Skip to main content

Area of Cooperation: Democracy and fundamental rights

ЕУ и Западен Балкан ги здружуваат силите во борба против дезинформациите

На 27. април, Генералниот директорат за соседство и проширувачки преговори на Европската комисија организираше виртуелен настан во врска со новите геополитички последици од дезинформациите во Западен Балкан; со преку 95 учесника од сите партнери во Западен Балкан. Настанот за Техничка помош и информациска размена беше заеднички напор помеѓу Генералниот директорат за соседство и проширувачки преговори на Европската комисија, Европската надворешна акциска служба и земјите-членки на ЕУ.

 

Во контекст на војната во Украина, Директорот за источно соседство и градење институции – Лоренс Мередит, ги потенцира ризиците од дезинформациите во поткопувањето на демократијата и безбедноста додека, пак, вршителката на должност Директор за Западен Балкан, Мишела Матуела, нагласи дека слободата на изразување и медиумите се клучните елементи на проширувачкиот процес. Вршителот на должност Директор за тематска поддршка, координација на политики и финансиски инструменти, Метју Буске, се фокусираше на практичните решенија за одговор на дезинформациите.

 

Заедно, 17-те зборувачи од земјите-членки на ЕУ и институциите на ЕУ споделија информации за правните алатки на ЕУ и практични студии на случај; како и конкретни алатки за борба против дезинформациите. Учесниците во настанот заклучија дека се потребни повеќе напори за подигнување на свеста и разбирањето на странските манипулативни тактики, инвестирање во квалитетно и независно новинарство и медиумска писменост; како и поддршка за понатамошна билатерална и мултилатерална соработка за спречување на дезинформации. Инструментот за техничка помош и информациска размена, со својата брзина и флексибилност, беше согледан како добро адаптиран за поддршка на сите овие заеднички напори.

По стапките на загрозениот балкански рис

Тим македонски новинари освоија престижна европска награда за нивното истражување за ризиците со кои се соочува загрозениот рис.

Балканскиот рис е вид дива мачка која спаѓа во категоријата критично загрозени видови. Се претпоставува дека преостануваат само околу 45 риса во регионот. Сепак, незаконското ловокрадство, деградацијата на пејзажот и градежните активности претставуваат сериозни закани за најголемата мачка во регионот.

Балканскиот рис може да се најде во Северна Македонија, Албанија и Косово. Иако ловот или наштетувањето на балканскиот рис се строго забранети со закон во трите држави, истражување покажа дека ситуацијата е сосема различна на терен. Новинарски тим од македонското радио МОФ заклучи дека животното е, всушност, недоволно заштитено и во сериозна опасност од истребување.

Нивното истражување траеше неколку месеци и резултираше со статија насловена „По стапките на балканскиот рис – истражувачка сторија во два дела“. Сторијата претставува мрачна слика за ситуацијата на рисот кој е во постојан ризик од незаконски лов. Истражувачкиот тим откри препарирани рисови на ѕидови во ресторани сместени во близина на живеалиштето на рисот, рисови чувани во кафези како атракција и сомнежи за полициски авторитети инволвирани во ловокрадство. Дополнително, истражувањето покажа дека покрај ловокрадството, балканскиот рис е во опасност и поради незаконските депонии и градежните активности; како, на пример, изградбата на патишта и хидроцентрали во и околу природните или национални паркови.

„Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети.“

Признание за напорот

Новинарскиот тим кој ја спроведе и објави истражувачката сторија беше сочинет од Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски, Емилија Петреска и Јасмина Јакимова. Јасмина објаснува дека нивната инспирација дошла од желбата да раскажат приказна на ретко објавувана тема, а и да истражат дали законите кои ја засегаат заштитата на природата и дивиот свет се соодветно имплементирани. „Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети,“ вели таа.

Сторијата доживеа голем успех во насока на повратни реакции од страна на читателите и ја освои, исто така, Европската награда за истражувачко новинарство за Северна Македонија во 2021 година. Наградата беше доделена преку проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, а жирито ја опиша статијата како резултат на исклучително истражување.

На церемонијата за доделување на наградата, Емилија Петреска од Радио МОФ изјави: „Разочарувачки е што дури и после цела година откако ја објавивме сторијата, институциите сè уште не реагирале на сознанијата… Каква иднина имаме на ум ако продолжиме со уништување на еко-системите, животната средина на балканскиот рис и природното богатство кое го имаме; уништувајќи се, на тој начин, себеси?“

„Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен“

За проектот

Целта на проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, финансиран од ЕУ, е зголемување на довербата на граѓаните во медиумите и создавање безбедна средина за новинарите за создавање независни новинарски содржини; преку обука, менторство, техничка и финансиска помош и објавување. Проектот тече од 2019 година во државите членки на ЕУ, како и во потенцијалните држави за членство: Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Србија и Турција.

Јасмина објаснува дека поради фактот што доаѓаат од мала медиумска организација, тимот бил изненаден поради освојувањето на првата награда. „Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен,“ вели таа.

Наградите за европско истражувачко новинарство имаат за цел славење и промоција на исклучителните постигнувања на истражувачките новинари од државите од Западен Балкан и Турција; како и подобрување на видливоста на квалитетното истражувачко новинарство ширум публиката во овие држави.

Медиумски интегритет во време на дезинформации

Обележувајќи ја 30 годишнината од почетокот на војната во БиХ, и тоа во време на руската агресија против Украина; Европската служба за надворешно дејствување ги обедини водечките меѓународни новинари и младите новинари од Западен Балкан, во соработка со Делегацијата на ЕУ во БиХ, со цел дискутирање во врска со медиумскиот интегритет во време на дезинформации.

 

Панел-дискусија составена од најреномираните меѓународни новинари кои оставиле неизбришлив печат врз новинарството во последните 30 години беше дел од настанот во Сараево. Новинарите се приклучија од различни градови ширум Европа: Кристиан Аманпур (Christiane Amanpour) (CNN) и Реми Урдан (Rémy Ourdan) (Le Monde) од Украина, Хавиер Еспиноса (Javier Espinosa) (El Mundo) од Мадрид, Роџер Кохен (Roger Cohen) (The New York Times) од Париз и Ед Вулиами (Ed Vulliamy) (The Guardian and Observer) од Лондон; додека, пак, Аида Чекрез (поранешна дописничка на „Associated Press“ од БиХ) и Надина Маличбеговиќ (Al Jazeera Balkans) беа во Сараево заедно со Филип Лукиќ (N1 Belgrade) кој ја водеше дискусијата.

 

Учесниците дискутираа за предизвиците на военото допишување, улогата на новите технологии, етиката и професионализмот, дезинформациите, медиумската манипулација и безбедноста на новинарите. Информациската манипулација и дезинформациите се, исто така, предизвик и во време на мир; бидејќи целат кон антагонизирање и поларизирање на општествата, продлабочување на тензиите, измамување на јавноста и, најнакрај, дестабилизирање на општествата и демократијата.

 

Дваесет млади новинари од регионот на Западен Балкан допатуваа во Сараево за да учествуваат во дискусијата, како дел од поширока студиска посета која имаше за цел да им обезбеди прилика да научат од врвни експерти во доменот, но, исто така, и еден од друг. Проектот е дел од напорите на „EEAS Stratcom Western Balkans Task Force“ за подигнување свест и поттикнување отпор кон информациската манипулација и дезинформациите; со цел поддршка на способноста на општествата во Западен Балкан да се справат со предизвикот кој го носат дезинформациите. Инвестирањето во слобода на медиумите и професионално новинарство е значаен дел од справувањето со дезинформациите, затоа што помага за градење на добро информирани општества и силни демократии.

 

Настанот зазеде место во Сараево, и онлајн, на 7. април. Сесијата беше проследена на глобално ниво и доби значително влијание во локалните и регионални медиуми со тоа што неколку ТВ станици ја емитуваа во живо.

Фондот Западен Балкан потпишува договор со добитниците на првата регионална грант шема

Во присуство на повеќе од 100 реномирани гости, Фондот Западен Балкан (Western Balkans Fund (WBF)) ги пречека 30-те добитници на Првата регионална грант шема ко-финансирана од Европската Унија. Избраните предлози ќе бидат финансирани преку Инструментот за претпристапна помош во рамки на проектот „Поддршка за промоција на регионалните акции на граѓанското општество во Западен Балкан“.

 

Неговата екселенција Алекс Ипин, вршител на должност при Делегацијата на ЕУ во Албанија, зборуваше во име на ЕУ. Тој изјави: „ЕУ е, всушност, проект започнат врз основа на идејата за добрососедски односи. Ако ја погледнеме тековната ситуацијата во ЕУ, пресвртот на настаните во соседството, војната во Украина; сето ова ја потенцира важноста на добрососедските односи, почитта на суверенитетот и територијалниот интегритет.“

 

Апликациониот процес за првиот ко-финансиран повик за предлози беше отворен на 8. ноември 2021 година, а беа поднесени 207 проекти кои вклучуваат 750 чинители. Процесот на евалуација беше спроведен во првиот месец од годинава, со помош од надворешни експерти. 30-те победнички проекти се насочени кон клучни прашања; како, на пример: зелена и дигитална економија, човекови права, родова еднаквост, образование, истражување и културна соработка.

 

Фондот Западен Балкан е меѓународна организација основана во 2017 година од страна на министерствата за надворешни работи во регионот на Западен Балкан. Пред креирањето на ко-финансираната грант шема, Фондот Западен Балкан отпочна и три дополнителни успешни повици за предлози преку кои се финансираа 68 проекти со вкупно 10000 директни корисници.

Нови грантови за граѓанското општество за зајакнување на партиципативна демократија

Европската унија лансираше Повик за предлози во склоп на новата програма вредна 18 милиони евра за зајакнување на партиципативните демократии и интеграцискиот процес на ЕУ во Западен Балкан и Турција. Повикот во склоп на Програмата на ЕУ за граѓанско општество и медиуми за Западен Балкан и Турција за 2021-2023 година (EU Civil Society Facility and Media Programme for the Western Balkans and Turkey for 2021-2023) има за цел да ја зајакне регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.

 

Во рамките на овој повик за предлози ќе бидат доделени повеќе грантови за формирање и поддржување на регионалните тематски мрежи на граѓански организации (CSOs) кои имаат за цел да го подобрат коалицирањето и градењето на капацитети за зголемено влијание на овие организации врз релевантните секторски реформи. Повикот исто така поставува визија за под-грантови за неформални граѓански здруженија ширум регионот преку овие мрежи. Повикот ги опфаќа следниве области:

  -Добро управување, владеење на право и антикорупција -Човекови права, анти-дискриминација и интеркултурен дијалог -Зелена и дигитална транзиција -Медиумска слобода и слобода на изразување, вклучувајќи и спротивставување на дезинформациите и погрешните информации -Мали проекти за поддршка на добрососедски односи помеѓу Србија и Косово -Квалитетно новинарство    

Приоритетите на повикот се во склад со Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан (Economic and Investment Plan for the Western Balkans) кој има за цел да  го поттикне закрепнувањето на регионот преку поддршка на општествено-економскиот развој и спроведувањето на реформите кои се потребни за да се придвижи напред на патот кон ЕУ, како и преку приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ. Му нуди помош на регионот преку инвестиции и иницијативи во областа на транспортот, енергетиката, дигиталната транзиција, зелената агенда, поддршката на приватниот сектор, економската интеграција, иновацијата и поддршката за развој на човечки капитал.

YEAs во Скопје се приклучија на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“

Во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ се одржа креативен настан за млади лица, како дел од кампањата насловена „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“  (“Block the Hatred. Share the Love!”) која се води од ЕУ и Советот на Европа. Целта беше преку настанот да се подигне свеста кај младите за разните форми на говор на омраза и дискриминација насочени кон специфични заедници и поединци, како и промоција на разни начини за спречување на говорот на омраза. Тоа подразбира и ширење на позитивни пораки за прифаќање и почитување на диверзитетот преку креативно изразување во форма на улична уметност и музика.

 

На настанот беа вклучени Млади европски амбасадори (YEA) од Северна Македонијa, a координаторот на YEA за Северна Македонија – Дона Срдиќ, која е воедно и „No Hate“ амбасадор на кампањата, сподели охрабрувачка порака за поддршка на разнолико општество без говор на омраза и дискриминација.

 

Оваа иницијатива за подигање на свеста ќе се шири и онлајн преку социјалните медиуми и останати канали, како и преку јавни настани. Во кампањата се вклучени истакнати јавни личности, институции и активисти за човекови права кои промовираат диверзитет и еднаквост во локалните заедници и регионот преку лични приказни, сведоштва и размена на добри практики.

 

Кампањата е имплементирана во рамките на иницијативата за „Промоција на диверзитет и еднаквост во Северна Македонија“ (Promotion of Diversity and Equality in North Macedonia) која е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ (Horizontal Facility for the Western Balkans and Turkey 2019-2022) на ЕУ и Советот на Европа.

Младите европски амбасадори во Албанија се состануваат со ромската младина

Настан организиран во рамки на Меѓународниот ден на Ромите вклучи десет Млади европски амбасадори и десет млади од ромската заедница во Албанија. Земајќи предвид дека Тирана е Европската младинска престолнина во 2022 година, целта на состанокот беше да се посвети внимание на ромската младина која студира и придонесува за заедницата во Албанија.

 

Дискусијата беше фокусирана на дневните предизвици и начинот на кој ромската младина се соочува со нив во Албанија. Останатите теми беа и досега сработеното за да се подобри пристапот на Ромите до основните права, образование и вработување. Заклучокот беше дека иако се постигнати подобрувања во насока на интеграцијата на Ромите и заштитата на човекови права, сè уште преостануваат бројни предизвици.

 

Најнакрај, учесниците дискутираа и се согласија за идна соработка за понатамошно зајакнување на ромската младина во Албанија.

Младите европски амбасадори (YEA) учествуваат во дебата за зајакнување на жените во Белград

Хибридниот мини фестивал „EU4Balkans“ зазеде место во Белград на крајот од март. Настанот беше дел од активностите за соработка организирани од страна на Генералната дирекција за регионална и урбана политика на Европската Комисија и организаторите на фестивалот „Balkan Trafik“. Преку дебата, културни настани и состаноци со заменик министерот за култура и медиуми на Србија, настанот опфати серија значајни прашања како, на пример: невработеноста кај младите, инклузија и развој на руралните подрачја во Западен Балкан.

 

Во дебатата учествуваа и младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) и се фокусираа на проблематиката за зајакнување на жените. Учесниците потенцираа дека зајакнувањето на жените подразбира овозможување на средства и вештини за напредување, за да бидат независни и да можат да го променат општеството.

 

Настаните „EU4Balkans“ целат кон подигнување на видливоста на меѓурегионалната соработка како дел од ИПА инструментот за претпристапна помош и позитивно влијание на политиките за проширување на ЕУ.

Отворен повик за наградата на ЕУ за истражувачко новинарство

Повикот за наградата за истражувачко новинарство на ЕУ за 2022 година е официјално отворен. Индивидуално или групно, новинарите од Западен Балкан и Турција можат да се пријават во секаква новинарска форма (печатена, онлајн, радио или ТВ) објавена или емитувана во медиумите на секоја држава на официјални, малцински или меѓународни јазици во текот на 2021 година. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 8. мај 2022.  
Право на учество имаат истражувачките приказни поврзани со слобода на изразување, владеење на правото, транспарентност, злоупотреба на сила и основни права, корупција и организиран криминал. Фондот на наградата, во секоја држава, изнесува 10000 евра; а е сочинет од прва награда во вредност од 5000 евра, втора награда во вредност од 3000 евра и трета награда во вредност од 2000 евра.  
Наградите за истражувачко новинарство на ЕУ во Западен Балкан и Турција имаат за цел да ги чествуваат и промовираат високите достигнувања на истражувачките новинари, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното новинарство во регионот. Наградите се дел од тековниот проект со наслов „Зацврстување на квалитетни вести и независно новинарство во Западен Балкан и Турција“, финансиран од Европската Унија.

Фондот Западен Балкан прогласува 30 победнички проекти

Фондот Западен Балкан ја објави листата со 30 победнички проекти од четвртиот повик за предлози, ко-финансиран од ЕУ преку Инструментот за претпристапна помош.

 

Севкупната цел на проектите кои треба да се имплементираат во рамки на овој повик за предлози е промоција на учеството на организациите на граѓанското општество и групните организации во регионални проекти во Западен Балкан. Станува збор за можности за соработка на општествени, културни, научни и економски теми; вклучувајќи родова еднаквост и инклузија на хендикепи, со цел подобрување на соседските односи и помирување.

 

Преку 800 организации на граѓанското општество ширум Западен Балкан поднеле свои предлози во рамките на овој повик. Работилниците и церемонијата за доделување на награди ќе се одржат во Тирана на 13. и 14. април.