
Наоѓање на работата од соништата во дигиталниот Облак
Нов модел на дигитална обука за разрешување на неусогласеноста на вештините и невработеноста
Стапката на невработеност кај младите во Западен Балкан е една од највисоките во Европа; варирајќи од 28,3% во Албанија до 55,4% во Косово (според Eurostat 2018). Но, од друга страна, пак, остануваат бројни непотполнети работни места. Едно од решенијата е дообучување на младите преку курсеви за обука кои се фокусираат на специфични и барани, од работодавците, вештини. Ваков приод зазеде српската младинска организација RES POLIS (Центар за младински и социјален развој), специјализирана во доменот на развој на неформални образовни стратегии за поттикнување и инспирирање млади луѓе.
“Сведоци бевме на парадокс во Србија“ – објаснува Борис Негели од RES POLIS. “Од една страна, имавме висока стапка на невработеност, но, од друга страна, пак, ИТ секторот имаше сериозен дефицит на обучени работници. За нас, решението беше едноставно: Државниот завод за вработување, одговорен за обучување на невработените, треба да вклучи ИКТ обуки во склоп на образовните програми.“ Ова беше инспирацијата за проектот ‘Креирај ја својата работа’ (‘Design Your Job’) кој го започна RES POLIS уште во 2009 година. Целта беше да се развијат ИКТ образовни програми во домени каде што имаше недостаток на талент.
Оттогаш, ‘Креирај ја својата работа’ (‘Design Your Job’) континуирано расте. Проектот е поддржан од програмата ЕРАЗМУС+ на Европската Унија, која промовира соработка на полето на образование, обуки и младинска работа, вклучувајќи го, исто така, и Западен Балкан. Овој проект обединува партнерски организации од Франција, Италија, Албанија и Кипар, кои придонесуваат со своите различни искуства. Со оглед на тоа што многу држави ширум Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици, споделувањето на искуства е од неопходна важност.
Понудените обуки покриваат најразлични полиња; од графички дизајн, веб дизајн, програмирање и 3Д моделирање, па сè до основни анимации за игри. Секој помеѓу 18 и 30 години може да се пријави, а особено ги мотивираме да аплицираат младите од маргинализираните групи. За да се здобијат со меѓународно искуство, успешните кандидати продолжуваат со обуката во некоја од државите-партнери.