
Зелената револуција на „ЦЕМПРОМ“: како ЕУ ѝ помага на оваа српска компанија да стане предводничка за одржливост
Компанијата „ЦЕМПРОМ“ од Прељина, којашто е водечки играч во производство на бетон, докажа дека одржливоста и деловниот успех може да одат рака под рака. Користејќи ги придобивките од програмата „Ecoloans“, финансирана од Германската развојна банка (KfW) и поддржана од Регионалната програма за енергетска ефикасност на ЕУ (REEP), компанијата направи значителни чекори за усогласување на нејзините активности со еколошките стандарди.
Од компанија за производство на бетонски блокови и пакување цемент во вреќи, „ЦЕМПРОМ“ којашто е основана во 1992 година, прерасна во водечки производител на бетон, и може да се пофали со проекти како Коридорот Е 763 и соработка со локални градежни партнери. Денес, со возен парк што го сочинуваат преку 100 камиони и 150 вработени, компанијата поседува капацитет за производство на околу 300.000 тони бетон на годишно ниво.
Со инвестиција од 820.000 евра, овозможена од УниКредит банка, „ЦЕМПРОМ“ го осовремени нејзиниот возен парк со возила со погон на метан. Ова резултираше со намалување на потрошувачката на гориво за 42%, намалување на емисијата на азотни оксиди за 32% и намалување на емисијата на јаглерод диоксид за 56%, со дополнително значително намалување на несогорените јаглеводороди и честички. Во поглед на финансии, овие промени резултираа со заштеда од околу 20% на годишно ниво, при што се очекува инвестицијата да се врати за четири до пет години. Дејан Исаиловиќ, директор за производство на „ЦЕМПРОМ“, ги смета овие иницијативи за економски и еколошки стратешки потези кои придонесуваат за одржлив раст на компанијата и за отворање нови работни места.