Skip to main content

Фондот „Green for Growth“ („Зелено за раст“) ја подобрува енергетската и ресурсна ефикасност на бизнисите и домаќинствата во Косово

Фондот „Green for Growth“ („Зелено за раст“) овозможи субординиран заем, во вредност од 7 милиони евра, за неговиот партнер „BKT Kosovo“. Приходите ќе ја зајакната базата на капитал на банката и ќе ѝ овозможат на „BTK Kosovo“ да ја зголеми својата енергетска и ресурсна ефикасност за заеми, во полуурбаните подрачја во Косово, наменети за микро, мали и средни претпријатија, приватни индивидуи, како и проекти од доменот на обновливи енергии.

 

Овој инструмент има за цел зајакнување на капацитетите на банката за унапредување на одржливо и долгорочно „зелено“ финансирање. Инвестицијата, се очекува, да придонесе за намалување на емисиите на CO2 во износ од 4800 тони годишно; како и првична годишна енергетска заштеда од 21800 мегавати. Ова претставува еквивалент на избегнување емисии стакленички гасови од преку 1000 патнички возила, управувани на бензин, во текот на една година. Покрај инструментот, „BKT Kosovo“ ќе добие техничка помош, во согласност со иницијативата „Deep Greening“ („Длабоко раззеленување“) која цели кон одржливост на клучните бизнис операции на „BKT“, подобрување на нивните еколошки и општествени системи за менаџмент, како и зајакнување на капацитетите за „зелено“ позајмување.

Инфраструктурно финансирање од ЕУ за нова автопатска делница во Република Српска

Првата завршена делница од автопатот долж коридорот Vc во Република Српска (РС), која води од Јоховац до Руданка, беше отворена со церемонија на која присуствуваа српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Мирослав Додик, претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ, како и други владини претставници на РС, од претпријатието Аутопутеви РС, Европската банка за обнова и развој (EBRD) и од канцеларијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.  
Делницата долга 6,1 км беше завршена благодарение на грантот од ЕУ од 15 милиони евра, кој овозможи дополнително финансирање во форма на поволни заеми од ЕБОР (ЕBRD) вредни речиси 70 милиони евра. Делницата Јоховац до Руданка обезбедува директно поврзување на автопатот Бања Лука – Добој и постоечката магистрала М17 во Босна и Херцеговина. Таа ги дополнува двете други делници, Вукосавље – Јоховац и Руданка  – Путниково Брдо кои ги гради Аутопутеви РС. Брзината на движење на патниците и товарот на оваа делница ќе се зголеми од 60 км/ч до 100 и 120 км/ч.  
Покрај побрзото и побезбедно патување, проектите за автопати долж коридорот Vc поддржани од ЕУ, обезбедуваат и економски придобивки преку поддршка на поврзувањето во Западен Балкан, како и  меѓу Западен Балкан и единствениот пазар на ЕУ кој е најголемата економска област во светот. Властите и даночните обврзници продолжуваат да ја уживаат користа која ја обезбедуваат многу поволните финансиски услови кои се нудат за инфраструктурни проекти во Босна и Херцеговина поддржани од ЕУ.

Објавени победниците на „Балкатон 3.0“

Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council (RCC)) ги претстави победниците  на „Балкатон 3.0“, третиот онлајн натпревар за најдобри дигитални решенија на Западен Балкан. Победниците вклучуваат учесници од сите шест земји од Западен Балкан. На натпреварот годинава беа пријавени околу 60 тимови од цел Западен Балкан. Дванаесет тимови дојдоа до финалето, седум од нив предводени од девојчиња, составени од 37 членови од кои 18 девојчиња.

 

На церемонијата за доделување на наградите во Приштина, Јоханес Стенбаек-Мадсен, Шефот за соработка на Европската унија во Косово изјави „Балкатон е една од многуте работи што ги поддржува ЕУ со прекрасна визија дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде членка на Европската унија.“

 

Близу 250 учесници во изминатите две години беа дел од магијата на Балкатон, се натпреваруваа, ги поместуваа границите и креативно размислуваа. Девет продукти од претходните победници на Балкатон се веќе развиени и пласирани, а тој број во скоро време ќе порасне на 15.

Отворен нов јавен повик EU4AGRI-Recovery

Како дел од проектот EU4AGRI-Recovery, финансиран од Европската унија, објавен е јавен повик за грантови за поддршка на унапредувањето на ефикасноста на индустриските ресурси и на циркуларните синџири на вредности во земјоделско-прехранбениот сектор.

 

Со овој јавен повик, Европската унија ќе ги поддржи земјоделско-прехранбените деловни субјекти кои сакаат да го насочат своето работење кон ефикасно и почисто производство преку зелени, дигитални и циркуларни бизнис модели со цел да постигнат одржливо земјоделство, контролирана употреба на природните ресурси и воведување на добри практики. На повикот може да се пријават занаетчии, самостојни претприемачи, задруги и микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи или со примарно земјоделско производство, а кои се регистрирани најмалку една година пред датумот на овој повик.

 

Вкупната сума која е на располагање за овој повик е 2,8 милиони конвертибилни марки (КМ), а средствата за поддршка по пријава се движат од 20,000 до 80,000 КМ. Апликантите треба да кофинансираат 15% од вкупната вредност на признаените проектни трошоци.

 

„The European Union’s Support to Recovery and Resilience of Agriculture and Rural Development in Bosnia and Herzegovina“ (Поддршка на Европската унија за закрепнување и отпорност на земјоделскиот и руралниот развој во Босна и Херцеговина), EU4AGRI-Recovery, е иницијатива која трае две и пол години и која има за цел да ја поддржи Босна и Херцеговина во ублажувањето на економските ефекти од Ковид-19 пандемијата врз земјоделско-прехранбените претпријатија и врз операторите за рурален туризам, како и во обезбедувањето на континуитет во нивното работење.

ЕУ започна кампања за поттикнување на поголема излезност на гласачите на претстојните избори во БиХ

Европската унија во Босна и Херцеговина започна кампања насловена „Сѐ започнува со избор“ со цел да ги охрабри и мотивира граѓаните на Босна и Херцеговина да го остварат своето демократско право на глас на претстојните избори во октомври.

 

Почетокот на кампањата беше означен со улични акции под наслов „Да избираш е лесно“ пред ББИ центарот во Сараево, во паркот „Петар Кочиќ“ во Бања Лука и пред Мепас мол-от во Мостар. Случајни минувачи од сите три града беа поканети да учествуваат во наградна игра со тоа што ќе влезат во кабините за гласање и ќе направат едноставен избор, на пример помеѓу модни артикли, туристички дестинации во БиХ или надежни музичари. Нагласувајќи колку е лесно да се гласа во замена за симболична награда, акцијата имаше за цел да ја истакне вредноста на гласањето за нешто многу повредно –  влог во иднината на земјата.

 

Кампањата исто така ќе опфати и изјави за тоа колку е важно да се излезе на гласање. Изјавите се од истакнати личности како кошаркарската ѕвезда Јусуф Нуркиќ. Тие ќе бидат дел од кампањата заедно со други активности насочени кон зголемување на вклученоста на јавноста и подигање на свеста за вредноста на остварувањето на демократското право на глас.

Кампањата ќе трае до изборите кои се закажани во октомври.

Босна и Херцеговина стана членка на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ

На 6. септември Босна и Херцеговина стана полноправна членка на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија (EU Civil Protection Mechanism) – европска мрежа за солидарност за помош на земји погодени од катастрофи. Јанез Ленарчиќ, Еврокомесарот за управување со кризи, допатува во Сараево за потпишување на договорот за членство во име на Европската унија.

 

Босна и Херцеговина веќе го користи Механизмот за цивилна заштита на ЕУ како земја-приемач, но сега како полноправна членка преку механизмот ќе може активно да пружа помош онаму каде што е потребна.

 

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ има за цел да ја зајакне соработката во полето на цивилна заштита меѓу 27-те земји членки и седумте земји учеснички (Исланд, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Србија, Турција, а отсега и Босна и Херцеговина) за превенција, подготвеност и одговорот на природни и други катастрофи. Членството на Босна и Херцеговина во механизмот ќе допринесе во подобра регионална подготвеност на Европа за справување со кризни состојби и во зајакнување на капацитетите за спасување.

Поддршка на ЕУ за 16-тото издание на „Guitar Art Summer“ во Црна Гора

Еден од најдобрите акустични гитаристи во светот, Томи Емануел, и најдобриот гитарист на Балканот, Влатко Стефановски, го отворија 16-тото издание на „Guitar Art Summer“ месецов, во Канли Кула, Херцег Нови. Томи Емануел не го скри задоволството од настапот на убавата сцена во Канли Кула; потенцирајќи колку е среќен што, повторно, настапува на отворено; по долга пауза заради пандемијата со Коронавирус. Во меѓувреме, легендарниот гитарист Влатко Стефановски, кој по вторпат учествува на фестивалот, изјави дека го обожава Херцег Нови; каде што често настапува.

 

За време на фестивалот беа организирани седум бесплатни концерти на Музичкиот плоштад во стариот град; како и изложба за гитарска визуелна уметност во галеријата „Sue Ryder“ на Белависта. Петдневниот гитарски спектакл беше поддржан од ЕУ во Црна Гора, и други спонзори; вклучувајќи ги Министерството за култура и медиуми, општината Херцег Нови и училиштето за основно музичко образование.

Клара Шоваговиќ и Јосип Лукиќ ја освојуваат наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм

Младите хрватски режисери Клара Шоваговиќ и Јосипа Лукиќ ја освоија наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм на 28-иот филмски фестивал Сараево со нивниот филм „It’s Not Cold for Mosquitoes“. Наградата, чиј патрон е Регионалниот совет за соработка, беше претставена на завршната церемонија на фестивалот.

 

Наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм, поддржана од Регионалниот совет за соработка, цели кон промоција на студентски филмови од регионалните училишта, факултети и академии за филм. Со оваа секција од програмата за натпревар, филмскиот фестивал Сараево нуди нова платформа за обучување талентирани филмски професионалци на почетокот од нивните кариери. Фокусот е ставен на играни филмови, документарци и анимирани филмови; со времетраење до 60 минути, создадени во рамки на образовниот процес во регионалните училишта за филм.

 

Регионалниот совет за соработка ја спонзорира наградата „Срце на Сараево“ за најдобар студентски филм, во рамки на филмскиот фестивал Сараево, уште од неговото отворање во 2017 година. Први лауреати на наградата се: Александру Миронеску (Романија) за „Summer Planning“ во 2001 година; Зејнеп Дилан Сурен (Турција) за „The Great Istanbul Depression“ во 2020 година, Никола Стојановиќ (Србија) за „Sherbet“ во 2019 година, Хајни Кис (Унгарија) за „Last call“ во 2018 година и Невен Самарџиќ (БиХ) за „Clean“ во 2017 година.

Младите европски амбасадори присуствуваат на филмскиот фестивал Сараево

Во август, Сараево беше центар на регионот поради 28-то издание на филмскиот фестивал Сараево. Годинава, за првпат, младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) присуствуваа, исто така, на настанот; како дел од програмата Ден за човекови права.

 

Во програмата зедоа учество 11 млади европски амбасадори; заедно со волонтери од Институтот за младински развој „КУЛТ“ од БиХ. Заедно гледаа посебна селекција филмови и присуствуваа на предавања и работилници водени од експерти во доменот на човекови права и ангажирана уметност; беа во посета на релевантни институции и зедоа учество во панел-дискусии со учесници од младинската програма која се занимава со минатото.

 

Во текот на пет дена, младите европски амбасадори имаа прилика да гледаат филмови од реномирани режисери; како Ари Фолман и Јозеф Пиерсон; слушаа приказни и искуства од најпознатиот босански воен репортер, Аида Черкез, или лидерот на невладината организација „Forgotten Children of War“ („Заборавени деца на војната“), Ања Јусиќ; но, исто така, разговараа и со амбасадорот на ЕУ, Јохан Сатлер, и амбасадорот на Кралството Холандија, Јан Валтманс. Програмата примени спој од уметност; главно филм, и академска и активистичка работа, со цел поставување на прашањето: кому му припаѓаат човековите права денес?

Младите европски амбасадори заземаат активна улога во фестивалот „EXIT“

Во рамки на овогодинешниот фестивал „EXIT“ во Нови Сад, Србија, младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) организираа и зедоа учество во серија активности со цел промоција на вредностите на ЕУ; запознавајќи други култури и придонесувајќи за дискусија за важни современи теми.

 

Првиот фестивалски ден беше посветен на запознавање на нивните врсници од Западен Балкан и остатокот од Европа, разменување идеи, споделување искуства и ставови. Младите европски амбасадори имаа прилика да ги информираат посетителите за тоа што нуди ЕУ и за нејзините политики. Меѓу интервјуираните посетители имаше членови на организациите на граѓанското општество и останати активисти за општествени и еколошки прашања.

 

Според посетителите, клучните теми за кои ЕУ би требало да се ангажира се рециклирањето, побројни можности за вработување за дипломците, борба против глобалното затоплување и употреба на нуклеарна енергија, права на имигрантите, важноста за посвојување деца во хомосексуалните бракови, и животната средина – особено јаглеродното согорување во ЕУ и спонзорирањето иновации за креирање обновлива енергија. Севкупното мислење беше дека граѓаните можат и треба да делуваат поактивно во решавањето на овие прашања; вклучително и во придонесот за зголемување на инклузијата на ранливите општествени групи, изјаснувајќи се за кршењето на човековите права и, општо, преку поголема општествена активност.

 

Посетителите споделија иницијативи и во секојдневниот живот, но, исто така, и за време на фестивалот „EXIT“, за зачувување на животната средина. Дел од активностите кои ги предложија вклучуваат волонтирање за расчистување на парковите и соседствата, како и едукација на децата во училиштата за можните начини за рециклирање.

 

Првите асоцијации поврзани со ЕУ вклучуваат демократски политики, мир, еднаквост, правда, човекови права, и фондови на ЕУ наменети за уметниците. Повеќето од интервјуираните изјавија дека веќе учествувале во образовните програми на ЕУ или, пак, познаваат некој кој учествувал во нив. Тука спаѓаат сесиите на Европскиот младински парламент на коишто се дискутира за проблемите со кои се соочува младината во Европа, ЕРАЗМУС+ проекти и останати проекти поврзани со уметници и култура, финансирани од ЕУ.

 

На крајот од интервјуата, учесниците им поделија пораки на младите од Западен Балкан за иднината на ЕУ. Три од најважните беа:

 

„Биди учтив кон природата, постарите и децата, бидејќи секој цени учтив гест“, „Европската Унија беше создадена за зачувување на мирот во Европа; особено помеѓу Франција и Германија. Иднината на Унијата е спречување на војни како таа во Украина“, „ЕУ донира многу финансиски средства; искористи ги“.

 

Во текот на четирите дена поминати на тврдината Петроварадин, уживајќи во одлична музика и разноликост, младите европски амбасадори уште еднаш покажаа дека вредностите на ЕУ се хумани вредности, дека Западен Балкан е дел од културата на ЕУ и дека ЕУ не претставува само иднина на регионот, туку и негова сегашност.