Skip to main content

Area of Cooperation: Climate action

Поранешен рудник трансформиран во првата соларна централа во Северна Македонија

Поддршка на ЕУ за диверзификација на енергетски извори.

Над гребените и грмушките во една долина се издига оџакот на стара термоцентрала. Се работи за електраната на јаглен „Осломеј“, во Кичево, Северна Македонија; која беше изградена во 1980-тите и претставуваше гордост на Република Македонија. Низ децениите што следеа, работата во термоелектроцентралата се намали сè додека не останаа само неколку работници ветерани кои си заминуваа со автобус на крајот од смената. Електраната со капацитет од 125 MW се одржуваше на минимален погон; главно, како резерва во случај на проблеми на некое друго место во системот. Меѓутоа, тоа што се случува во околината е возбудлив развој кој ќе ѝ помогне на Северна Македонија одлучно да се придвижи кон декарбонизација.

Државите во Западен Балкан се сè уште, во значајна мера, зависни од јаглен; особено лигнит. Во 2016 година, 16 од електраните на јаглен, ширум Западен Балкан, испуштаа толкава количина сулфурен диоксид колку сите 250 електрани во ЕУ. Во Северна Македонија, сè до 2018 година, приближно половина од енергијата се добиваше од јаглен и државата беше зависна од фосилни горива. Имаше две термоелектроцентрали кои користеа лигнит – „РЕК Осломеј“ во Кичево и „РЕК Битола“, а Скопје беше најзагадената престолнина во Европа.

„Оваа електрана е пример за декарбонизација и транзиција кон обновливи извори енергија, како во Северна Македонија, така и во регионот. Се работи за првата електрана изградена на поранешно наоѓалиште за јаглен во Западен Балкан.“

Но, Северна Македонија сакаше да ги диверзифицира своите енергетски извори и да го прочисти воздухот; па, така, денес оваа амбиција станува реалност. Првата соларна централа од големи размери во државата, „Осломеј 1“, беше финансирана со поддршка на ЕУ, билатерални донатори на Инвестициската рамка Западен Балкан и Европската банка за реконструкција и развој, така што денес е поврзана со мрежата и произведува чиста електрична енергија.

Централата со капацитет од 10 MW е изградена на поранешниот рудник за лигнит „Осломеј“. Европската банка за реконструкција и развој обезбеди заем во висина од 5,9 милиони евра; а проектот, вреден 8,7 милиони евра, вклучува заем од 1,6 милиони евра од Инвестициската рамка Западен Балкан. „Оваа електрана е пример за декарбонизација и транзиција кон обновливи извори енергија, како во Северна Македонија, така и во регионот. Се работи за првата електрана изградена на поранешно наоѓалиште за јаглен во Западен Балкан,“ вели Александар Стефановски, инженер за нови технологии при Електрани Северна Македонија.

„Има иднина во зелената енергија. Ја гледаме позитивната страна затоа што оваа инвестиција треба да обезбеди трајно и сигурно вработување за работниците; бидејќи овие електроцентрали траат од 25 до 35 години и претставуваат сигурно место за некој кој сака да достигне старост за пензија и да ужива во работна сигурност.“

За проектот

Во февруари 2022 година, Европската комисија го објави инвестицискиот пакет, вреден 3,2 милијарди евра, за поддршка на 21 проект во доменот на транспортна, дигитална, климатска и енергетска поврзаност во Западен Балкан. Ова е првиот позначаен пакет проекти во рамки на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан; кој Комисијата го усвои во октомври 2020 година, а проектите се дизајнирани со цел да донесат видливи придобивки за шесте партнерски држави во регионот. Соларната електрана „Осломеј 1“ е еден од овие 21 водечки проекти, избран за финансирање од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан во 2022 година. Проектот е идентификуван како „Водечки проект 4 – Обновлива енергија“ во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан 2021 – 2027 од ЕУ.

Проектот предвидува изградба на втора фотоволтаична електрана, „Осломеј 2“, како продолжение на постоечката. Втората електрана ќе има капацитет од 10 MW. Заедно, двете електрани ќе произведуваат енергија за 5000 домаќинства во Кичево и регионот. „Има иднина во зелената енергија. Ја гледаме позитивната страна затоа што оваа инвестиција треба да обезбеди трајно и безбедно вработување за работниците; бидејќи овие електроцентрали траат од 25 до 35 години и претставуваат сигурно место за некој кој сака да достигне старост за пензија и да ужива во работна сигурност,“ вели Чедомир Арсовски, раководител на сектор за развој и инвестиции при „РЕК Осломеј“.

Се планираат дополнителни инвестиции во соларни електрани во Северна Македонија. Инвестициската рамка Западен Балкан веќе одобри финансии за продолжување на електраната „Осломеј 2“ и изградба на нова електрана во Битола со комбиниран целосен капацитет од 30 MW. ЕУ ја поддржува оваа инвестиција со инвестициски грант од 5,1 милиони евра.

Младите европски амбасадори се приклучуваат на акција за чистење во Косово

На 16. септември, младите европски амбасадори им се придружија на Канцеларијата на ЕУ во Косово и „ГИЗ“ Косово кои ја организираа акцијата за чистење на Езерото Бадовац; како дел од годинешниот Европски ден за чистење на плажите. Останати официјални партнери на акцијата за чистење беа „ПАМКОС“ (Здружение за еколошка заштита и чистење во Косово) и регионалната компанија за отпад „Pastrimi“. Вкупно, беа собрани повеќе од 200 вреќи отпад како дел од иницијативата. Со оглед на тоа што Езерото Бадовац има огромно значење за жителите на Приштина, бидејќи претставува главен извор на вода за пиење; беше особено важно да се испрати порака за тоа како езерото да се одржува без отпад додека, на него, се поминува време за одмор и релаксација.

 

Потоа, активностите на Европскиот ден за чистење на плажите продолжија во „Europe House“ Косово; каде 30 млади европски амбасадори од Западен Балкан имаа жива дебата на тема за еколошките проблеми во Западен Балкан со еколошки специјалисти од ЕУ; и Мирка Ниќи, млада екологистка и инфлуенсерка од Косово. Младите европски амбасадори од ширум Западен Балкан ги споделија своите лични идеи за мали, но значајни, чекори кои можат да се преземат за постигнување позитивна разлика и поддршка за чиста околина. Примерите вклучија чистење и намалување на отпадот во заедниците, изработка на кратки видеа за подигнување на свеста за еколошка заштита, како и промоција на алтернативни превозни средства.

 

Европскиот ден за чистење на плажите е глобална иницијатива за заштита на океанот, коорганизирана од ЕУ и ОН, заедно со Штрумфовите. Настанот зазема место секоја година, во септември, за време на Светскиот ден за чистење на крајбрежјата, и е особено значаен за подигнување на свеста за еколошки проблеми. Во 2022 година, кампањата на петтото издание на Европскиот ден за чистење на плажите беше насочена кон младите во склоп на Европската година на младите. Во рамки на сеопфатната тема „Обединети против морскиот отпад“, наредната генерација работи, рамо до рамо, со меѓународни организации, национални лидери и невладини организации за борба против овој проблем.

Сончева енергија ја осветлува иднината на една босанска компанија

Една од најголемите соларни централи во регионот, за снабдување на сопствените потреби на компанија за прехранбени производи од БиХ, е отворена со поддршка на ЕУ.

„Мади“, со седиште во Тешањ, е една од малкуте компании кои имаат дозвола да извезуваат пилешко месо во ЕУ. Компанијата е основана во 1989 година, а во 2000 година го отвориле својот прв погон за преработка на пилешко месо. До 2015 година, ја отвориле и најголемата и најсовремена пилешка кланица во регионот; со капацитет од 6000 бројлери на час и 24 милиони птици годишно. Денес важат за лидер на пазарот во БиХ.

Меѓутоа, пандемијата КОВИД-19 имаше негативен ефект врз „Мади“, иако е една од најуспешните компании во БиХ. Компанијата се соочи со проблеми во доменот на набавки и мораше да ги прегледа своите расходи за да заштеди таму каде што е возможно. За да се справат со проблемот, управата одлучи да формира работна група за оптимизација на расходите.

“Отсекогаш бевме свесни дека електричната енергија е нашиот најголем трошок. Една од првите работи кои ги анализиравме беше како да ги намалиме трошоците за енергија. По детално истражување, заклучивме дека поставување соларна централа би било најдоброто решение.“

Мирел Дедукиќ бил назначен како раководител на работната група. Објаснува дека еден од најголемите расходи била електричната енергија. „Отсекогаш бевме свесни дека електричната енергија е нашиот најголем трошок. Една од првите работи кои ги анализиравме беше како да ги намалиме трошоците за енергија.“

Мирел знаел дека најголемата потреба за енергија на компанијата се јавува за време на летото; период кога соларните панели би достигнале максимален производствен капацитет. „По детално истражување, заклучивме дека поставување соларна централа би било најдоброто решение,“ објаснува тој. На тој начин, компанијата се впуштила во инвестирање единствено од овој вид во БиХ.

Додека компанијата „Мади“ работела на својата студија за изводливост за инвестирање во соларна централа, програмата „EU4AGRI“, финансирана од ЕУ, објавила повик за предлози. Повикот ги вклучувал компаниите од месната индустрија. „Нашиот проект беше скоро готов и, за нас, беше лесно да се пријавиме на повикот,“ вели Мирел.

Со кофинансирањето од програмата „EU4AGRI“, компанијата „Мади“ поставила сопствена соларна централа со капацитет од 1000 киловати. Централата била поставена во три производствени хали, опфаќајќи површина од над 5500 метри квадратни. Целосниот годишен капацитет на централата е 1,147 мегавати на час, со што се покриваат околу 15 % од електричната потрошувачка на компанијата. Дополнително, во 2021 поставиле и уште една соларна централа со капацитет од 1000 киловати, така што, сега, преку 30 % од нивната електрична енергија доаѓа од обновливи извори.

„Навистина сме горди што со овој проект придонесовме за заштита на средината. Дополнително, ги намаливме нашите расходи и достигнавме самоодржливост во доставата на електрична енергија.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) насочена кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор во БиХ; создавајќи нови работни места, задржување на веќе постоечките, како и закрепнување од кризата КОВИД-19. Целосната вредност на проектот е преку 20,25 милиони евра; главно финансирани од ЕУ, во заедничка имплементација и ко-финансирање со Чешката агенција за развој и Програмата за развој на ОН во БиХ.

Проектот „EU4AGRI“ досега поддржал земјоделци и претпријатија од БиХ со 45 инвестиции во вредност од околу 5,5 милиони евра; од кои преку 3,2 милиони евра се финансирани од ЕУ.

Според Мирел, енергијата произведена од нивната соларна централа претставува намалување на повеќе од 1800000 килограми загадување од јаглероден диоксид или еквивалент на заштеда од 600000 литри дизел или 800 тони јаглен. „Навистина сме горди што со овој проект придонесовме за заштита на средината. Дополнително, ги намаливме нашите расходи и достигнавме самоодржливост во доставата на електрична енергија,“ вели Мирел.

Планот за „Мади“ за иднината е компанијата да остане најголемата месна индустрија во БиХ; преку континуирано инвестирање во човечки ресурси и модерна технологија. Дополнително, отвориле нова компанија – „Mipower d.o.o.“, која целосно се фокусира на производство и трговија со електрична енергија. Исто така, планираат да инсталираат соларни панели со капацитет од минимум 10 мегавати.

Производство на грицки со сончева енергија

Претпријатие од БиХ стана приближно целосно енергетски независно преку инсталирање соларни панели со поддршка на ЕУ.

Претпријатието „Voćar“, од Брчко, беше основано пред 30 години. Во босанскиот јазик, името на компанијата означува „одгледувач на овошје“, а „семето“ на претпријатието било засадено од Авдо Мусиќ пред многу децении. Тој бил еден од најголемите производители на сливи во регионот кои ги продавал на локалните пазари. Во 1989 година, кога социјалистичка Југославија започнала економски да се либерализира, а на граѓаните им било дозволено да отворат приватни претпријатија, неговиот син, Мехо, одлучил да го издигне бизнисот и официјално го регистрирал и отворил претпријатието „Voćar“. Денес, „Voćar“ произведува широка палета грицки; од наполитанки и колачиња, па сè до пуканки и путер од кикиритки. Слоганот на претпријатието е „За подобар вкус на животот!“.

Денес, претпријатието го раководи внукот на Авдо, Есед Мусиќ. Есед објаснува дека патувањето од одгледување сливи до производство на грицки било предизвикувачко. За време на војната во БиХ, семејството, како и многу други семејства, за малку ќе загубело сè; а кога војната завршила, морале да започнат скоро од почеток. Во тој момент помислиле дека би можеле да ја прошират палетата производи. „Во тоа време скоро и да немаше производство во БиХ: сè беше увезено од странство. Одеднаш, се отвори голем пазар, па одлучивме да ја искористиме приликата и да се фокусираме на замена за увезените производи,“ вели Есед.

„Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој.“

По војната, започнале само со пет работници, а денес „Voćar“ има 60 постојано вработени работници и бројни надворешни соработници кои извлекуваат полза од соработката со претпријатието. По 30 години, претпријатието произведува повеќе од 100 различни производи кои ги нудат на своите клиенти во БиХ, но, исто така, и во САД, Австралија, земјите во ЕУ и други.

Меѓутоа, пандемијата имаше влијание врз операциите на претпријатието како и врз глобалната економија. Есед раскажува дека за време на кризата започнале да размислуваат за тоа како би можеле сериозно да ги намалат трошоците за да можат да останат профитабилни. Првиот трошок на кој помислиле била сметката за електрична енергија, но секоја инвестиција била скапа, а во дадените околности, обидот за таква инвестиција делувал непрактичен.

Но, во 2021 година, со помош на проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, долгогодишниот сон се остварил за претпријатието „Voćar“, бидејќи добиле можност да инвестираат во систем соларни панели кој им овозможил да задоволат 65 % од нивната целосна потреба за електрична енергија. „Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој,“ вели Есед.

„Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) која цели кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор, креирање нови работни места, како и задржување на веќе постоечките преку поддршка за закрепнување од кризата КОВИД-19 во БиХ. Целосната вредност на проектот, финансиран од ЕУ, изнесува 20,25 милиони евра; а истиот е заеднички имплементиран и кофинансиран од страна на Агенцијата за развој на Република Чешка и Програмата за развој на Обединетите Нации во БиХ.

Досега, проектот „EU4AGRI“ ги поддржа земјоделците и претприемачите во БиХ со 45 инвестиции, вредни 5,5 милиони евра; од кои 3,2 милиони евра беа финансирани од ЕУ.

„Соларните панели беа поставени на покривот на нашите простории за производство и складирање кои беа идеални во поглед на локација и форма на покривот,“ објаснува Есед. „Нашата соларна електрана зафаќа 1000 метри квадратни и произведува 150 киловати електрична енергија; која има огромно влијание врз нашата енергетска независност.“ Трошоците за изградба на соларната електрана беа околу 83000 евра; од кои околу 54000 евра беа обезбедени преку проектот „EU4AGRI“, а околу 29000 евра од страна на претпријатието „Voćar“.

Додатна вредност на проектот е намалувањето на емисијата јаглероден диоксид (CO2) на претпријатието за, приближно, 76 %; намалувајќи го, на овој начин, и нејзиното негативно влијание врз животната средина. Како што Есед вели: „Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

Досегашните резултати беа поттик за „Voćar“ да ги задоволи своите потреби за електрична енергија единствено од обновливи извори во претстојниот период. Есед објаснува: „Имаме уште достапни површини на покривите кои ги исполнуваат критериумите за инсталирање соларни електрани и сакаме да достигнеме 100 % енергетска независност. На овој начин, дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина.“

Борење против загадувањето преку границата

Прекуграничните општини во Северна Македонија и Србија ги здружуваат силите во борба против загадувањето

Граничните места Липково, во Северна Македонија, и Прешево, во Србија, се две општини со малобројно население: Липково со 13000, а Прешево со 27000 жители. Со оглед на тоа што поголемиот дел од нивното население живее во рурални подрачја; двете општини делат заедничка култура, традиции, економски систем и цврсти семејни и пријателски врски. Меѓутоа, споделуваат и заеднички проблем: високо ниво на загаденост поради незаконските депонии. Во општината Прешево има 11 незаконски депонии, а во Липково седум.

И двете општини имаат систем за собирање отпад организиран преку јавни претпријатија. Но, овие претпријатија не можат целосно да ги покријат потребите на нивните општини. Претпријатието „Pisha“ во Липково, покрива десет села од вкупно дваесет и две населени места во договорената зона за собирање отпад; додека, пак, претпријатието „Moravica“, на српската страна, покрива единаесет села од вкупно триесет и четири населени во општината. Растечкиот проблем на села кои не се опслужени не можел да биде решен на општинско ниво поради недостатокот на средства и координација, па двете општини одлучиле да побараат надворешна поддршка за решавање на проблемот.

„Бројот на луѓе со заразни болести беше особено висок во споредба со малата големина на општините, и беше очигледно дека една од главните причини се незаконските депонии и загадената средина.“

Здружени сили за подобра средина

Александар Гумберовски е проектен менаџер на општината Липково. Тој објаснува дека според официјалните податоци, добиени од регионалната болница во Врање, бројот на лица со заразни болести во општината Прешево бил 20 во 2017 година, 30 во 2018 година и 35 во првата половина од 2019 година. На другата страна од границата, во Липково, бројот на лица со заразни болести бил 23 во 2017 година, 38 во 2018 година и 42 во првата половина од 2019 година; прикажувајќи континуиран пораст на заразените. „Бројот на луѓе со заразни болести беше особено висок во споредба со малата големина на општините, и беше очигледно дека една од главните причини се незаконските депонии и загадената средина,“ вели Александар.

Поради, нивната, претежно, рурална економија и големина, ниту една од општините не поседува доволно средства за соодветно да ги покрие услугите за своите жители, и затоа не биле во можност да обезбедат услуга за собирање отпад за сите жители. Но, со оглед на тоа што општината Липково има добро искуство со поддршка од донатори; ги здружиле силите со соседната општина Прешево, на српската страна од границата, и одлучиле да се пријават за финансирање од ЕУ со цел решавање на проблемот.

Заедно развија проект наречен „Помалку отпад, помалку ризик, повеќе здравје“ и добија поддршка од Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Србија; финансирана од ЕУ. Преку проектот, набавија два камиона за собирање отпад, 20 поголеми контејнери за отпад и преку 1700 помали канти кои ги доставиле низ домаќинствата во регионот.

„Овие општини се неразвиени и има недостаток на средства во скоро секој сектор. Оттука, поддршката на ЕУ е значајна за решавање на нашите проблеми; понекогаш дури и најосновните.“

За проектот

Проектот за прекугранична соработка, „Помалку отпад, помалку ризик, повеќе здравје“, финансиран од ЕУ, започна на почетокот од 2021 година и ќе трае до крајот на 2022 година. Целосната вредност на проектот е преку 250000 евра; а околу 85 % од средствата се обезбедени од ЕУ. Клучните цели на проектот вклучуваат: зголемување на капацитетите за управување со човечки создадени ризици и штети поврзани со складирање цврст отпад и заштита на средината, зголемување на капацитетот и подобрување на пристапот на институциите кон услугите за организирано собирање отпад, подигнување свест меѓу локалното население за последиците од загадувањето и ублажување на заразните болести.

Покрај поддршката со опрема, проектот отпочнал и кампања за подигнување на свеста, со летоци и видеа; со цел промена на навиките на жителите кон средината, охрабрувајќи ги да ги користат ново набавените канти за нивниот отпад.

Ова не е првиот проект, финансиран од ЕУ, кој општината Липково го користи. Александар објаснува дека затоа што општината е, исто така, на граница со Бугарија и Косово; имала прилика да биде дел и од нивните прекугранични програми за соработка. „Овие општини се неразвиени и има недостаток на средства во скоро секој сектор. Оттука, поддршката на ЕУ е значајна за решавање на нашите проблеми; понекогаш дури и најосновните,“ вели тој.

Искуство со дивиот свет отворено за бизнис

Со поддршка од ЕУ, прекуграничниот простор помеѓу Црна Гора и Србија е подготвен за пречек на туристи љубители на природата.

Пред пандемијата, Црна Гора имаше околу два милиона посетители годишно и преку седум милиони ноќевања во годината; што може да се смета како успех за држава со население од само 600000 жители. Посетителите се, главно, фокусирани на прекрасните крајбрежни региони за време на летниот одмор или скијачките центри во северот. Но, Црна Гора има и други возбудливи туристички можности, од аспект на дивиот свет, особено во северо-источниот дел кој граничи со Србија и кој е недоволно истражен. Центарот за заштита и истражување на птици („CZIP“), невладина организација од Подгорица, заедно со партнери од Црна Гора и Србија, работи во насока на отворање на регионот како дестинација за љубителите на дивиот свет.

Глобално, дивиот свет и набљудувањето птици станаа особено популарна туристичка активност; признаена како значајна туристичка пазарна ниша. Меѓутоа, како последица на оддалеченоста на овој предел и слабите транспортни врски, туристичката инфраструктура е недоразвиена, иако се работи за локација каде што се наоѓаат четири национални паркови.

„Со оглед на тоа што има огромен потенцијал за туристички развој, но, истовремено, и потреба за поддршка, одлучивме да преземеме акција за отворање на овој бајковит предел за посетителите.“

Задоволување на потребата за туристички развој

Лејла Абдиќ е еколошки активист и проектен менаџер во Центарот за заштита и истражување на птици. Објаснува дека заедно со своите колеги се свесни дека регионот е недоволно развиен во насока на туристичка инфраструктура и активности на отворено. „Со оглед на тоа што има огромен потенцијал за туристички развој, но, истовремено, и потреба за поддршка, одлучивме да преземеме акција за отворање на овој бајковит предел за посетителите,“ вели Лејла.

Со оваа цел, се пријавиле за повикот за прекугранична соработка помеѓу Црна Гора и Србија, финансиран од ЕУ, и добиле средства за отпочнување на така наречениот проект „Hoo“ (Создавање искуства со бувови и дивиот свет). Со оглед на тоа што птичјата популација е особено богата во регионот, главниот фокус на проектот бил насочен на активности поврзани со набљудување птици и мотивирање на локалното население за ангажирање во бизниси поврзани со туризам во доменот на дивиот свет; како и брендирање и промоција на туристички производи кои биле развиени како дел од проектот.

„Регионот има уникатни богатства, во доменот на дивиот свет, кои сè уште не се истражени, но, наскоро, ќе бидат локално и меѓународно промовирани со цел посетителите да можат да уживаат во нив.“

За проектот

Проектот „Hoo“ (Создавање искуства со бувови и дивиот свет) започна во февруари 2021 година. Главната цел на проектот е охрабрување туризам заснован на природното богатство и дивиот свет во прекуграничниот регион помеѓу Србија и Црна Гора. Целосната вредност на проектот е 262029 евра, а предвиденото времетраење на истиот е 24 месеци. Проектот предвидува, меѓу другото, основање на две патеки за туризам поврзан со дивиот свет, обука на туристички водичи за дивиот свет, набљудување птици и студиски посети, како и основање дигитална платформа за промоција на дивиот свет во регионот.

Лејла објаснува дека проектниот простор има што да понуди за туристите љубители на природата: бувовите, на пример, имаат посебна харизма која може да претставува возбудливо туристичко искуство. Но, овој регион е, исто така, дом и на други привлечни птици; како што се златните и царски орли, белоглавите мршојадци, дивите соколи, карпестите еребици и црните тетреби; како и некои други ретки видови птици кои се во потрага по природни шумски предели како живеалиште. „Регионот има уникатни богатства, во доменот на дивиот свет, кои сè уште не се истражени, но, наскоро, ќе бидат локално и меѓународно промовирани со цел посетителите да можат да уживаат во нив,“ вели Лејла.

Лејла понатаму објаснува дека проектот има огромен успех во насока на прекуграничната соработка. Партнерските организации ќе организираат студиски тури и координациски активности со цел поврзување на заедниците, бизнисите и туристичките оператори на двете страни на границата. „Најпосле, развојот на регионот е тесно поврзан со прекуграничната соработка,“ вели таа.

Обновлива енергија за Косово

ЕУ поддржува изградба на топлана на основа на обновлива енергија во Ѓаковица

Кога била изградена, во раните 1980-ти, топланата „Ngrohtorja“ била гордоста на градот Ѓаковица. Ова било единствениот град, покрај главниот, кој поседувал современ топлификационен систем заснован на мазут. Меѓутоа, мазутот станал финансиски неисплатлив, а свеста за загадувањето кое истиот го предизвикува постојано растела. Како последица, во периодот по војната во Косово, во 1999 година, топланата „Ngrohtorja“ скоро и да престанала да обезбедува греење за жителите на Ѓаковица, а подоцна обезбедувала греење само неколку часа дневно.

Зрак надеж дека компанијата можеби повторно ќе успее да понуди одржлив систем на греење се појавил на почетокот на минатата деценија кога, со поддршка на ЕУ, топланата „Ngrohtorja“ иницирала студија за изводливост („физибилити студија“) за обезбедување квалитетно и еколошко греење за локалните жители.

„Кога идејата допре до јавноста, сите бевме возбудени; но, истовремено, имаше и одредена доза скептицизам, бидејќи топланата веќе со години не обезбедуваше квалитетно греење.“

Албана Скивјани е генерален менаџер на компанијата. Кога студијата за изводливост („физибилити студијата“) била иницирана, Албана не била менаџер; туку граѓанка на Ѓаковица и клиентка на топланата и, притоа, се сеќава на ентузијазмот меѓу јавноста. „Кога идејата допре до јавноста, сите бевме возбудени; но, истовремено, имаше и одредена доза скептицизам, бидејќи топланата веќе со години не обезбедуваше квалитетно греење,“ вели Албана.

Студијата за изводливост покажа дека има реални можности за повторно враќање на топлификациониот систем во Ѓаковица; со употреба на еколошки енергетски извори.

Волшебниот збор беше биомаси!

Греењето со биомаси користи органски материи како гориво за топланата или за производство електрична енергија. Во случајот на Ѓаковица, планот беше да се користи дрвен отпад (струготини) и отпад од грозје кое изобилува во регионот. Но, и покрај достапноста на биомаси во регионот; кои би можеле да се користат како гориво, проектот не беше едноставен за реализација, бидејќи трошоците за технологијата беа особено високи, а, исто така, беше неопходна и експертиза за ракување со технологијата. Европската Унија пристапи и го поддржа проектот со околу 15 милиони евра.

Новата топлана која произведува греење и електрична енергија беше свечено отворена во пролетта 2021 година; станувајќи еден од ретките најсовремени системи кои функционираат на биомаса во Западен Балкан и пионер за енергетската иднина. Оваа зима, енергијата произведена во топланата овозможи 24-часовно греење за мноштвото клиенти на топлификационата мрежа „Ngrohtorja JSC“.

„Лично, и во име на жителите на нашиот град, ја изразувам нашата благодарност до ЕУ за овој огромен проект кој ќе обезбеди греење во следните децении; служејќи како пример за останатите градови.“

За проектот

Преку програмата на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) 2015, ЕУ инвестираше преку 15 милиони евра во подготвителни активности за изградба на топланата на основа на биомаси во градот Ѓаковица. Проектот ќе има значајно економско и еколошко влијание врз градот: годинешните оперативни трошоци на „Ngrohtorja JSC“ се очекува да се намалат од 35 % на 50 %; додека, пак, севкупната стапка на загадување во регионот ќе се намали за околу 90 %.

Според Албана, еден од најголемите предизвици било совладување на управувањето со новата технологија, бидејќи повеќето вработени немале претходно слично искуство. Меѓутоа, оваа пречка била надмината со поддршката на проект, финансиран од ЕУ, кој овозможил специјализирана обука за ракување со новата опрема за вработените. Албана објаснува дека оваа зима, за првпат во многу години, успеале да обезбедат постојана 24-часовна енергија за своите клиенти. „Нашите корисници се воодушевени, како и сите други во градот, затоа што покрај греењето, градот не е загаден како порано,“ вели Албана. Редовното греење од топланата беше особено значајно годинава; поради глобалната енергетска криза, зголемените цени на енергија и недостатоците на енергија.

„Лично, и во име на жителите на нашиот град, ја изразувам нашата благодарност до ЕУ за овој огромен проект кој ќе обезбеди греење во следните децении; служејќи како пример за останатите градови,“ вели Албана.

„Udhë“ наоѓа начин за автомобилско здружување во Косово

Група млади иноватори, со поддршка на ЕУ, започнуваат апликација за автомобилско здружување

Како студент во Приштина, Ерол Горчи морал неколкупати неделно да патува, од својот роден град Пеќ, приближно 80 км. Такси превозот бил скап, а автобусите не биле чести. Како и други бројни патници, и тој испробал алтернативни решенија; проверувајќи дали некој од неговите пријатели или роднини оди кон главниот град за да може да им се придружи.

Ерол студирал компјутерски науки и технологии и како што ги развивал своите ИТ способности, согледал дека пополнувањето на празнините во меѓуградскиот сообраќај со мрежа за автомобилско здружување може да биде интересна бизнис прилика. Така започна и „Udhë“ (зборот значи „пат“ или „патување“ на албански); прва апликација за автомобилско здружување во јужниот дел на Балканот која ги поврзува возачите со патници.

„Пред да ја развиеме апликацијата, најпрво, сакавме да го тестираме приодот преку социјалните медиуми и функционираше.“

Ерол и неговите другари дискутирале за идејата неколку години претходно и се договориле да креираат страница на социјалните медиуми за оние кои се заинтересирани за автомобилско здружување да можат да комуницираат меѓусебно и да договорат заедничко патување. „Пред да ја развиеме апликацијата, најпрво, сакавме да го тестираме приодот преку социјалните медиуми и функционираше,“ вели Ерол.

Групата за автомобилско здружување на Фејсбук добила околу 10000 члена за краток период. Ова било доказ дека луѓето се заинтересирани, а тимот препознал прилика за развивање професионална услуга. Започнале да ја развиваат апликацијата за возачи и патници на почетокот од 2020 година. Бидејќи имале малку искуство со вакви подвизи, се пријавиле за проектот „VentureUP“, финансиран од ЕУ, за техничка помош со посебен фокус на прототипирање. Ерол и неговиот тим искористиле вебинари и алатки за маркетинг, бизнис моделирање и финансирање кои биле особено важни при градењето на нивната експертиза.

„Поддршката од ЕУ беше неопходна за развојот и реализирањето на нашата идеја.“

За проектот

Проектот „VentureUP“ (проект „Venture Incubator“ на универзитетот Приштина) е поддржан од ЕУ во Косово и им овозможува на студентите и стартапови можности за развивање бизниси за креирање работни места и зголемување на нивните шанси за вработување во Косово. Во текот на првата програма за инкубација, во 2019 година, седум стартапови со вкупно 23 члена ја завршија програмата. Од нив, четири стартапови се регистрираа како законски бизниси; креирајќи приходи и вработувајќи вкупно 15 луѓе. Во 2020 година, дванаесет стартапови со 31 член ја завршија втората програма за инкубација. Како резултат, регистрирани беа пет законски бизниси кои создаваат приходи и вработуваат вкупно 18 луѓе.

Апликацијата е на пазарот преку „Google Play“ и „Apple store“ од јануари 2021. Денес, онлајн заедницата има преку 30000 следбеници на социјалните мрежи и приближно 15000 корисници на мобилната апликација. Преку неа, наоѓаат решение за транспортните проблеми на неколку стотици патници дневно. Сега, четиричлениот тим е во потрага на позначаен опсег и помош за обезбедување бизнис-ангелска инвестиција за проширување. Планираат да ја предложат услугата во Албанија и на балканскиот пазар каде што најголемата платформа за автомобилско здружување не успеа во подвигот.

Ерол објаснува дека во косовскиот едукативен систем има недостаток на учење на претприемништвото и начините за развивање на идеите во производи, како и начини за монетизирање на идеите. За него, проектите за инкубација се неопходни за овозможување на првите чекори во светот на бизнисот и претприемништвото. „Поддршката од ЕУ беше неопходна за развојот и реализирањето на нашата идеја,“ вели тој.

Потопли зими за учениците во Приштина

Проект, финансиран од ЕУ, овозможува поддршка за енергетска ефикасност и проширување на топлификационата мрежа во Приштина, Косово.

Основното училиште „Naim Frashëri“ е едно од најголемите во Приштина; главниот град на Косово. Училиштето има преку 1000 ученици и се протега на површина од околу 5000 метри квадратни. Шќипе Власалија Мехмеди е директорка на оваа огромна организација. Би очекувале дека најголемите предизвици со кои се соочува во извршувањето на нејзината улога се поврзани со образованието, но реалноста е сосема различна: „Имавме сериозни проблеми во текот на зимата, а понекогаш моравме да ги одложиме часовите поради проблеми со греењето,“ вели Шќипе.

Кога го презела раководството на училиштето, во 2018 година, училишната зграда била приклучена на централниот греен систем; напојуван на нафта која им ја доставувале еднаш месечно. Шќипе објаснува дека греењето на нафта предизвикувало неколку проблеми; вклучително и недостиг на залиха пред следната достава во време кога температурите биле особено ниски, како и сериозна штета за природата околу училиштето. „Се сеќавам како во 2018 година, учениците и наставниците на час мораа да седат со палто, затоа што немаше доволно греење,“ вели Шќипе.

„Од економско гледиште, „Termokos“ е во придобивка, бидејќи покрај намалување на губитокот во мрежата, добивме 3000 нови потрошувачи; вклучително и јавни институции како, на пример, две градинки, пет училишта, полициски станици, Централната универзитетска клиника во Косово и Косовскиот национален театар.“

Зголемен квалитет на греење и подобра еколошка заштита

Проблемот со греење и загадување не се јавува само во училиштето „Naim Frashëri“. Како ресурс на греење, повеќето граѓани на Приштина користат јаглен или електрична енергија од станиците Косово А и Б, а некои го користат далеку поефикасното топлификационо греење на „Termokos“. Греењето на „Termokos“ е на парно напојување кое, преку цевки, доаѓа од нивната топлификациона станица. Меѓутоа, значаен број приватни и државни згради во Приштина; меѓу кои и основното училиште „Naim Frashëri“, не беа поврзани на ова греење поради проблемите на „Termokos“ со стариот и недоволно развиен систем за достава.

Со цел решавање на овој проблем, во 2019 година, канцеларијата на ЕУ во Косово отвори проект за реновирање на топлификационата мрежа во Приштина. Целта на проектот беше овозможување за приклучок на новите приватни и јавни потрошувачи на топлификационата мрежа и подобрување на грејната залиха за постоечките потрошувачи. Како резултат на проектот, во текот на две години, беа реновирани 120 стари трафостаници, а беа изградени 50 нови; и преку седум километри стари подземни цевки беа заменети со нови изолирани цевки, со што зголеми ефикасноста и се постигна значајно намалување на загубите на топлина и вода.

Наим Битиќи, директор на дистрибуција и проектен менаџер при „Termokos“, вели дека проектот доживеал огромен успех. „Од економско гледиште, „Termokos“ е во придобивка, бидејќи покрај намалување на губитокот во мрежата, добивме 3000 нови потрошувачи; вклучително и јавни институции како, на пример, две градинки, пет училишта, полициски станици, Централната универзитетска клиника во Косово и Косовскиот национален театар.“

„Особено сме ѝ благодарни на Европската Унија затоа што, со нејзина поддршка, сега имаме висококвалитетно греење; а учениците и наставниците можат целосно да се посветат на образованието во пријатна и топла атмосфера.“

За проектот

Проектот Рехабилитација на топлификационата мрежа во Приштина беше завршен во април 2021 година и истиот беше финансиран од ЕУ во рамки на инструментот на програмата за претпристапна помош.

Пријатна и топла атмосфера во училиште

Но, според Битиќи, подеднакво важен е фактот дека новите корисници не треба веќе да користат фосилни горива за греење. „Пред да се приклучат на топлификационата мрежа, сите јавни институции користеа нафта како греен ресурс. Покрај соочувањето со огромен финансиски трошок поради високите нафтени цени, овие институции беа извор на загадување; дотолку попроблематичен затоа што се лоцирани во градскиот центар.

„Потрошувачите поврзани на мрежата „Termokos“ веќе не користат електрична енергија за грејни цели. Ова има позитивен ефект врз економијата на домаќинствата, ја намалува побарувачката за електрична енергија и го подобрува квалитетот на воздухот,“ заклучува Битиќи.

Сега, по завршувањето на проектот, основното училиште „Naim Frashëri“ има 24-часовно греење во целото училиште; вклучително училниците, ходниците и тоалетите. Како што вели директорката: „Особено сме ѝ благодарни на Европската Унија затоа што, со нејзина поддршка, сега имаме висококвалитетно греење; а учениците и наставниците можат целосно да се посветат на образованието во пријатна и топла атмосфера.“

Традиционална уметност со пластични капачиња

Невладина организација од Сараево создава возбудливи уметнички дела користејќи пластични капачиња

Прекрасен килим изложен на видливо место во сараевското предградие Циглане. Има нешто различно во така наречениот „Čepoćilim“: изработен е од 25000 пластични капачиња. Неговото име, во превод, значи „килим од капачиња“, а е дизајниран и изработен како дел од проект на здружението „Green Art“; невладина од Сараево, во БиХ. Алма Храсница Дервишиќ, претседателка на здружението, објаснува дека сè започнало пред десет години кога добила идеја за креирање уметнички дела со пластични капачиња како дел од Европската недела за намалување на отпад во Сараево. „На времето, ова беше амбициозен проект за нас, бидејќи не знаевме дали луѓето ќе ја ценат иницијативата и каква повратна реакција ќе добиеме,“ вели Алма.

Почетен предизвик било собирањето пластични капачиња. Алма отворила локација за собирање капачиња и контактирала училишта, компании и други институции со цел и тие да придонесат за проектот преку собирање и достава на пластични капачиња. „На мое изненадување, одговорот беше позитивен и за кратко време успеавме да собереме значајна количина капачиња; на овој начин започна трендот „Čepoćilim““, вели Алма.

„Čepoćilim“ е совршен спој од уметност, културно наследство и екологија. Целта на проектот е подигнување свест за собирањето отпадни амбалажи и верувам дека покажавме дека постои начин за повторно употребување на отпадот и искористување на неговата вредност.“

Креирање по еден килим од пластични капачиња годишно

По успехот и честитките за првиот килим од капачиња, Алма и нејзините колеги од здружението „Green Art“ одлучиле иницијативата да ја претворат во годишна активност чија цел би била креирање на, најмалку еден, килим од пластични капачиња. За дизајнот, одлучиле да продолжат со мотивите на традиционалниот босански килим, затоа што иницијативата би била, истовремено, уметничка и туристичка атракција; придонесувајќи за промоција на културното наследство.

„„Čepoćilim“ е совршен спој од уметност, културно наследство и екологија. Целта на проектот е подигнување свест за собирањето отпадни амбалажи и верувам дека покажавме дека постои начин за повторно употребување на отпадот и искористување на неговата вредност,“ вели Алма.

Преку инволвирањето млади луѓе, Алма верува дека успеале да ја подигнат свеста меѓу групи кои можат да придонесат за идната еколошка заштита преку намалување и управување со отпадот.

Неодамна, здружението „Green Art“ доби поддршка од програмата „ReLOaD“ (Регионална програма за локална демократија), финансирана од ЕУ. Програмата им помогна во последниот проект кој вклучува дизајнирање и изработка клупи од пластични капачиња, со визуелен дизајн инспириран од босанските килими. Во рамките на оваа активност, инволвираа деца од основното училиште „Vladislav Skarić“, училиштето „Mjedenica“ за деца со потешкотии во учењето, како и домот за деца без родители „Bjelave“. Како дел од проектот, спроведоа 30 еколошко-уметнички работилници за претворање на отпадот во еко-уметност. Во овие работилници, употребуваа материјали како пластични капачиња и лименки. Во завршниот проект, употребија околу 15000 пластични капачиња за изработка на клупите.

„Благодарение на овој проект, имавме можност да инволвираме повеќе деца и млади во нашата активност и, на тој начин, да ја подигнеме нивната свест за еколошките прашања; па, затоа, сме особено благодарни на програмата „ReLOaD“ на ЕУ.“

За програмата

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан („ReLOaD“) е основана од ЕУ, а имплементирана од Програмата за обединет национален развој. Програмата „ReLOaD“, моментално, е во својата втора фаза која ќе трае до 2024 година.

Проектот овозможи креирање средина во која децата и младите можат да развијат културни иницијативи, со еколошки карактер; истовремено овозможувајќи им на учесниците да се социјализираат преку уметнички активности. „Благодарение на овој проект, имавме можност да инволвираме повеќе деца и млади во нашата активност и, на тој начин, да ја подигнеме нивната свест за еколошките прашања; па, затоа, сме особено благодарни на програмата „ReLOaD“ на ЕУ,“ вели Алма.

Клупата од капачиња сега е изложена во центарот на Сараево, на улицата „Gimnazijska“; опколена од основни и средни училишта. За Алма, ова е голема гордост и сите деца кои помогнаа во изработката, како и нивните соученици, можат секој ден да ја гледаат и да се потсетат на важноста на намалување на отпадот и доброто управување со истиот.