
„Поврзување бисери“ – здружување на прекуграничните општини преку природа и туризам
Богата природа и културно наследство се заеднички особености на граничниот регион помеѓу Северна Македонија и Србија. Осоговските планини и планинскиот масив Кукавица околу границите на општините Крива Паланка и Лесковац поседуваат исклучителни природни пејзажи. Изобилството диви капини, малини, печурки, лековити тревки и вкусна традиционална храна како качамак (палента) се дополнителни задоволства за посетителите на регионот.
Бројните можности за уживање во природните, културни и историски локалитети нудат прилики за развивање најразлични видови туризам кои ја задоволуваат љубопитноста на некој посетител. Меѓутоа, туристичкиот потенцијал не беше познат во регионот ниту, пак, меѓународно. Затоа, општините Лесковац и Крива Паланка одлучија да ги здружат силите и, со поддршка од ЕУ, да ја направат оваа дестинација препознатлива по својата туристичка понуда преку започнување заеднички проект за прекугранична соработка.
„Љубителите на планини од околноста редовно го посетуваат регионот. Но, постоеше очигледен недостаток на инфраструктура за пристапување до некои од најубавите места, така што малкумина надвор од регионот знаеја дека таква прекрасна убавина постои во Лесковац и Крива Паланка.“
Маја Коциќ е проектен менаџер од градот Лесковац во Србија. Како една од задолжените за развивање на проектот, објаснува дека потребата од оваа иницијатива била очигледна. „Љубителите на планини од околноста редовно го посетуваат регионот. Но, постоеше очигледен недостаток на инфраструктура за пристапување до некои од најубавите места, така што малкумина надвор од регионот знаеја дека таква прекрасна убавина постои во Лесковац и Крива Паланка,“ вели Маја.
Околината која го поврзува прекуграничниот регион е убава како бисер, па, оттука, градовите одлучиле проектот да го наречат „Поврзување бисери“. Проектот вклучува низа активности и интервенции. Најпрво, партнерите организирале работилници за олеснување на соработката помеѓу туристичките организации на двете страни од границата. Работилниците вклучиле десет организации кои формирале прекугранична работна група за идни акции.
Потоа, проектот се концентрирал на неопходните интервенции од помал размер. На двете страни од границата, проектот придонел за развивање патишта и пешачки патеки, градење детски игралишта и викендички, како и поставување клупи, соларно осветлување, информациски паноа и канти за отпад.
Дополнително, проектот организирал и промотивни настани насловени „зелени викенди“, кои обединиле значаен број луѓе; вклучувајќи музика, дегустација на традиционална храна и планински тури.
„Како резултат на проектот „Поврзување бисери“, имаме значаен пораст на бројот посетители од цела Србија, а очекуваме подеднакво ист пораст и на бројот меѓународни посетители.“
Маја објаснува дека влијанието на проектот е видливо и реално и ќе биде уште поизразено во наредните месеци и години. „Како резултат на проектот „Поврзување бисери“, имаме значаен пораст на бројот посетители од цела Србија, а очекуваме подеднакво ист пораст и на бројот меѓународни посетители,“ вели Маја.
Таа објаснува дека прекуграничната димензија на проектот значително придонела за квалитетот на влијанието. „Извлековме полза од размената на идеи, перспективи и вештини за управување со општината Крива Паланка од Северна Македонија и, наскоро, ќе соработуваме на уште еден заеднички проект.”