цели кон развивање локации за набљудување птици во трите држави; куќа за туристички информации во Сопотац, игралиште и кули за набљудување птици во Хрватска, реновирање на парк куќа во Илинчица и инсталација на ЛЕД светла ширум патот, како и уредување на 16 микро-пикник локации во БиХ. Проектот ќе инвестира, исто така, и во старата железничка линија во Вирпазар, претворајќи ја во планинарски пат; како и во купување брод со соларно напојување, електрични велосипеди и придружни соларни станици за полнење; сè со цел промовирање туристички активности со ниско еколошко влијание.

„Без овој степен на финансиска поддршка од ЕУ, би било невозможно да го имплементираме овој значаен проект.“

За проектот

Проектот „PA.CON“ е поддржан од ЕУ во рамки на програмата ИПА за прекугранична соработка помеѓу Хрватска, БиХ и Црна Гора 2014 – 2020. Водечки партнер на проектот „PA.CON“ е општината Нијемци од Хрватска; партнери од БиХ се градот Тузла и Здружението за развој „NERDA“ од Тузла, додека, пак, партнери во Црна Гора се Центарот за заштита и истражување на птици и Јавното претпријатие за национални паркови во Црна Гора. Имплементацијата на проектот „PA.CON“ започна во октомври 2020 година и ќе трае цели 24 месеци.

Целосната вредност на проектот за трите држави изнесува 1,8 милиони евра, а 280000 евра ќе бидат инвестирани во подобрување на туристичката инфраструктура на Скадарското езеро. „Без овој степен на финансиска поддршка од ЕУ, би било невозможно да го имплементираме овој значаен проект,“ вели Зоран.

Покрај директните инвестиции во инфраструктура и промотивни активности, проектот ќе вклучи и градење капацитети за осигурување на одржливо влијание на проектот. Преку серија од шест едукативни курсеви во трите држави и студиска посета, проектните партнери и претставници на целните групи ќе добијат можност за подобрување на нивните капацитети и услуги.

Според Зоран, проектот ќе има значајно долгорочно влијание врз локалното население, економијата и зачувувањето на природната средина. „Но, според мене, тоа што е уште позначајно е промената на ставот на многу луѓе и институции; покажувајќи им што е можно и колку лесно работите можат да се постигнат со соодветно планирање и имплементација,“ вели Зоран.

Потопли зими за учениците во Приштина

Проект, финансиран од ЕУ, овозможува поддршка за енергетска ефикасност и проширување на топлификационата мрежа во Приштина, Косово.

Основното училиште „Naim Frashëri“ е едно од најголемите во Приштина; главниот град на Косово. Училиштето има преку 1000 ученици и се протега на површина од околу 5000 метри квадратни. Шќипе Власалија Мехмеди е директорка на оваа огромна организација. Би очекувале дека најголемите предизвици со кои се соочува во извршувањето на нејзината улога се поврзани со образованието, но реалноста е сосема различна: „Имавме сериозни проблеми во текот на зимата, а понекогаш моравме да ги одложиме часовите поради проблеми со греењето,“ вели Шќипе.

Кога го презела раководството на училиштето, во 2018 година, училишната зграда била приклучена на централниот греен систем; напојуван на нафта која им ја доставувале еднаш месечно. Шќипе објаснува дека греењето на нафта предизвикувало неколку проблеми; вклучително и недостиг на залиха пред следната достава во време кога температурите биле особено ниски, како и сериозна штета за природата околу училиштето. „Се сеќавам како во 2018 година, учениците и наставниците на час мораа да седат со палто, затоа што немаше доволно греење,“ вели Шќипе.

„Од економско гледиште, „Termokos“ е во придобивка, бидејќи покрај намалување на губитокот во мрежата, добивме 3000 нови потрошувачи; вклучително и јавни институции како, на пример, две градинки, пет училишта, полициски станици, Централната универзитетска клиника во Косово и Косовскиот национален театар.“

Зголемен квалитет на греење и подобра еколошка заштита

Проблемот со греење и загадување не се јавува само во училиштето „Naim Frashëri“. Како ресурс на греење, повеќето граѓани на Приштина користат јаглен или електрична енергија од станиците Косово А и Б, а некои го користат далеку поефикасното топлификационо греење на „Termokos“. Греењето на „Termokos“ е на парно напојување кое, преку цевки, доаѓа од нивната топлификациона станица. Меѓутоа, значаен број приватни и државни згради во Приштина; меѓу кои и основното училиште „Naim Frashëri“, не беа поврзани на ова греење поради проблемите на „Termokos“ со стариот и недоволно развиен систем за достава.

Со цел решавање на овој проблем, во 2019 година, канцеларијата на ЕУ во Косово отвори проект за реновирање на топлификационата мрежа во Приштина. Целта на проектот беше овозможување за приклучок на новите приватни и јавни потрошувачи на топлификационата мрежа и подобрување на грејната залиха за постоечките потрошувачи. Како резултат на проектот, во текот на две години, беа реновирани 120 стари трафостаници, а беа изградени 50 нови; и преку седум километри стари подземни цевки беа заменети со нови изолирани цевки, со што зголеми ефикасноста и се постигна значајно намалување на загубите на топлина и вода.

Наим Битиќи, директор на дистрибуција и проектен менаџер при „Termokos“, вели дека проектот доживеал огромен успех. „Од економско гледиште, „Termokos“ е во придобивка, бидејќи покрај намалување на губитокот во мрежата, добивме 3000 нови потрошувачи; вклучително и јавни институции како, на пример, две градинки, пет училишта, полициски станици, Централната универзитетска клиника во Косово и Косовскиот национален театар.“

„Особено сме ѝ благодарни на Европската Унија затоа што, со нејзина поддршка, сега имаме висококвалитетно греење; а учениците и наставниците можат целосно да се посветат на образованието во пријатна и топла атмосфера.“

За проектот

Проектот Рехабилитација на топлификационата мрежа во Приштина беше завршен во април 2021 година и истиот беше финансиран од ЕУ во рамки на инструментот на програмата за претпристапна помош.

Пријатна и топла атмосфера во училиште

Но, според Битиќи, подеднакво важен е фактот дека новите корисници не треба веќе да користат фосилни горива за греење. „Пред да се приклучат на топлификационата мрежа, сите јавни институции користеа нафта како греен ресурс. Покрај соочувањето со огромен финансиски трошок поради високите нафтени цени, овие институции беа извор на загадување; дотолку попроблематичен затоа што се лоцирани во градскиот центар.

„Потрошувачите поврзани на мрежата „Termokos“ веќе не користат електрична енергија за грејни цели. Ова има позитивен ефект врз економијата на домаќинствата, ја намалува побарувачката за електрична енергија и го подобрува квалитетот на воздухот,“ заклучува Битиќи.

Сега, по завршувањето на проектот, основното училиште „Naim Frashëri“ има 24-часовно греење во целото училиште; вклучително училниците, ходниците и тоалетите. Како што вели директорката: „Особено сме ѝ благодарни на Европската Унија затоа што, со нејзина поддршка, сега имаме висококвалитетно греење; а учениците и наставниците можат целосно да се посветат на образованието во пријатна и топла атмосфера.“

Традиционална уметност со пластични капачиња

Невладина организација од Сараево создава возбудливи уметнички дела користејќи пластични капачиња

Прекрасен килим изложен на видливо место во сараевското предградие Циглане. Има нешто различно во така наречениот „Čepoćilim“: изработен е од 25000 пластични капачиња. Неговото име, во превод, значи „килим од капачиња“, а е дизајниран и изработен како дел од проект на здружението „Green Art“; невладина од Сараево, во БиХ. Алма Храсница Дервишиќ, претседателка на здружението, објаснува дека сè започнало пред десет години кога добила идеја за креирање уметнички дела со пластични капачиња како дел од Европската недела за намалување на отпад во Сараево. „На времето, ова беше амбициозен проект за нас, бидејќи не знаевме дали луѓето ќе ја ценат иницијативата и каква повратна реакција ќе добиеме,“ вели Алма.

Почетен предизвик било собирањето пластични капачиња. Алма отворила локација за собирање капачиња и контактирала училишта, компании и други институции со цел и тие да придонесат за проектот преку собирање и достава на пластични капачиња. „На мое изненадување, одговорот беше позитивен и за кратко време успеавме да собереме значајна количина капачиња; на овој начин започна трендот „Čepoćilim““, вели Алма.

„Čepoćilim“ е совршен спој од уметност, културно наследство и екологија. Целта на проектот е подигнување свест за собирањето отпадни амбалажи и верувам дека покажавме дека постои начин за повторно употребување на отпадот и искористување на неговата вредност.“

Креирање по еден килим од пластични капачиња годишно

По успехот и честитките за првиот килим од капачиња, Алма и нејзините колеги од здружението „Green Art“ одлучиле иницијативата да ја претворат во годишна активност чија цел би била креирање на, најмалку еден, килим од пластични капачиња. За дизајнот, одлучиле да продолжат со мотивите на традиционалниот босански килим, затоа што иницијативата би била, истовремено, уметничка и туристичка атракција; придонесувајќи за промоција на културното наследство.

„„Čepoćilim“ е совршен спој од уметност, културно наследство и екологија. Целта на проектот е подигнување свест за собирањето отпадни амбалажи и верувам дека покажавме дека постои начин за повторно употребување на отпадот и искористување на неговата вредност,“ вели Алма.

Преку инволвирањето млади луѓе, Алма верува дека успеале да ја подигнат свеста меѓу групи кои можат да придонесат за идната еколошка заштита преку намалување и управување со отпадот.

Неодамна, здружението „Green Art“ доби поддршка од програмата „ReLOaD“ (Регионална програма за локална демократија), финансирана од ЕУ. Програмата им помогна во последниот проект кој вклучува дизајнирање и изработка клупи од пластични капачиња, со визуелен дизајн инспириран од босанските килими. Во рамките на оваа активност, инволвираа деца од основното училиште „Vladislav Skarić“, училиштето „Mjedenica“ за деца со потешкотии во учењето, како и домот за деца без родители „Bjelave“. Како дел од проектот, спроведоа 30 еколошко-уметнички работилници за претворање на отпадот во еко-уметност. Во овие работилници, употребуваа материјали како пластични капачиња и лименки. Во завршниот проект, употребија околу 15000 пластични капачиња за изработка на клупите.

„Благодарение на овој проект, имавме можност да инволвираме повеќе деца и млади во нашата активност и, на тој начин, да ја подигнеме нивната свест за еколошките прашања; па, затоа, сме особено благодарни на програмата „ReLOaD“ на ЕУ.“

За програмата

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан („ReLOaD“) е основана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за обединет национален развој. Програмата „ReLOaD“, моментално, е во својата втора фаза која ќе трае до 2024 година.

Проектот овозможи креирање средина во која децата и младите можат да развијат културни иницијативи, со еколошки карактер; истовремено овозможувајќи им на учесниците да се социјализираат преку уметнички активности. „Благодарение на овој проект, имавме можност да инволвираме повеќе деца и млади во нашата активност и, на тој начин, да ја подигнеме нивната свест за еколошките прашања; па, затоа, сме особено благодарни на програмата „ReLOaD“ на ЕУ,“ вели Алма.

Клупата од капачиња сега е изложена во центарот на Сараево, на улицата „Gimnazijska“; опколена од основни и средни училишта. За Алма, ова е голема гордост и сите деца кои помогнаа во изработката, како и нивните соученици, можат секој ден да ја гледаат и да се потсетат на важноста на намалување на отпадот и доброто управување со истиот.

Заштита на живеалишта кои се добри за луѓе, растенија и животни

Подобреното управување со заштитените подрачја во Албанија резултира со намалување на губитокот на биодиверзитет

Скадарското езеро е најголемото езеро на Балканскиот полуостров. Езерото се протега низ северна Албанија и ширум границата со Црна Гора. Како природен резерват, се работи за едно од најбогатите подрачја со биодиверзитет во Европа; со изобилство на риби и птици кои можат да се најдат само тука. Езерото игра важна улога и како транзит-подрачје, односно како познатиот „Јадрански премин“ за стотици илјади птици преселници.

Но, веќе подолго време, овој богат природен живот е под ризик на човечки создаденото загадување и експлоатација. Притоа, имаше потреба за интервенција и експертиза за воведување на најдобрите практики од ЕУ кои резултираа со првиот План за управување со Скадарското езеро.

„Со помош од ЕУ, започна нова ера на чисто управување со заштитените подрачја.“

Одржливо управување на заштитените подрачја

Планот за управување беше изготвен од Националната агенција за заштитени подрачја, а имплементиран од Регионалната администрација за заштитени подрачја. Аге Мартини, главен регионален администрациски надзорник во Скадар, потврдува дека планот бил пресвртница во пристапот на вработените кон заштитената средина и обезбедување на посакуваните резултати. „Вработените во нашата регионална канцеларија сега имаат јасна идеја за протоколите кои треба да се следат во подрачјето и знаат како треба да се употребува новата опрема за да се изготвуваат извештаи за флората и фауната,“ вели таа.

Имплементацијата на планот започнала со помош на ЕУ која придонела со знаењата и вештините на искусните земји-членки на ЕУ. Нивната поддршка варирала од надзор на дивата природа, обуки и градење на капацитети, па сè до развивање врски со заедниците кои живеат во заштитените подрачја, како и обезбедување професионална опрема која вработените ја користат за извршување на нивната работа. „Со помош од ЕУ, започна нова ера на чисто управување со заштитените подрачја, бидејќи секоја вработен има јасни насоки, а сите заедно ја знаеме крајната цел,“ вели Мартини, давајќи пример за тоа како дури и врските со туристите сега се одвиваат по протокол.

Заштитените подрачја и Националната агенција за заштитени подрачја растат заедно

Во изминатите години, регистрирани се милиони туристи кои годишно минуваат низ заштитените подрачја во Албанија. Овој успех се должи на плановите за управување кои Националната агенција за заштитени подрачја ги развива со помош на ЕУ, а кои се имплементираат ширум заштитените подрачја во државата. Албанија ужива добра репутација меѓу туристите кои се привлечени од ниските цени, добрата храна и прекрасната природа.

Меѓутоа, во главен фокус останува заштитата на биодиверзитетот преку алатките на надзорните механизми воведени, во заштитените подрачја, во согласност со стандардите на ЕУ „Natura 2000“. Денес, повеќе од 100 од вработените во Националната агенција за заштитени подрачја се обучени за справување со пожари и природни катастрофи; запознаени се со процесот на собирање и обработка на информации за системите за диви животни, и пред сè, имаат стратегии за зголемување на соработката на заедниците кои живеат во заштитените подрачја и знаат како да управуваат со истите

„Бевме сведоци на тоа како заедниците ја променија својата позиција од скептичност за нашите намери кон поддршка за позитивната промена која ја донесовме во нивните подрачја.“

За проектот

Проектот „NaturAl“ придонесе за хармонизација на мрежата заштитени подрачја во Албанија со мрежата „Natura 2000“ на ЕУ; и тоа преку примена на стандардите на ЕУ, со што Албанија остварува вистински напредок кон членството во ЕУ.

Од 2015 до 2019 година, фокусирајќи се на десет заштитени подрачја, проектот работеше со цел зајакнување на управувањето со заштитените подрачја во Албанија, со посебен акцент на обука и градење капацитети во Националната агенција за заштитени подрачја и регионалните агенции, надзор на дивиот свет, обезбедување опрема и зајакнување на врските со заедницата.

   

Директорот на Националната агенција за заштитени подрачја, Замир Дедеј, потврдува дека долгорочните цели резултираат со огромни придобивки како за природните живеалишта, така и за заедниците кои живеат таму. „Бевме сведоци на тоа како заедниците ја променија својата позиција од скептичност за нашите намери кон поддршка за позитивната промена која ја донесовме во нивните подрачја.“ Дедеј објаснува дека сега заедниците разбираат дека нивната активност мора да биде под надзор и дека тоа придонесува за намалување на нелегалните активности како, на пример, нелегалната сеча или ловот. Дополнително, разбрале дека колку подобро се управуваат заштитените паркови, толку повеќе туристи и придобивки ќе има за сите.

Овој позитивен развој се препишува на помошта од ЕУ која пристигнала кога била најпотребна, а Националната агенција за заштитени подрачја станала целосно оперативна во 2016 година. Оттогаш, Албанија доживеала значаен напредок во проширувањето на мрежата заштитени подрачја и го зголемила степенот на имплементација на плановите за управување од 19 % на 53 %. Овие резултати ја охрабриле агенцијата и се надеваат дека соработката со ЕУ ќе продолжи во нова фаза која ќе го намали губитокот на биодиверзитетот, спречувајќи ги еколошките злочини и ќе ги зголеми инвестициите во заштитените подрачја во Албанија.

Велосипедизмот: нов тренд во Подгорица

На велосипед! Денес, невладина организација од Црна Гора ја трансформира моќта на велосипедизмот во тренд, и тоа со поддршка на ЕУ.

Сместена во котлина, со површина од околу 100 километри квадратни, и со медитеранска клима, Подгорица, главниот град на Црна Гора, ги поседува сите елементи потребни за да стане урбано велосипедско засолниште. Меѓутоа, на градот му недостигаше основната инфраструктура за соодветен велосипедизам, сè додека организацијата на масовната граѓанска иницијатива „Biciklo.me“ не го воведе велосипедизмот како популарна култура во градот во 2013 година. „Навистина сакавме да ја претвориме Подгорица во град погоден и безбеден за велосипедизам, а, исто така, сакаме тоа да биде видливо и за луѓето кои сè уште не возат велосипед,“ вели Соња Драговиќ, една од членките во организацијата.

Во пролетта, 2012 година, за првпат се организира настанот „Bike-Up“: преку социјалните медиуми, беа повикани луѓе да се соберат заедно и да го прослават Денот на планетата Земја со заедничко возење велосипед. Интересот инспирира нови иницијативи и, наскоро, малата група велосипедски ентузијасти започна редовни месечни велосипедски тури под мотото „Critical Mass rides“ во Подгорица. На сончев ден, овие велосипедски тури привлекувале неколку стотици велосипедисти од различни годишни возрасти и потекло. Во град со околу 200000 жители и со, скоро, непостоечка велосипедска инфраструктура, ова беше позитивен почеток.

„Во Виена и Копенхаген, научив како да возам велосипед во урбана средина, благодарение на одличната велосипедска инфраструктура која ја развиле овие градови. Кога се вратив во Подгорица, си помислив: „Во ред, морам да си најдам велосипед и да стапам во контакт со луѓето од „Biciklo.me“.“

Имање удел во урбаната подвижност

Соња Драговиќ станала дел од „Biciklo.me“ откако ги завршила постдипломските студии, од доменот на урбаните студии, кои вклучувале студиски престои во Виена и Копенхаген. Претходно, повремено користела велосипед, но за време на студиите започнала да вози велосипед како редовно превозно средство. Во меѓувреме, ја следела организацијата „Biciklo.me“ на социјалните мрежи. „Во Виена и Копенхаген, научив како да возам велосипед во урбана средина, благодарение на одличната велосипедска инфраструктура која ја развиле овие градови. Кога се вратив во Подгорица, си помислив: „Во ред, морам да си најдам велосипед и да стапам во контакт со луѓето од „Biciklo.me“,“ раскажува Соња.

„Biciklo.me“ започнала како бесплатна иницијатива за здружување, инволвирана само во организација на масовни велосипедски тури кои придонесувале за видливоста на велосипедистите во Подгорица. Во 2013 година, се претставила можност за добивање одредено финансирање за подобрување на велосипедските услови, па иницијативата се регистрирала како невладина организација и успешно го имплементирале својот прв проект – поставување на првите соодветни велосипедски рамки за паркирање велосипеди на 18 локации во Подгорица.

Оттогаш, развиле и управувале бројни помали проекти и ги подобриле велосипедските урбани услови. „Во основа, работиме на неколку различни, но поврзани цели: подобрување на инфраструктурната, сообраќајната и политиката поврзана со движењето, како и едуцирање на луѓето за придобивките од одржливата велосипедска подвижност,“ вели Соња.

Мотивирани од успехот на велосипедските рамки за паркирање, следеле и други проекти раководени или иницирани од невладината организација; од воведување на првите велосипедски патеки во главниот град, па сè до првиот урбан план за подвижност во градскиот совет, истражувачки студии за подобрување на транспортот и условите за велосипедизам и креирање на едукативен материјал за учениците во основните и средните училишта.

„Оваа и идната поддршка од ЕУ се особено важни. Не само поради паричните средства, туку заради самиот факт што кога ЕУ поддржува одредена иницијатива, станува многу полесно да се убедат локалните авторитети и тие да постапат на ист начин.“

За проектот

„Biciklo.me“ е поддржан од ЕУ преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан која има за цел да ги зајакне партиципативните демократии и интеграцискиот процес на Западен Балкан во ЕУ преку овозможување на граѓанското општество да заземе активно учество во одлучувачките процеси. Други проекти, финансирани од ЕУ, кои ја поддржуваат организацијата „Biciklo.me“ се: „Организации на граѓански здруженија во Црна Гора – од основни услуги до обликување на политики – „M’BASE“ – финансирани преку инструментот за претпристапна помош (ИПА), проектот „Подобар сообраќај, подобар град“, како и проектот „Подобрување на капацитетите за подобра животна средина во Црна Гора“.

 

ЕУ поддржала четири од овие проекти – студиите за условите на сообраќајот и подвижноста во Подгорица, пишувањето предлози за законски измени, кампањи, во средните училишта, за подигнување на свеста за придобивките од велосипедизмот, како и поставување нови велосипедски рамки за паркирање во три града во северниот дел на државата. „Оваа и идната поддршка од ЕУ се особено важни. Не само поради паричните средства, туку заради самиот факт што кога ЕУ поддржува одредена иницијатива, станува многу полесно да се убедат локалните авторитети и тие да постапат на ист начин,“ вели Соња.

Велосипедски патеки, долги неколку километри, се изградени во Подгорица, и иако квалитетот, дизајнот и нивното одржување би можеле да се подобри, очигледно е дека овој безбеден велосипедски простор привлекува нови велосипедисти и ги охрабрува луѓето да се качат на велосипед.

За Соња, тоа што е важно сега е градот да одреди соодветни процедури за планирање и изградба на велосипедски патеки, како и да инвестира во едукација на градските планери за најновите трендови и најдобри практики за велосипедска инфраструктура. „Колку повеќе велосипедисти има на улиците, толку е подобро за сите. Со оглед на тоа што луѓето кои возат велосипед не користат автомобил, има помалку загадување и врева. Тоа го прави градот поубава средина за сите,“ вели Соња.

Река претворена од опасност во место за уживање

Како проект од ЕУ во соработка со заедницата помогна да се запрат поплавите и да се подобри животот на луѓето во граничниот регион помеѓу Косово и Северна Македонија.

Церница е село, со околу 600 жители, од косовската страна на границата со Северна Македонија. Реката, која го носи истото име, поминува низ центарот на селото и од него прави еден од најубавите предели во регионот, но, исто така, го зголемува и ризикот од поплави.  Фатлум Мехмети од Церница е горд на природната убавина на неговото село и вредните луѓе кои живеат во него, но, додава и дека нивниот живот би бил поубав доколку би можеле да ја избегнат лошата миризба која доаѓа од реката поради отпадните води кои се влеваат во неа, како и штетата која ја предизвикуваат поплавите. „Секоја есен и зима, живееме во страв од можната штета, предизвикана од поплавите, за нашите домови, обработлива земја и живот,“ вели тој.

Проблемот со поплавите не се јавува само во Церница. Целиот граничен регион се соочува со него веќе со децении; а поради климатските промени, зголемена е честотата на поплавите. Само ова лето, преку 60 семејства во регионот биле евакуирани од нивните домови поради поплавите. Немало човечки жртви, но материјалната штета била значајна. Општината Гњилане ја проценува штетата, предизвикана од годинешните поплави, на околу 1,5 милиони евра. Преку 30 домови се непогодни за живот, пет моста се руинирани, а оштетени се декари обработливо земјиште.

„Веќе со години мештаните лобираат кај локалните авторитети и управа за да добијат помош за санирање на речното корито со цел намалување на штетата предизвикана од поплавите.“

Крај на поплавите

Бесим Хазири од јавното претпријатие за водовод во Косово објаснува дека причините за поплавите се од природен карактер, но и со значаен човечки фактор како последица на климатските промени. Меѓутоа, во случајот на Церница и околниот регион, поплавите се резултат на недостаток од соодветна инфраструктура. „Веќе со години мештаните лобираат кај локалните авторитети и управа за да добијат помош за санирање на речното корито со цел намалување на штетата предизвикана од поплавите,“ раскажува Бесим.

Иако сакаат да помогнат, претпријатието и локалните авторитети немаат доволно финансиски средства и експертиза за толку важен проект. Можноста се појавила во 2019 година кога дознале дека можат да добијат помош од програмата на ЕУ за прекугранична соработка за Косово и Северна Македонија. Претпријатието „Hidromorava“ успешно се пријавило заедно со јавното претпријатие „Водовод Куманово“, од градот Куманово, преку границата. Тоа било почеток на проектот наречен „Значајни еколошки и здравствени придобивки во прекуграничниот предел“ кој треба да има долгорочен и позитивен ефект врз животот на локалното население.

Во текот на две години, проектот придонел за значајни инфраструктурни интервенции. Тука спаѓаат реорганизација на речното корито и намалување на загадувањето на почвата преку одвојување на отпадната вода и дождовницата; што значи дека отпадната вода веќе не се влева директно во реката, па затоа исчезнал и лошиот мирис. Дополнително, проектот придонел и за одредени естетски промени преку изградбата на променада по должината на реката, поставување клупи и места за рекреација. Слични подобрувања се направени и од другата страна на границата; во општината Куманово.

„Благодарение на поддршката од ЕУ, веќе не треба да се грижиме за опасноста по нашите животи и имот предизвикана од поплавите секоја зима.“

За проектот

Прекуграничниот проект „Значајни еколошки и здравствени придобивки во прекуграничниот предел“, финансиран од ЕУ, беше започнат во февруари 2020 година, а завршен во октомври 2021 година. Целокупната вредност на проектот е проценета на околу половина милион евра.

За да ја осигура одржливоста, проектот имплементирал и кампања за подигнување на еко-совеста за одржување на чистотата на реката и околното подрачје. Бесим потенцира дека покрај финансиите од ЕУ, размената на прекугранични искуства, идеи и експертиза со колегите од „Водовод Куманово“ имала значајно влијание врз успешноста на проектот исто така.

Фатлум објаснува дека проектот имал големо влијание врз нивните животи. „Благодарение на поддршката од ЕУ, веќе не треба да се грижиме за опасноста по нашите животи и имот предизвикана од поплавите секоја зима,“ вели тој.

Западен Балкан изобилува со можности за органско земјоделство

Проект, финансиран од ЕУ, ги поддржува пчеларите од Северна Македонија да преминат кон органско земјоделство.

Општината Кавадарци се наоѓа во тиквешкиот регион во Северна Македонија. Со помалку од 40000 жители; како и повеќето рурални подрачја во Западен Балкан, општината страда поради миграциите на младите и семејствата кои се населуваат во поголемите градови во потрага по подобар живот. Ваквата миграција е главната мотивација за отпочнување на проектот Инкубатор „Vitac“, финансиран од ЕУ, кој промовира органско пчеларство, бидејќи недостатокот на економски можности е клучната причина за миграција во големите градови.  Златка Милков е една од оние кои досега останале во Кавадарци. Дипломирала земјоделство, но неколку години работела како сметководителка. Во меѓувреме, сопругот на Златка, кој работи како електричар, одгледува пчели. „Никогаш не бев вистински заинтересирана за пчеларството; само му помагав на сопругот при пакувањето на медот кога производот беше целосно готов,“ вели Златка.

Меѓутоа, во 2020, нејзиниот сопруг дознал за програмата која нуди обука за производство на органски мед. Програмата ја обезбедува проектот „Vitac“, а истата е креирана и имплементирана преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ. Златка имала повеќе слободно време затоа што во тој период не работела, па сопругот ја прашал дали би сакала да учествува во програмата. Неволно, прифатила.

„Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен.“

Органско пчеларство, идна бизнис прилика

Обуката траела девет месеци и вклучувала теориски и практични знаења за органско пчеларство. „Научив многу работи, од биологија на пчели, па сè до интересни детали за производството на мед. Секој момент беше забавен и интересен,“ вели Златка.

Во текот на една година, проектот обезбедил поддршка за 15 учесника; вклучувајќи жени и млади од регионот. За време на практичната обука, учесниците креирале 30 органски пчелни колонии кои потоа им биле дадени за да можат да започнат да ги прошируваат нивните бизниси со органски пристап. Оние кои учествувале добиле, исто така, и сертификат за органско пчеларство. Учесниците научиле дека органската храна, вклучително и органскиот мед, се одгледуваат без употреба на човечки направени пестициди и ѓубрива и не содржат генетски модифицирани организми (ГМО). Заради распространетото верување дека органската храна е побезбедна, похранлива и повкусна, им бил даден и пристап до развојниот пазар со висока вредност за органска храна ширум светот.

„Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание.“

За проектот

Главната цел на инкубаторот за органско пчеларство, „Vitac“, е да ја спречи емиграцијата и да придонесе за оживување на руралните заедници во општината Кавадарци. Проектните активности вклучуваат теоретска и практична обука, за целната група, во доменот на производство на органски пчелни производи и пчелни колонии.

Дополнително, преку основаниот информативен центар, земјоделците од општината Кавадарци добиваат бесплатни совети и насоки за претворање на нивното земјоделство во органски вид. Проектот беше имплементиран од Здружението за органски производители „Biovita“, финансирано од програмата на ЕУ „ReLOaD“, а ко-финансирано од Општината Кавадарци.

Билјана Георгиевска, менаџерка на проектот, објаснува дека проектот барал многу напор за да биде соодветно имплементиран, но, исто така, во голема мера, зависел и од посветеноста на учесниците. „Поддршката од ЕУ беше неопходна затоа што општините во регионот располагаат со средства за многу мали проекти. Со поддршката на ЕУ, бевме во можност да имплементираме далеку поголем проект и да ги исполниме потребите на локалната заедница со долготрајно влијание,“ вели таа.

Денес Златка е лидер на семејниот бизнис за пчеларство кој е скоро 100% органски. Во меѓувреме, семејството освоило прва награда за квалитетот на нивниот мед на годишниот натпревар во Тетово. „Размислувам, во блиска иднина, да отвориме продавница за органска храна. Ако успееме во замислата, тогаш, можеби, би можела, во иднина, целосно да се посветам,“ вели Златка.

Рециклирањето во мода во Косово

Затворање на јамката: проект, финансиран од ЕУ, воведува концепт за рециклирање текстил во Косово.

Во Косово е реткост да се налета на канти за селектирање отпад, а рециклирањето е најчеста појава меѓу собирачите на метал, картони или пластичен отпад од контејнерите, кои, потоа, истите ги продаваат. Но, благодарение на невладината организација „Let’s Do It Peja“, собирањето текстилен отпад стана популарно во Пеќ, град во западно Косово. Арба Шеху е млада и посветена еколошка активистка која заедно со своите колеги во невладината рано го идентификувале проблемот и одлучиле да придонесат за изнаоѓање решение. Денес, таа го раководи проектот.

Арба објаснува дека идејата за проектот дошла поради големиот волумен на текстилен отпад; а, притоа, јавните институции не развиваат одржлив начин и систем за негово собирање и управување со него ниту во Пеќ ниту, пак, во остатокот на Косово. Според неа, најголемиот дел од локалниот отпад завршува во легални или нелегални депонии од кои повеќето не ги исполнуваат основните еколошки и здравствени стандарди. „Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово,“ вели Арба.

 

„Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово.“

Создавање мода од отпадоци

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започнал со работа во јануари годинава, со тоа што невладината  поставила пункт за собирање текстил во центарот на градот. На голема радост на проектниот тим, локалните жители позитивно одговараат на повикот за споделување текстилен отпад на пунктовите.

Проектот е заснован на концептот наречен „3R“ (Reduce, Reuse and Recycle – „Редуцирај, реупотреби и рециклирај“). Меѓутоа, покрај еколошкиот придонес, проектот има и економски аспект затоа што отвориле и продавница за облека на старо во која ги продаваат донираните парчиња облека кои се во добра состојба.

Арба верува дека долгорочен придонес е невозможен доколку младите генерации активно не се вклучат. Оттука, според неа и нејзините колеги, образовната компонента на проектот е најважна. Во соработка со уметничкото средно училиште во Пеќ, „Let’s Do It Peja“ отпочнале воннаставен курс за дизајн на кој младите ученици, под менторство на искусни модни дизајнери ангажирани од проектот, работат на дизајнирање и креирање нови парчиња облека од собраниот текстилен отпадок. Арба објаснува дека, за неа, ова е највозбудливиот дел од проектот: „Учениците се навистина посветени и смислуваат интересни и привлечни модели.“

„Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

За проектот

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започна со работа во јануари и ќе заврши во декември 2021. Севкупната мисија на проектот е да поддржи развој на општествени претпријатија во Косово и да го зголеми вработувањето на обесправените групи; главно, жени и млади, преку примена на концептите за циркуларна економија.

Илка Латифи е една од ученичките учеснички во воннаставниот курс започнат од проектот. Таа вели: „Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

Проектот има за цел да биде самоодржлив и да продолжи со активностите дури и по истекување на финансирањето од ЕУ. Невладината организација „Let’s Do It Peja“ во моментов работи на регистрирање и отворање општествено претпријатие со името и концептот „3R“. На овој начин, целат да обезбедат одржливост преку претворање на проектот во претпријатие со долгорочен економски и еколошки придонес за заедницата.

Новото општествено претпријатие планира да вработи персонал кој ќе работи на дизајнирање и шиење на рециклираниот текстил, како и персонал за работа во продавницата за облека на старо. „На овој начин, сакаме да им помогнеме на луѓето во потреба; па, затоа, вработените во општественото претпријатие ќе доаѓаат, главно, од ранливите категории; како што се жените, младите и малцинствата,“ вели Арба.

Водење загаден урбан живот

Организација за животна средина создава податоци за визуелизирање на еден скриен, но очигледен, проблем во градовите во Албанија. Тирана е динамичен град и дом на една третина од населението во Албанија. Со бројка од 0,85 милион жители, која постојано расте, Тирана е збирно место за секој кој е желен за можност за образование или бизнис. Но, градот има ограничена инфраструктура за јавен превоз која ги тера луѓето да возат автомобил, а побарувачката за домување, пак, направи градежната индустрија да биде во вистински подем во текот на последните три децении. Ваквата ситуација го „наплаќа својот данок“ врз квалитетот на животот како резултат на постојаното воздушно загадување. Во држава со малку контролори, Албанците можат само да претпоставуваат за квалитетот на воздухот кој го дишат. Но, веќе докажаната организација за животна средина, „Milieukontakt, сакала да ја промени ситуацијата. Сакале да го измерат загадувањето на многу поголем размер – 500 локации. Истовремено, сакале да инволвираат што е можно повеќе луѓе за да ја подигнат свеста за овој невидлив, но сосема очигледен, еколошки проблем.

„Секој кој живее во Тирана е свесен за слабиот воздушен квалитет, но сега имаме податоци кои го потврдуваат тоа и докажуваат колку, всушност, ситуацијата е лоша.“

„Секој кој живее во Тирана е свесен за слабиот воздушен квалитет, но сега имаме податоци кои го потврдуваат тоа и докажуваат колку, всушност, ситуацијата е лоша,“ вели Арион Сауку, проектен координатор на проектот „Green Lungs“ кој, имено, е првиот проект кој нуди разбирливи податоци поврзани со проблемот. Користејќи алтернативни техники за контрола, проектот го мери загадувањето со подвижни броила на стотици локации низ главниот град. Тука спаѓаат: бурниот центар на градот, местата околу училиштата, како и постојките ширум најдолгите автобуски маршрути во Тирана. Проектот „Green Lungs“ разгледува осум различни параметри за да ги измери загадувачите. „Најголемите воздушни загадувачи се индустриите за транспорт и градежништво. Нивоата кои ги мериме редовно ги надминуваат стандардите на ЕУ, а во одредени случаи се дури три или четирипати повисоки,“ вели Сауку. Во текот на тригодишен период, проектот „Green Lungs“, финансиран од ЕУ, ја проширил својата контрола во трите најголеми градови: Драч, Елбасан и Скадар. Резултатот бил следниот: загадувањето е предизвикано од тоа што најмногу се бара – домување и автомобили. Сè уште нема еколошки стандарди кои се применуваат за градежната индустрија која предизвикува високи нивоа прашина во текот на годината. Во меѓувреме, постојан извор на загадувачи се и нестандардните автомобили кои испуштаат опасни честички при согорувањето гориво. Резултатите покажуваат дека приближно 700000 автомобили се во употреба во државата.  

„Постојат бројни информации, поврзани со трите компоненти, за  носителите на одлуки да можат да реагираат – генериравме податоци, илустриравме мапи и наративи за да ги посочиме жариштата.“

За програмата Проектот „Green Lungs“ дизајнирал и имплементирал алтернативна и сеопфатна платформа за контролирање на воздушниот квалитет, звучното загадување, и евалуација на услугата обезбедена од страна на системот за урбано позеленување. Сево ова беше постигнато со поддршката на ЕУ за зацврстување на меѓусекторската соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, како и развој на капацитетите на Организацијата на граѓанското општество. Овие сектори бараат брза и континуирана интервенција за намалување на воздушното загадување, особено сега кога проблемот може да биде поддржан со разбирливи и бројни податоци. Меѓутоа, проблемот „се прелива“ и кон останатите урбани подрачја во регионот. Нивото на воздушно загадување во Западен Балкан е едно од највисоките во Европа и има директно влијание врз здравјето на граѓаните. Оттука, Европската Унија постави план за дезагадување; вклучувајќи ги водата и почвата, меѓу главните подрачја кои треба да се решат во рамки на Зелената агенда (Green Agenda). Се работи за нова стратегија за раст која има за цел да направи премин од традиционалниот економски модел кон одржлива економија, во согласност со Европскиот зелен договор. Дополнително на мерењата на воздушниот квалитет, алтернативата платформа, создадена од проектот „Green Lungs“, го контролира и звучното загадување предизвикано од човечки фактор, како и урбаниот екосистем за позеленување. „Постојат бројни информации, поврзани со трите компоненти, за  носителите на одлуки да можат да реагираат – генериравме податоци, илустриравме мапи и наративи за да ги посочиме жариштата,“ вели Сауку кој верува дека политиките треба да покриваат повеќе аспекти со цел подобрување на животот на луѓето во големите градови во Албанија. Дотогаш, пионерската работа, во доменот на визуелизирање на проблемот со воздушниот квалитет, е направена. Истовремено, при имплементирањето на проектот, „Green Lungs“ успеале да ги едуцираат младите за овој проблем околу нивното училиште и секојдневното движење. Покрај љубопитните минувачи кои ги забележале стотиците броила во нивните соседства, проектот оставил и незаменлива онлајн податочна база за секој кој сака да го лоцира жариштето на воздушен квалитет во својот град.

Промовирање зелен начин на живот во Косово

„Нека биде зелено“ („Keep It Green“) е волонтерска мрежа која работи на подигнување на свеста за индустриско загадување и други еколошки проблеми во индустрискиот град Обилиќ. На десет минути возење со автомобил од главниот град – Приштина, малечкото гратче Обилиќ е центар на рудната индустрија во Косово. Со околу 6800 жители, Обилиќ е дом на три рудници и две електрани кои го произведуваат поголемиот дел од електричното снабдување на Косово. Ова е регион кој зависи од вработувањето во електраните; околу 5000 луѓе од Обилиќ и соседните села работат во таа индустрија. Неизбежно, рудните и индустриски активности создале и длабока еколошка штета.

„Седевме пиејќи кафе и кога почнавме да зборуваме за [еколошките] проблеми со кои се соочува нашата заедница, сфативме дека мораме да преземеме нешто.“

„Keep it Green“ е младинска организација која работи на подигнување на свеста за еколошки проблеми во Обилиќ и нивните ефекти врз населението. „Околу 30% од луѓето во Обилиќ патат од дишни заболувања,“ Гуџим Клинаку, директор на „Keep it Green“ сведочи за Европскиот фонд за демократија. Тој објаснува како „Keep it Green“ биле инспирирани од разговор во кафуле во 2015 година. Како што Клинаку се присеќава: „Седевме пиејќи кафе и кога почнавме да зборуваме за [еколошките] проблеми со кои се соочува нашата заедница, сфативме дека мораме да преземеме нешто.“ Охрабрување за граѓаните да ја заштитат својата животна средина Шест години подоцна, „Keep it Green“ е мрежа од околу 60-мина кои се фокусираат на проекти за заедницата, охрабрувајќи ги локалните жители да бидат позаинтересирани за зачувувањето на животната средина. Последните неколку години не биле без предизвици, особено земајќи ја предвид тешката економска состојба со која се соочуваат луѓето во овој индустриски регион. „Тешко е да ги натерате луѓето да се грижат за животната средина кога едвај заработуваат за живот,“ признава Клинаку. Во „Keep It Green“ се свесни за оваа реалност, но, сепак, продолжуваат да се залагаат за позелена енергија во Обилиќ. Пред периодот на Ковид-19, организирале неделни протести пред електраната за да ги натераат да го применат Законот за животна средина во Обилиќ. Исто така, организирале и бројни акции за подобрување на градот. Неодамна, волонтерите исчистиле парк и го декорирале со улична уметност за да го направат попријатно место за локалните жители. Исто така, се и на чело на годинешниот „Green Art Fest“ – градски фестивал за подигнување свест за еколошки проблеми. Уште од 2016 година, организацијата работи и со локалните училишта; спроведувајќи работилници под насловот „Намали, реупотреби, рециклирај“ и учејќи ги учениците како да ги намалат отпадоците. „Keep It Green“ се, исто така, активни и преку организирање летни кампови, на тема еколошки проблеми, за млади. Главната цел на овие кампови е да се израсне нова генерација млади лидери за еколошки активизам во Косово. Справување со Ковид-19 Како и други слични организации, „Keep It Green“ смислиле креативни начини за да се адаптираат на пандемијата Ковид-19. Иако работилниците „Намали, реупотреби, рециклирај“ биле подеднакво успешни и во форма на вебинар; морале да го откажат изданието за 2020 година на фестивалот „Green Art Fest“. Ова лето, планираат да го организираат нивниот препознатлив камп за еколошки активизам кој инволвира 20 учесника во тридневен тренинг за подигнување на свеста за еколошки проблеми.

„Ова финансирање пристига во важен момент за нас. Животната средина денес е навистина популарна тема и се надевам дека „зелениот бран“ наскоро ќе пристигне и тука.“

За Европскиот фонд за демократија Европскиот фонд за демократија (ЕФД) е независна организација која нуди грантови, основана во 2013 година од страна на Европската Унија (ЕУ) и земјите членки на ЕУ кои се залагаат за демократија во европското соседство, Западен Балкан, Турција и пошироко. ЕФД ги поддржува организациите на граѓанското општество, про-демократските движења, граѓанските и политички активисти, како и независните медиумски платформи и новинари кои се стремат кон плуралистички и демократски политички систем. Ова е скратена верзија од статијата објавена од страна на Европскиот фонд за демократија. Поддршката од Европскиот фонд за демократија им овозможува во „Keep it Green“ да преминат од операција заснована на волонтерство; која се одржува преку ентузијазам, во постабилна организација со постојан персонал. Исто така, овозможува нивните активности, како, на пример, кампот за подигнување свест, да станат постојани активности; овозможувајќи стратешко планирање и развој. „Ова финансирање пристига во важен момент за нас. Животната средина денес е навистина популарна тема ширум светот и сè повеќе луѓе се инволвираат. Иако, засега, во Косово нештата се помалку развиени, се надевам дека „зелениот бран“ наскоро ќе пристигне и тука,“ вели Клинаку.