Skip to main content

ЕУ и Европската банка за реконструкција и развој со поддршка за малите бизниси во Албанија

Малите и средни бизниси во Албанија ќе можат да користат финансирање овозможено преку Европската банка за реконструкција и развој (European Bank for Reconstruction and Development (EBRD)); кофинансирани преку стимулативни грантови од ЕУ.

 

Банката обезбедува заем, во висина од 3 милиони евра, за ProCredit Bank во Албанија, а ЕУ овозможува 450000 евра во форма на стимулативни грантови за поддршка на инвестиции во локални претпријатија кои имаат за цел да ја подобрат конкурентноста. Повеќе од половина од износот на заемот ќе биде наменет за финансирање инвестиции во зелена технологија и енергетска ефикасност.

 

Заемот ќе ја подобри достапноста на финансирање за малите и средни претпријатија и ќе ги поддржи во моменталната економска ситуација во која се соочуваат со растечки трошоци. Малите и средни претпријатија ќе можат да се пријават за средства наменети за инвестиција во надоградба или проширување на нивните производствени капацитети, нова опрема и операции. Претпријатијата, исто така, ќе добијат можност за инвестирање за постигнување на стандардите на ЕУ во домени како еколошка заштита, безбедност на работниците, квалитет и безбедност на производи; помагајќи им, на овој начин, да достигнат повисок степен на конкурентност.

 

Малите и средни претпријатија кои ќе земат учество во програмата, можат да се пријават за стимулативен грант во висина од 15% од вредноста на заемот.

 

Овие аранжмани се дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средни претпријатија во Западен Балкан; кофинансирана од ЕУ. Иницијативата се фокусира на подобрување на оперативните и производствени стандарди на малите претпријатија со цел да бидат конкурентни на локалниот пазар, како и на пазарот на ЕУ.

Отворање на 21-вото издание на Докуфест

Меѓународниот фестивал за документарен и краткометражен филм, „Докуфест“, го отвори своето 21-во издание со проекција на филмот „Fire of Love“ на американската режисерка Сара Доса. Преку 250 документарни и краткометражни филмови од целиот свет ќе бидат прикажани неделава во Призрен. Покрај проекциите, посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на активности како работилници, мастер часови и дискусии.

 

Секоја година, овој најголем филмски фестивал во Косово ги полни кино салите и импровизирани локации за проекција ширум историскиот центар на Призрен со селекција од преку 200 избрани филмови од секаде низ светот. Основан со цел заживување на кинематографскиот и културен живот во Призрен, „Докуфест“ прерасна во еден од најзначајните фестивали на документарен и краткометражен филм во Југоисточна Европа, а од 2019 година е и „BAFTA“ квалификуван фестивал за краткометражни филмови. Фестивалот е кофинансиран од Европската Унија.

 

Годинешната тема на фестивалот е „како да се преживее?“ и ќе биде покриена од различни агли; како, на пример, климатски промени, физичко преживување и војната во Украина.

„EIB Global“ во посета на Црна Гора

Делегација од Европската инвестициска банка (ЕИБ), банката на ЕУ, и неодамна воспоставената експозитура за развој – „EIB Global“, се состанаа со владата на Црна Гора, во Подгорица, на 29. јули. Нивната цел беше одредување нови проекти и продолжување на успешната соработка за забрзување на општествениот и економски развој на државата; како и пристапот кон ЕУ.

 

Предводена од вршителот на должност извршен директор Маркус Берндт, делегацијата на „EIB Global“ се состана со премиерот на Црна Гора – Дритан Абазовиќ, заменик премиерите Јована Маровиќ и Ервин Ибрахимовиќ; како и министерот за финансии – Александар Дамјановиќ. Заедно дискутираа за приликите за инвестирање во Црна Гора овозможени преку Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан; како и за начините на коишто „EIB Global“ може да ја поддржи Црна Гора во привлекувањето нови фондови овозможени преку оваа и други програми на ЕУ.

 

Од 2020 година, „EIB Global“ и Фондот за инвестиции и развој на Црна Гора овозможија 150 милиони евра во форма на поволни заеми за зацврстување на пост-пандемиското закрепнување и декарбонизација на економијата на Црна Гора. Соработката на „EIB Global“ со Фондот за инвестиции и развој на Црна Гора им помогна на малите и средни претпријатија побрзо да закрепнат од пандемијата и ја поддржаа транзицијата на Црна Гора кон циркуларна, зелена, одржлива и општествено праведна економија.

Младите европски амбасадори учествуваат на форумот „So Keres Europa?!“ во Тирана, Албанија

„So Keres Europa?!“ (на ромски јазик или во превод „Како е, Европо?!“) е меѓународен еднонеделен форум, дел од активностите во склоп на Тирана – европска престолнина на младите, кој пречека преку 150 млади, вклучително и младите европски амбасадори; од цела Европа, Западен Балкан и Турција, кои заедно учествуваа во серија работилници. Меѓу учесниците имаше Роми и не-Роми, кои зедоа учество во работилници со фокус на човечки права и права на малцинства во Европа, интерсекционалност, уметности и култура, промоција на младински прашања и отпор на Ромите, во Тирана од 11. до 17. јули.

 

По една недела исполнета со работилници, форумот кулминираше со јавен настан – Меѓународен ромски младински фестивал; на којшто групите ги презентираа резултатите од нивната работа и претставниците на Европската младинска престолнина, владини претставници и државни политичари кои имаа прилика, заедно со оние од ширум Европа, да се исправат за различноста и инклузија на сите млади.

 

Домаќини на настанот беа „Roma Active Albania“ и Тирана – европска престолнина на младите, а форумот беше кофинансиран од ЕУ, ЕРАЗМУС+ и Тирана – европска престолнина на младите 2022.

Младите европски амбасадори го одбележуваат Меморијалниот ден на ромскиот холокауст

Од 2010 година, младите Роми и не-Роми се собираат заедно, секоја година, на 2. август, за одбележување на Меморијалниот ден на ромскиот холокауст. Годинава, меѓународната младинска мрежа на Роми „Ternype“ обедини околу 150 млади, од ширум Европа, во Краков и Аушвиц-Биркенау во уникатен младински настан насловен „Dikh he na bister“ („Гледај и не заборавај“). Оваа година, младата европска амбасадорка од Албанија – Олта Шеху, беше дел од настанот.

 

Настанот е дел од иницијативата за одбележување на геноцидот на Ромите; која има за цел подигнување на свеста на младите Европејци, граѓанското општество и носителите на одлуки, за геноцидот на Ромите, како и за механизмите на антициганизмот во денешниот предизвикувачки контекст на растечки расизам, говор на омраза и екстремизам во Европа. Меѓу другото, настанот цели и кон градење на капацитетите на младинските активисти и младинските организации; мотивирајќи ги да земат активно учество во промоција на образованието за сеќавање, на локално, државно и меѓународно ниво. Со оваа иницијатива, ромската младина се залага за официјално признавање на 2. август како Меморијален ден на ромскиот холокауст.

 

Покрај собирањето на 2. август, образовниот настан во Краков вклучува и други активности кои се организирани во петдневна програма во чии рамки Олта и млади од многу други држави ќе имаат можност да научат за Холокаустот, антициганизмот, како и човековите права денес.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа на млади активисти од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија).

Завршен мостот Градишка со придонес на грант од ЕУ во вредност од 3,2 милиони евра

Завршувањето на работите на прекуграничниот мост во Градишка, еден од најзначајните проекти на реката Сава; поврзувајќи ги БиХ и Хрватска, беше одбележано на 29. јули. ЕУ ја кофинансираше изградбата на мостот со 3,2 милиони евра во форма на грантови; надополнети со 5,6 милиони евра поволен заем од Европската инвестициска банка.  
Мостот, долг 430 метри, го поврзува автопатот 2А во БиХ со експресниот автопат во Хрватска; чија изградба е во тек и кој ќе се протега од границата со БиХ, преку Окучани, па сè до границата со Унгарија. Заедно со граничниот премин, мостот ќе овозможи поврзување со тран-европската мрежа на коридорот „Vc“ и ќе претставува значајна пресвртница за локалната економија.  
Кога ќе биде отворен за транспорт, мостот Градишка значајно ќе го намали времето на чекање на границата и ќе придонесе за побрзо и побезбедно патување за бизнисите и граѓаните од БиХ и регионот; водејќи до зголемен развој и нови можности за вработување. Проектот е важен чекор кон интеграцијата на Западен Балкан во Агендата за поврзување на ЕУ; наменета за подобрување на инфраструктурните врски во регионот.  
Ова е вториот прекуграничен мост преку реката Сава, кофинансиран од ЕУ во БиХ. Минатата година беа отворени мост, автопат и прекуграничен премин во Свилај за кои ЕУ обезбеди 25 милиони евра во форма на грантови.  
Досега, ЕУ издвои 640 милиони евра, преку грантови, за 19 проекти во БиХ во доменот на транспортниот сектор; вклучително и неколку секции на коридорот „Vc“; но, исто така, и железнички пруги, водни патишта и пристаништа. Државата во значителна мера извлече полза од Агендата за поврзување на ЕУ, а сега и од Економскиот инвестициски план.

ЕУ ја усвојува програмата ИПАРД III за Црна Гора

Европската комисија ја усвои програмата ИПАРД III за Црна Гора, вредна 63 милиони евра, за периодот 2021 – 2027. Придобивките од оваа програма беа презентирани пред општата јавност за време на церемонијата организирана од винаријата „Patrimonio“; корисник на програмата ИПАРД во Бобија, Цетиње.  
Моментално, Црна Гора ги користи преостанатите средства од програмата ИПАРД II, кои формално можат да бидат употребени до крајот на 2023 година, па затоа средствата од новата ИПАРД III програма ќе бидат употребени по овој рок. Во нејзиното обраќање, амбасадорката на ЕУ во Црна Гора – Оана Кристина Попа ги спомна инвестициите на ЕУ, преку 250 на број, во доменот на земјоделството, преку програмата ИПАРД II.  
„Особено сум среќна што денес го прославуваме усвојувањето на програмата ИПАРД III. Земјоделското и прехранбено-преработувачко производство во Црна Гора треба да биде адаптирано и подобрено за да може да биде конкурентно на европскиот пазар кога државата ќе стане членка на ЕУ. Нашата ИПАРД програма ви дава дополнителна можност да го зголемите земјоделското производство, намалувајќи ја, притоа, зависноста од внес на храна. Ги охрабрувам земјоделците и земјоделските преработувачи во Црна Гора максимално да ја искористат програмата ИПАРД II, како и новата програма ИПАРД III. Истовремено, го охрабрувам и министерството за подготовка за навремена имплементација на нови мерки за ИПАРД III; покажувајќи дека добро управува со средствата и барањата на ЕУ,“ изјави амбасадорката на ЕУ во Црна Гора – Оана Кристина Попа.

Реновирање на приемниот центар за мигранти „Бориќи“ благодарение на ЕУ

На 21. јули, беше свечено отворен ново реновираниот центар за прием на мигранти „Бориќи“ во Бихаќ. Реконструкцијата на фасадата чинеше над 200000 босански конвертибилни марки, а целосното реновирање, како и трошоците за привремениот приемен центар, во износ од повеќе од 1 милион евра, беа финансирани од ЕУ.

 

Градот Бихаќ започна со вдомување мигранти и семејства бегалци со деца во декември 2018 година. Оттогаш, поранешниот студентски дом „Бориќи“ е пренаменет во приемен центар за семејства со деца, непридружени и раздвоени деца и останати ранливи мигранти. Зградата е обележје за граѓаните на Бихаќ и реновирањето значи дека кога зградата нема веќе де биде потребна за вдомување мигранти, истата ќе му биде вратена на градот во подобра состојба од претходната.

 

ЕУ обезбеди финансиска и техничка помош вредна над 100 милиони евра за поддршка на властите во БиХ за обезбедување адекватна помош за мигрантите, барателите на азил и бегалците. Приемниот центар „Бориќи“ моментално вдомува 243 мигранти; особено семејства со деца од Авганистан, Бурунди и Куба.

Проектот „EU4AGRI“, поддржан од ЕУ, објавува нов јавен повик

Проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, објави јавен повик за грантови за поддршка на воведување стандарди и сертификација во земјоделското и прехранбено производство.   
Во рамките на овој повик, ЕУ ќе ги поддржи бизнис ентитетите во земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ; и тоа во воведување одредени стандарди во нивните операции или обезбедување сертификација за нивните производи, услуги или производствени процеси. Повикот цели кон зајакнување на земјоделските и прехранбени индустрии, подобрување на квалитетот, хигиената, следење и безбедност на храната, зголемување на конкурентноста и олеснување на пристапот до пазари.  
Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија, занаетчии/претприемачи и кооперативи ангажирани во производство или преработка на земјоделски производи за човечка прехрана и здруженија на произведувачи или преработувачи за групна сертификација.
 
Целосниот износ на овој повик е во висина од 1 милион босански конвертибилни марки; додека, пак, средствата по апликација можат да варираат од 5000 до 50000 босански конвертибилни марки, со задолжително кофинансирање во висина од 30% од вкупната вредност на трошоците на проектот.
 

Младите европски амбасадори се среќаваат со оркестарот на млади од Западен Балкан

На 19. јули, група млади европски амбасадори од Косово го посетија оркестарот на млади од Западен Балкан за време на нивната крајна подготвителна сесија пред концертот во Приштина. Групата беше составена од Амина Каја, Десантила Муриќи, Ерис Цунаку и Јора Зенели. Младите европски амбасадори имаа прилика да разговараат со членовите на оркестарот на млади од Западен Балкан за мрежата на млади европски амбасадори и можности за соработка.

 

Оркестарот на млади од Западен Балкан е иницијатива на „Artium Eudora“, невладина организација со седиште во Приштина, која ја промовира уметноста како алатка за индивидуален и општествен развој. Оркестарот беше за првпат на турнеја во октомври 2021 година, а во мај 2022 година свиреше на Денот на Европа во Нови Сад. По концертот во Приштина, оркестарот ја продолжи својата турнеја во Скопје и Нови Сад; на 26. јули ќе гостува во Мостар, а на 28. јули во Котор. Во август, младите музичари ќе гостуваат пред германска публика со концерти во Ахен, Берлин, Есен, Касел и Кенигсвинтер.

 

Турнејата на оркестарот на млади од Западен Балкан, во 2022 година, беше реализирана со поддршка од Генералниот директорат на ЕУ за проширување и соседство, делегацијата на ЕУ во Косово и Северна Македонија, неколку Ротари клубови од регионот Ахен, „Engagement Global“, министерствата за надворешни работи на Германија и Луксембург, амбасадата на Република Чешка во Косово и Австрискиот културен форум во Србија.