Skip to main content

Area of Cooperation: Democracy and fundamental rights

Европска соработка за зголемување на медиумското експериментирање и иновација

Од бизнис консултации и инкубатори до хакатони и акцелератори, независните медиуми ширум Европа можат да извлечат полза од бројните можности кои се нудат во рамки на смелата нова иницијатива за стимулирање иновација, одржливи бизнис модели и соработка. Започната на 1. јуни, двогодишната програма „Медиумска иновација во Европа: освежување на европскиот медиумски екосистем“ е предводена од глобалната мрежа на Меѓународниот институт за печат; нејзините уредници, новинари и медиумски чинители заедно со три непрофитни организации посветени на обезбедување помош за медиумските организации да можат да ѝ понудат на својата публика квалитетно новинарство.

 

Поддржана од ЕУ, иницијативата ќе ги обедини силите на партнерите на конзорциумот во мрежи за мобилизирање, раководење со програми за менторство и грантови, како и поддршка за медиумска иновација. Програмата „Медиумска иновација Европа“ има за цел да им помогне на медиумите да ги надминат предизвиците кои варираат од неуспешни бизнис модели и ниски приходи, па сè до намалена доверба од јавноста, „државно задушување“ на независните медиуми и останати политички притисоци.

Завршува Форумот на граѓанското општество ЕУ Западен Балкан и Турција во Скопје

Во име на Генералниот директорат на ЕУ за соседство и преговори за проширување, третиот проект за Техничка помош за организации на граѓанското општество организираше Форум на граѓанското општество ЕУ Западен Балкан и Турција во Скопје, на 8. и 9. јуни. Форумот се организира за првпат од почетокот на пандемијата КОВИД-19.

 

Вкупно 120 учесници присуствуваа на Форумот, а дополнителни 100 го проследија во онлајн формат. Меѓу нив беа високи претставници од Европската комисија, делегации на ЕУ и владини делегации, како и најразлични претставници од граѓанските здруженија. Во насока на неодамнешните драматични настани во Европа; имено пандемијата КОВИД-19 и руската непријателска војна против Украина, форумот претставуваше прилика за подобро разбирање на предизвиците и можностите во регионот, како и улогата на граѓанското општество во обидот за одговор на истите.

 

Мишела Матуела, заменик-директорка на Директоратот за Западен Балкан при Генералниот директорат на ЕУ за соседство и преговори за проширување, изјави: „Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, а ЕУ е целосно посветена за унапредување на пристапниот процес. Во оваа рамка, организациите на граѓанското општество се клучни партнери. Сите вклучени чинители треба да работат со заедничка визија за оптимизација на улогата на граѓанското општество. Во оваа насока се истакнуваат „Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“. Потребно е да се стави посебен фокус на младата генерација, да им овозможиме да го претворат регионот во привлечно место за живот, водење бизнис и остварување на нивните амбиции.“

 

Главната цел на форумот беше да ги претстави ревидираните „Насоки за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“. Насоките ги исцртуваат целите за поддршката на ЕУ за граѓанското општество, обезбедувајќи алатка за владите за подобрување на соработката со граѓанското општество и обезбедување помош за мерење на напредокот кон исполнувањето на условите за интеграција во ЕУ.

 

Помеѓу 2014 и 2020 година, ЕУ обезбеди околу 330 милиони евра поддршка за граѓанското општество преку Инструментот за граѓанско општество и Програмата за медиуми; додека, пак, сумата предвидена за периодот 2021 – 2023 изнесува 218 милиони евра. Насоките ќе ѝ помогнат на ЕУ да го процени влијанието на оваа поддршка.

Регионална конференција за спречување дезинформации

На 1. јуни, Регионалниот совет за соработка ја организираше третата конференција за дезинформации во соработка со „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“, Европскиот центар за спречување хибридни закани и Италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Конференцијата обедини повеќе од 100 учесника; вклучително и клучни експерти, академици, новинари, истражувачи, претставници на младинските организации од Западен Балкан, студенти и практичари од регионот и пошироко.  
„Западен Балкан, за жал, отсекогаш бил подлежен на раздорни наративи кои носат омраза и насилство и наша одговорност е да овозможиме разбирање и свесност за овој феномен во нашиот регион. Позитивни се новостите дека граѓаните во Западен Балкан го сфатија штетниот потенцијал на дезинформациите, бидејќи 74 % од нив се согласуваат дека дезинформациите претставуваат безбедносна закана за нашите економии,“ изјави Аида Капетановиќ, директорка на Политичкиот отсек на Регионалниот совет за соработка, на отворањето на конференцијата.  
По две години организирање на овие конференции со цел подигнување на свеста за феноменот на дезинформациите, годинешната конференција се фокусира на попрактично ниво и градење капацитети; примарно насочени кон младите и студентите од Западен Балкан.

Правилно раскажување на приказната

Програмата за транзициона правда на Балканот преку десет години носи веродостојни информации за публиката во Западен Балкан.

Кула, во Хрватска, и Хртковци, во Србија, се две села во Западен Балкан кои споделуваат заедничка трагедија. Во 1992 година, по воениот конфликт во Југославија, Србите и Хрватите од Кула, во Хрватска, и Хртковци, во Србија, ги заменија домовите, преселувајќи се, секој во селото на другиот. Ова беше опишано како „човечка релокација“; но, всушност, стануваше збор за присилна размена на население во екот на војната. Приказната на овие две села беше доловена во документарниот филм „Твојата куќа беше мој дом“ (“Your house was my home”), изработен од Балканската мрежа за истражувачко новинарство.

Документарецот беше изработен како дел од Програмата за транзициона правда на Балканот; регионална платформа кофинансирана од ЕУ. Платформата објавува онлајн новински извештаи кои третираат локални проблеми поврзани со воени злосторства; подобрувајќи го разбирањето на општата јавност за проблемите од доменот на транзиционата правда во поранешна Југославија.

„Ние сме единствениот медиум во регионот која детално ги третира судењата за воени злосторства, засновајќи се на факти. Мислам дека ова е едно од најзначајните нешта кои транзиционата правда на Балканот го достигнала во текот на последните десет години.“

Преку десет години известување за воени злосторства

Нејра Муаломеровиќ, програмски соработник, објаснува дека главниот фокус на програмата е обезбедување постојан и ажуриран проток на информации во врска со проблемите за транзициона правда; главно, судења за воени злосторства, во регионот. Ова се достигнува преку мрежа посветени дописници ширум поранешна Југославија; како и придонесители од останатите медиуми, организации на граѓанското општество, владини институции и академски работници. „Ние сме единствениот медиум во регионот која детално ги третира судењата за воени злосторства, засновајќи се на факти. Мислам дека ова е едно од најзначајните нешта кои транзиционата правда на Балканот го достигнала во текот на последните десет години,“ вели Нејра.

Меѓутоа, со оглед на тоа што бројот на воени злосторства се намалува; програмата започнала со развој на други активности со истата цел, употребувајќи го своето искуство и информациите со кои располагаат. Еден од нивните проекти е податочна база за масовни гробници. Програмскиот тим работи на случајот од 2020 година, соочувајќи се со предизвици поради големиот број масовни гробници и разнесените информации. Нејра објаснува дека поради тоа што информациите не се на едно место, а повеќето од нив достапни само во хартиен оригинал, програмскиот тим морал да посети бројни институции и организации. Заедно со фотограф, посетиле и локации на коишто се наоѓаат масовни гробници за да можат да ги снимаат и евидентираат во податочната база. Потоа, информациите биле јавно споделени.

За време на посетите им станало јасно дека повеќето од масовните гробници не се означени, не им е оддадено почит, ниту, пак, имаат пристап. „Некои од нив беа на приватен имот, некои беа претворени во депонии, а врз некои беа изградени цркви,“ вели Нејра.

Но, тимот успеал да лоцира, снима, фотографира и архивира во својата податочна база неколку дузини локации, а работата продолжува.

„Мислам дека сите кои работеа со Балканската мрежа за истражувачко новинарство во текот на овие десет години ја согледаа својата работа и од аспект на влијание врз идните генерации и начинот на којшто тие ќе гледаат на историјата.“

За проектот

Програмата за транзициона правда на Балканот е регионална платформа која има за цел подобрување на разбирањето на општата јавност за проблеми од доменот на транзиционата правда во земјите на поранешна Југославија (БиХ, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Програмата е поддржана од ЕУ, Агенцијата за меѓународен развој и соработка на Шведска, како и амбасадата на кралството Холандија.

Уште една од неодамнешните иницијативи на програмата е музејот „Репортерска куќа“ кој ќе биде отворен, во Сараево, оваа есен. Се работи за првиот независен и непрофитен регионален музеј во Балканот, кој ќе ја прикаже сеопфатната приказна, раскажана од новинарска перспектива, за распадот и војните во Југославија, како и нивните последици. Музејот ќе биде лоциран во центарот на градот, во зграда на три ката, на простор од 600 метри квадратни. Првите два ката ќе бидат наменети за постојана изложба; раскажувајќи ја приказната на воените злосторства извршени во поранешна Југославија, вклучително и приказни на бегалци, етничко прочистување, геноцид и воени кампови, како и животот на новинарите за време на војната. Третиот кат ќе добие функција на заеднички простор за новинари, граѓанското општество и пошироката јавност и ќе биде наменет за дискусии поврзани со конфликтното новинарство и улогата на медиумите денес.

Нејра признава дека темите за транзициона правда не се лесни за третирање. „Меѓутоа, мислам дека сите кои работеа со Балканската мрежа за истражувачко новинарство во текот на овие десет години ја согледаа својата работа и од аспект на влијание врз идните генерации и начинот на којшто тие ќе гледаат на историјата,“ вели таа.

 

Младите европски амбасадори спроведуваат работилници за медиумска писменост во училиштата

Започнаа работилниците за медиумска писменост, организирани од младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)), за учениците во основните училишта во Западен Балкан. Првата работилница зазеде место во Зеница, Босна и Херцеговина, каде младите европски амбасадори, Драгана Вучковиќ и Џулиса Отузбир, одржаа работилница за седмооделенците во основното училиште „Мирослав Крлежа“.

 

Претходно, младите европски амбасадори следеа обука за младински обучувачи за основите на медиумската писменост. Сега се подготвени да го споделат своето знаење со младите ученици кои се корисници на медиумски содржини, особено на социјалните медиуми. Водени според идејата дека е неопходно да се ангажира младината во создавањето и ширењето на знаењата за медиумска писменост, главната цел на врсничките работилници е да ги едуцираат младите за важноста од соодветно консумирање на медиумските содржини.

 

Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа од млади активисти ширум Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но споделуваат заедничка визија: обединет Западен Балкан во различностите. Заедно учат еден за друг и за ЕУ, спроведуваат креативни проекти, стекнуваат нови вештини и се поврзуваат преку социјалните медиуми, организираат инспиративни настани; секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најголемата моќ за општествена промена.

 

Целите на мрежата се: споделување на вредностите на ЕУ, подигнување на свеста за соработката на ЕУ со партнерите во Западен Балкан, покажување на видливи резултати од соработката, придонесување за политички дијалог на различни теми и зголемување на општествениот активизам.

Форум на граѓанско општество 2022

Проектот „TACSO 3“, финансиран од ЕУ, го објави претстојниот Форум на граѓанско општество ЕУ – Западен Балкан и Турција 2022 и ги повикува лидерите на организациите на граѓанското општество, како и искусните активисти на граѓанското општество и масовните организации, да се пријават како соработници за сесиите на форумот и како учесници на настанот.

 

Форумот на граѓанско општество 2022 (Форум ’22) ќе се одржи на 8. и 9. јуни како хибриден настан; истовремено со присуство и виртуелно. Ќе биде избран ограничен број учесници, до 120 на број, за учество со присуство во Скопје. Далечинското учество ќе овозможи активно видео вклучување во сите сесии на Форумот ’22.

 

Форумот ’22 ќе ги обедини претставниците на граѓанското општество; вклучително и непрофитните организации, јавните власти, претставниците на ЕУ, донаторите и останатите чинители во сферата на развој на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција. Ќе претставува прилика за дискусија за тековната состојба на граѓанското општество во регионот, како и можност за заеднички акции од страна на ЕУ, јавните власти и граѓанските општества за идентификуваните предизвици.

 

Главна цел на Форумот ’22 е да го започне, презентира и дискутира натамошното спроведување на ревидираните Насоки на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во регионот за проширување (2021 – 2027), за кои, во текот на изминатите две години, имаше опсежни консултации со граѓанското општество и кои се ревидираа врз основа на добиените повратни реакции и новиот развој.

Објавени добитниците на наградата „Најпријателски градоначалник кон Ромите“ за 2022 година

Денес, Европската комисија ги објави седумте добитници на третото издание на наградата „Најпријателски градоначалник кон Ромите“ во Западен Балкан и Турција. Наградата им оддава признание на локалните авторитети кои веруваат во своите граѓани и еднакво ги третираат. Истата има за цел да ги промени ставовите кон инклузијата на Ромите и да ги истакне авторитетите кои им даваат моќ на ромските заедници и ги слушаат нивните потреби. Церемонијата за доделување на наградите се случи во рамки на Неделата на Ромите, организирана во Европскиот парламент, од 16. до 19. мај, во присуство на европскиот парламентарец Ромео Франз и вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и проширување во склоп на Европската комисија, Мишела Матуелла, која ги додели наградите.

 

Оливер Вархелеј, комесер за соседство и проширување, изјави: „Сметам дека е особено важно што церемонијата за доделување на наградите се одвива за време на Неделата на Ромите. Оваа награда не само што ја признава исклучителната работа на одредени градоначалници за срушувањето бариери помеѓу локалните авторитети и ромските заедници, туку им докажува на носителите на политики, активистите и експертите дека промената е возможна. Навистина ме инспирира посветеноста на годинешните добитници за давање моќ и мобилизирање на ромските заедници, како и за зајакнување на нивната можност за стапување во дијалог со јавните авторитети. Горд сум на сите и се надевам дека оваа награда ќе ги инспирира и другите да го следат нивниот пример.“

 

Главната цел на Неделата на Ромите е да ја зајакне посветеноста на Европскиот парламент и другите институции во борбата против дискриминацијата на Ромите и трансформација на оваа посветеност во вистинско дело. Прославувањето на добитниците на наградата „Најпријателски градоначалник кон Ромите“ е значаен момент за обединувањето во рамки на Европската недела на Ромите, во живо, после две години изолација. Церемонијата за доделување на наградите е врвот на кампањата во Брисел и цели кон создавање цврсти синергии со активности кои зедоа место ширум Западен Балкан и Турција, но, исто така, и во земјите-членки на ЕУ; на локално и државно ниво.

 

Од проценетите 10 – 12 милиони Роми кои живеат во Европа, околу 1 милион живеат во Западен Балкан, а 2,8 милиони во Турција. Целосна интеграција и инклузија на Ромите е клучен приоритет на ЕУ; кој започнува со зголемување на дијалогот со јавните авторитети и проектните партнери фокусирани на подигнување на свеста за проблемите на Ромите во општинските администрации. Интеграцијата на Ромите е еден од условите за проширување кој партнерите мора да го исполнат за станување земја-членка на ЕУ.

Нов рок за Наградата за истражувачко новинарство 2022 на ЕУ

Новиот рок за поднесување апликација за Наградата за истражувачко новинарство 2022, на ЕУ, за БиХ, Косово, Црна Гора и Србија е 13. мај, до 23.59 часот. Поединци или групи новинари од Западен Балкан и Турција можат да аплицираат во сите новинарски форми (печатена, онлајн, радио и телевизиска), објавена или емитувана во медиумите на секоја држава на официјален, малцински или меѓународен јазик во текот на 2021 година.

 

Право на учество имаат истражувачките приказни поврзани со слобода на изразување, владеење на правото, транспарентност, злоупотреба на моќ и основни права, корупција и организиран криминал. Наградниот фонд во секоја држава изнесува 10000 евра и се состои од: награда за прво место во износ од 5000 евра, награда за второ место во износ од 3000 евра и награда за трето место во износ од 2000 евра.

 

Наградите за истражувачко новинарство во Западен Балкан и Турција имаат за цел да им оддадат почит и да ги промовираат извонредните достигнување на истражувачките новинари; како и да ја подобрат видливоста на квалитетното новинарство во регионот. Наградите се дел од тековниот проект за Зацврстување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција, финансиран од ЕУ.

Западен Балкан го прославува Денот на Европа

Како секоја година во текот на две децении, Денот на Европа се прослави во Западен Балкан на 9. мај. Граѓаните имаа можност да уживаат во активности како музички концерти, уметнички изложби и спортови. Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors) беа, исто така, дел од активностите за Денот на Европа ширум балканските градови; придонесувајќи преку работилници, дискусии и акции за подигнување на свеста кои вклучуваа теми како човечки права, дигитална и зелена иднина, градење мир и родова еднаквост.

 

Денот на Европа го одбележува потпишувањето на Шумановата декларација на 9. мај 1950 година. Се работи за амбициозен план кој го обезбеди долгорочниот мир во пост-воената Европа и се смета за почеток на денешната Европска Унија. Во својот говор во Париз, во 1950 година, тогашниот француски министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ја претстави својата идеја за нова форма на соработка во Европа, која би ја направила невозможна војната помеѓу нациите во Европа. Овој ден е прилика да се потсетиме на Шумановата декларација; првиот основен документ во создавањето на денешната Европска Унија, прославувајќи ги, истовремено, европските вредности.

Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ започна во Србија

Секоја индивидуа игра важна улога во одговарањето на говорот на омраза со позитивен јазик и заемна почит. Ова беше една од клучните пораки при отворањето на настанот за кампањата за подигнување свест – „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, заеднички организирана од страна на ЕУ и Советот на Европа, која се одржа на 5. мај во Белград.  
Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има за цел да се бори со различните форми на говор на омраза кои се насочени кон заедниците или индивидуите во Србија; особено оние од ранливите групи и малцинствата. Кампањата ќе се спроведе во онлајн формат; преку страните на социјалните медиуми, како и преку јавни настани. Активностите ќе вклучат јавни личности, институции и активисти кои ќе ги промовираат разноликоста и еднаквоста во Србија и регионот преку своите лични искуства, сведоштва и размена на добри практики.  
Амбасадори на кампањата против говор на омраза во Србија се реномирани јавни личности од светот на глумата: Милена Радуловиќ, Сандра Силаџев, Милош Тимотијевиќ и Славен Дошло, а кампањата беше, исто така, поддржана и од Младите европски амбасадори (Young European Ambassadors). Тие изјавија дека ја поддржуваат кампањата, бидејќи веруваат дека заедно можеме да направиме позитивна промена и поинклузивно општество.  
Кампањата е спроведена во рамки на иницијатива за промоција на разноликоста и еднаквоста во Србија, како дел од заедничката програма, помеѓу ЕУ и Советот на Европа, насловена „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“. Оваа програма поддржува клучни локални чинители и институции-кориснички во Србија и Западен Балкан во борбата против дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза насочени кон малцинства, членови на ЛГБТИ заедницата и останати ранливи категории во српското општество.