Skip to main content

Српски воени доктори и персонал се приклучуваат во Мисијата за воена обука на ЕУ во Сомалија

Шест српски воени доктори и персонал ќе се приклучат во Мисијата за воена обука на ЕУ во Сомалија (EUTMS). Мисијата беше лансирана во 2010 година со цел да се зајакнат федералните сомалиски институции за одбрана преку обуки, менторства и советување. Мисијата има персонал од околу 200 лица од седум земји-членки на ЕУ, плус Србија.

 

Емануеле Жофре, Амбасадорот на ЕУ во Србија, им се заблагодари на српските војници кои се приклучуваат на мисијата и им посака среќа. Тој изјави: „Благодарни и горди сме што можеме да сметаме на Србија во нашите цивилни и воени мисии и операции. Слободата, демократијата и безбедноста имаат висока цена, а српскиот кадар презема клучни улоги кои се суштински за успехот на овие мисии. Војниците на ЕУ ја имаат привилегијата да се чувствуваат безбедно во рацете на српскиот медицински тим. Се надеваме дека нашето партнерство ќе расте и ќе се продлабочува, со што ќе се прошири и глобалната безбедност и стабилност.“

 

Улогата на српскиот медицински контингент во оваа мисија се однесува на лекување, евакуација, снабдување и други функции кои се суштински за одржување на здравјето на воените сили. Тоа вклучува и пружање на прва помош, непосредни мерки за спасување на живот и тријажа. Дополнително, тие ќе придонесат за подобрување на здравјето и благосостојбата на единицата преку советување и насоки за превенција од болести, неборбени повреди и борбен и оперативен стрес.

ЕИБ (EIB) ги поддржа босанските МСП со 20 милиони долари

Европската инвестициска банка (EIB), банката на Европската унија, потпиша заем од 20 милиони долари преку својата нова филијала EIB Global. Со помош на банката Интеза Санпаоло (Intesa Sanpaolo Banka) во Босна и Херцеговина, заемот има за цел да поттикне вработување на млади лица, родова еднаквост и социјално инклузивни практики во малите и средните претпријатија (МСП), како и во компании со средна пазарна капитализација помеѓу 2 милиони и 10 милиони евра.

 

Овие средства ќе ѝ овозможат на Интеза Санпаоло (Intesa Sanpaolo) во БиХ да дава заеми на локални компании кои се посветени на подобрување на општественото влијание од нивните бизниси и на создавање долгорочни можности за лидерство и вработување на жени, млади луѓе и други сегменти од населението кои се соочуваат со поголеми бариери за влез на пазарот на трудот.

 

Овој иновативен заем вклучува и механизам за наградување базиран на перформанси за компаниите кои исполнуваат специфични критериуми за креирање можности за лидерство, вработување и професионален развој за жени, млади луѓе и ранливи групи (на пр. лица со попреченост, бегалци итн.) Во склоп на овој план за стимулација, сите компании што ќе го искористат финансирањето од ЕИБ (EIB) ќе добијат конкретни општествени цели, приспособени за нивните компании. Компаниите кои ќе ги исполнат целите ќе добијат финансиска награда еднаква на нивото на општествено влијание кое го постигнале.

 

Механизмот за наградување ќе биде финансиран со грант во висина од 3,3 милиони евра од фондот на Иницијативата за економска отпорност (Economic Resilience Initiative Fund) на ЕИБ (EIB), чија намена е да се зголеми бројката на нови работни места и да се постигне одржлив и инклузивен раст на приватниот сектор. Сеопфатна програма за техничка поддршка ќе биде креирана со цел да се поддржи имплементацијата на проектот и постигнувањето на целите со општествено влијание кои ќе бидат договорени со МСП и компаниите со средна пазарна капитализација.

 

Ова ќе биде шеста соработка помеѓу ЕИБ (EIB) и Интеза Санпаоло (Intesa Sanpaolo) во БиХ наменета за поддршка на приватниот сектор во БиХ со што досега се распределени преку 238 милиони евра за поддршка на 339 компании. Досега ЕИБ (EIB) има обезбедено 860 милиони евра за приватниот сектор во Босна и Херцеговина со што се овозможи одржување на близу 100.000 работни места.

Нови програми за магистерски студии во Erasmus Mundus каталогот

Дваесет и седум нови Еразмус Мундус (Erasmus Mundus) здружени програми за магистерски студии ќе овозможат пристап до стипендии на студенти од Западен Балкан и други места во светот. Ова се првите програми под Еразмус+ (Erasmus+) за 2021-2027.

 

Првиот прием на студенти ќе започне оваа година и овие новоизбрани програми опфаќаат повеќе од 170 програми достапни во Еразмус Мундус каталогот (Erasmus Mundus catalogue). Речиси 127 милиони евра се инвестирани во овие нови програми кои поддржуваат повеќе од 2.000 стипендии за студенти од целиот свет. Еразмус Мундус здружените програми за магистерски студии се достапни веќе 17 години и во овој период повеќе од 28.000 студенти од 195 држави добија стипендија за студирање во 566 програми.

 

Здружените програми ја спојуваат најдобрата настава од различни универзитети, често преку комбинирање на различни факултети и дисциплини. Студентите следат настава на два или повеќе партнерски универзитети во период од две години. Најголем дел од нив добиваат и ангажман во некоја компанија или организација со цел да се стекнат со практично искуство. На овој начин студентите дипломираат со вистинските вештини и меѓународни вредности кои ги подготвуваат за кариера како практичари, администратори или истражувачи во клучни и/или тесно дефинирани сектори.

Започна изградбата на далноводот Северна Македонија-Албанија

На 17 февруари започна изградбата на 400 кV далновод кој тргнува од „Битола 2“ трансформаторската станица и ги поврзува електропреносните системи на Северна Македонија и Албанија. Проектот има исклучителна регионална, стратешка и капитална вредност бидејќи го заокружува процесот на поврзување на Северна Македонија со електропреносните системи на сите соседни земји, како дополнување на петте постоечки 400 kV интерконекции кои се веќе оперативни – две конекции со Грција и по една со Бугарија, Косово и Србија.  
Овој далновод е дел од поголем капитален проект од 50 милиони евра наменет за реализација на интерконекцијата Северна Македонија-Албанија, вклучувајќи ја и изградбата на трансформаторската станица близу Охрид која започна во август, како и проширувањето на „Битола 2“ 400/110 kVтрансформаторската станица. Во контекст на целиот синџир на електрична енергија исток-запад, интерконекцијата Битола-Елбасан е клучната алка за преносот на електрична енергија од Бугарија преку Северна Македонија и Албанија до Италија.  
Новиот далновод ќе обезбеди подобро и поевтино снабдување со електрична енергија за жителите и бизнисите во Северна Македонија преку нормализирање на напонските нивоа, стабилизирање на протокот на оптоварување и фреквенциски флуктуации, како и намалување на техничките загуби во целокупниот преносен систем. Овој проект на Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework) се очекува да биде комплетиран во 2023.

Иднината на Европа на мурал

Делегацијата на Европската унија во Србија во соработка со „Њу момент њу идеас компани“ и во партнерство со Советот за култура на Нови Сад и фондацијата „Нови Сад 2022“, ги кани уметниците да се пријават на „Нацртај ми ја иднината на Европа“ (Paint Me the Future of Europe). Иницијативата на Нови Сад, овогодинешната европска престолнина на културата, е немента за уметници кои треба да се на возраст меѓу 18 и 35 години и да се жители на Србија, Западен Балкан или на Европа.  
Преку муралот и активнoто учество во други културни активности во Нови Сад, избраните уметници ќе го демонстрираат својот креативен квалитет, нивната способност да се осврнат на општествено значајни теми и нивната визија за заедничка иднина на европскиот континент. Заинтересираните уметници треба да пополнат формулар, да поднесат кратка биографија, портфолио, како и скица од нивната визија на темата futureofeurope.newmoment.com. На веб-страницата ќе можат да се информираат за деталите поврзани со пријавувањето на иницијативата, како и за настаните за подготовка и изработка на муралот.  
Конкурсот е отворен до 18 март. Ќе бидат избрани осум уметници кои заедно ќе сликаат на ѕид на Петроварадинската тврдина за време на нивниот престој во Нови Сад, од 18 април до 9 мај. Муралот официјално ќе биде промовиран во рамки на одбележувањето на Денот на Европа на 9 мај. на Осум

Дванаесет селски куќи предадени на корисниците на RHP во Србија

Имотните листови за 12 селски куќи им беа врачени на бегалски семејства во општина Врбас во Србија. Куќите се купени во рамки на Регионалната програма за домување (Regional Housing Programme – RHP) во Србија.

 

Заблагодарувајќи им се на сите чинителите на RHP за нејзината нова куќа, Мирјана Шишиќ изјави „Куќата има нова дрвенарија. Пред куќата има клупа каде што ќе седам кога ќе биде убаво времето. Позади куќата има прекрасна градина каде што ќе засадам зеленчук и цвеќиња. Во куќата може да се живее и тоа е сѐ што ми треба.“

 

На настанот на врачување на имотните листови присуствуваа претставници на општината заедно со Немања Старовиќ, државен секретар во Министерството за надворешни работи, Дерек Џорџ,  заменик шеф за соработка во Амбасадата на Швајцарија во Србија, Владимир Цуциќ, српски комесар за бегалци и миграција и Виолета Самарџиќ, претставничка на УНХЦР. Тие ја искористија можноста да ја посетат зградата на RHP во Врбас каде што во моментов се градат 14 станови.

 

Европската унија е најголемиот донатор на Регионалната програма за домување, а други клучни донатори се Германија, Италија, Норвешка, Швајцарија и Соединетите американски држави.

Креативна Европа објави повик за проекти за европска соработка за 2022 година

Европската комисија во февруари објави повик за предлози во рамки на линијата култура на програмата Креативна Европа за поддршка на проекти за европска соработка. Со овој повик, Европската комисија ги поддржува професионалците од културниот и креативниот сектор преку широк спектар на активности и иницијативи.

 

Акцијата ги интегрира меѓусекторските прашања за инклузивност, заштита на животната средина и родовата еднаквост, како и тематските приоритети релевантни за the New European Bauhaus.

 

Со буџет од 68 милиони евра, акцијата ќе поттикнува соработка меѓу организациите од креативниот сектор. Целите на повикот се зајакнување на транснационалното творештво, овозможување на движењето на европските дела и уметници, како и негување на таленти. На тој начин ги поддржува иновациите, напредокот, креирањето на работни места и економскиот раст.

 

Градење на капацитетите или активности за обуки во секторите за културно наследство, музика, книги и издаваштво, архитектура, мода и дизајн, како и културен туризам се приоритетите во оваа рунда на акции. Проектите можат исто така да се фокусираат на развој на публиката, социјална инклузија, одржливост, дигитализација или развој на меѓународни врски за професионалци во културата.

RYCO и ЕУ ги прославуваат успесите на поддржаните проекти во Албанија

Регионалната канцеларија за младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office (RYCO) организираше завршен онлајн настан во рамки на својот проект поддржан од ЕУ – „Подобрување на младинската соработка и младинската размена во WB6 во Тирана на 3 февруари. На настанот беа презентирани резултатите од два проекти од Албанија кои беа поддржани во рамките на четвртиот отворен повик на RYCO за предлог проекти. Во воведното обраќање,  Шефот на локалната подружница на RYCO во Албанија, Крешник Лока, зборуваше за тоа како младите уште еднаш ја потврдиле својата посветеност и интерес за запознавање и работа со своите врсници од регионот и нагласи дека овој проект го отворил патот за одржлива соработка не само меѓу младите туку и за граѓанското општество во регионот.
 
Проектите поддржани од RYCO и ЕУ во рамки на четвртиот отворен повик во Западен Балкан се насочени кон помирување и регионална младинска соработка, како и зајакнување на капацитетите на граѓанското општество за прилагодување кон Ковид-19 реалноста. Проектите беа имплементирани од февруари до октомври 2021 година.  
Во фазата за пријавување примени се 129 апликации со кои се креирани 400 партнерства во регионот. Вкупниот финансиски пакет на повикот изнесуваше 333.000 евра.

RCC ги промовираше наградите „Жени претприемачи на годината од Западен Балкан“

Советот за регионална соработка (RCC) ја започна иницијативата „Жени претприемачи на годината од Западен Балкан“ за да им оддаде почит на жените кои започнале и развиле сопствен бизнис и придонеле за отворање на нови и оддржливи работни места за други жени и мажи од регионот.

 

Конкурсот опфаќа шест категории: зелена жена претприемач, креативна жена претприемач, жена претприемач за туризам и угостителство, жена претприемач Ромка, старт-ап жена претприемач и млада жена претприемач. Номинациите ќе бидат отворени до 4 март.

 

Победничките кои ќе бидат избрани од жирито ќе бидат објавени на Регионалната конференција за жени претприемачи од Западен Балкан на 11 март во Тирана. Победничките исто така ќе имаат можност да ги претстават своите бизниси на настанот.

 

Шесте жени претприемачи од Западен Балкан за 2021 година ќе добијат до 20 дена менторство во период од 5 месеци, членство и статус на придонесувач во Регионалниот центар за жени претприемачи, промоција преку комуникациските канали на RCC, како и покана за разни настани во организација на RCC за презентација на нивните успешни приказни.

 

Оваа иницијатива се организира како дел од Акцискиот план за заеднички регионален пазар (CommonRegional Market Action Plan 2021-2024 и Агендата на RCC за економско зајакнување на жените (RCC WomenEconomic Empowerment Agenda). Проектот е ко-финансиран од Европската унија.

500.000 евра грант од ЕИБ за обезбедување одржлива урбана мобилност во Ниш, Србија

Европската инвестициска банка (ЕИБ), заемодавателот на ЕУ, потпиша договор со градот Ниш во Србија за да ја финансира подготовката на план за одржлива урбана мобилност, овозможувајќи му на градот да донесе информирани одлуки за инвестиции во својата транспортната мрежа. Земајќи ги во предвид постојните патни мрежи, развојните трендови и целите за стратешко планирање на општината, планот за одржлива урбана мобилност ќе помогне да се осигура дека инвестициите се оптимизирани да обезбедат ефикасна, безбедна и погодна мобилност што е помалку зависна од јаглерод. Техничката помош ќе му овозможи на градот Ниш да ги истражи можностите што се создаваат со идното пренасочување на товарниот сообраќај од постоечкиот меѓуградски железнички коридор што минува низ градот.

 

Планот за одржлива урбана мобилност и инвестициите што ќе ги генерира ќе му помогнат на Ниш да расте, а со поддршката од висококвалитетна, добро интегрирана транспортна мрежа ќе се зголеми привлечноста на градот како добро место за живеење и инвестирање. Техничката помош е обезбедена во рамките на Team Europe и заедничката иницијатива за финансирање урбани проекти помеѓу ЕИБ и Agence Française de Développement (AFD), основана за поддршка на амбициозни проекти за урбан развој.