Skip to main content

Area of Cooperation: Иновации и истражување

Револуционерно земјоделско истражување во Србија: Револуционерен нов објект на Институтот BioSense

Со поддршка на заемот од EIB, институтот Biosensе во Србија добива нова зграда со високо софистицирана опрема и голем работен простор.

BioSense, пионерскиот Институт за истражување и развој за ИТ во биосистемите, ја предводи задачата за револуција на земјоделството преку дигитални иновации во Србија. Од своето основање во 2015 година, институтот е во првите редови за истражување на најновите научни и технолошки достигнувања во примената на ИТ во земјоделството. Неговата примарна цел е да испорача најсовремени дигитални решенија за земјоделскиот сектор во Србија и во светот, како ќе ги оспособи земјоделците да постигнат повисоки приноси со оптимални инвестиции. Влијанието на научните откритија на BioSense се протега многу подалеку од границите на нивните лаборатории. Овие иновации се беспрекорно интегрирани во општеството, со што корист имаат земјоделците, услугите за техничка поддршка, компаниите, креаторите на политики, студентите и учениците.

За поддршка на Институтот BioSense, ЕУ обезбедува финансии преку проектот ANTARES, со дарежлив грант од 14 милиони евра од програмата на ЕУ Хоризонт 2020 „Ширење инзвонредност и проширување на учеството. „Владата на Србија, исто така, даде значаен придонес од € 20 милиони, од кои дел е добиен преку поволен заем од 18 милиони евра од Европската инвестициска банка. Овие средства се посветени на развојот на истражувачката инфраструктура, вклучувајќи ја новоотворената најмодерна зграда на институтот и најсовремената научна опрема.

“Од нашето основање во 2015 година со само 10 вработени, доживеавме забележителен раст и сега имаме 150вработени. Опсегот на нашето истражување значително се прошири, со што се појави потреба од нова зграда, подобрена инфраструктура и надградена опрема.”

Професорот Владимир Црнојевиќ работи како директор на Институтот BioSense. Тој ја истакнува итната потреба за дополнителен работен простор што се појавила со текот на времето. „Од нашето основање во 2015 година со само 10 вработени, доживеавме забележителен раст и сега имаме 150 вработени. Опсегот на нашето истражување значително се прошири, со што се појави потреба од нова зграда, подобрена инфраструктура и надградена опрема “, објаснува професорот Црнојевиќ.

Новоизградената зграда на Институтот BioSense се истакнува како една од најиновативните градби во Србија. Таа е прецизно дизајнирана со цел да ги задоволи потребите на истражувачите кои работат на проекти поврзани со микро и нанотехнологија, вештачка интелигенција, истражување на биосистемите, клеточно земјоделство, биоархеологија и разни други научни дисциплини што ги спроведува Институтот за истражување и развој за информатичка технологија во биосистемите. Со оглед на тоа што лабораториите и канцелариите сочинуваат приближно 60% од вкупната површина на зградата, обезбеден е голем работен простор за истражувачите на институтот. Со околу 6.500 метри квадратни, зградата има уникатни архитектонски елементи и комплексни инженерски решенија. Имено, зградата е опремена со технологија за основна изолација, комбинирајќи сеизмички изолатори и изолирани темели за да се заштити од сеизмичка активност, па дури и од најмали надворешни вибрации. Оваа анти-вибрациона основа гарантира дека деликатната опрема сместена во зградата е заштитена од надворешни пречки.

Лабораториите во Институтот BioSense бараат исклучително ниво на чистота, каде што дури и најмалата честичка прашина се смета за преголема. Со цел да се исполнат овие строги барања, специфични лаборатории во објектот се дизајнирани како чисти простории. Овие контролирани средини бараат присуство на чист и незагаден воздух, како би се создал соодветен работен простор за ракување со најделикатната опрема. Пристапот до овие соби е ограничен, поради што од поединците се бара да се облечат во соодветна опрема пред постепено да влегуваат низ сè почисти простории. Визуелната комуникација помеѓу различни простории е олеснета преку стаклени панели, додека кутии посебно наменети за пренос ја олеснуваат размената на материјали и опрема. Покрај тоа, институтот може да се пофали со оптичка лабораторија, целосно обложена во црно за специјализирани оптички истражувања.

“Благодарение на проектот ANTARES и поддршката од Европската инвестициска банка, успеавме да ја набавиме потребната опрема и да инвестираме во нашата нова зграда.”

За програмата

Европската инвестициска банка, институцијата за долгорочно финансирање на Европската унија, поддржува остварливи капитални инвестициски проекти кои ги унапредуваат политичките цели на Унијата. Во земјите од Западен Балкан, финансиските операции на EIB придонесуваат за олеснување на процесот на интеграција во Европската унија. Од 2001 година, EIB додели над 7 милијарди евра во корист на проекти во Србија.

Институтот BioSense доживеа извонреден раст, проширувајќи се од 50 вработени на почетокот на проектот на над 140 вработени во моментов, а повеќе од 50 имаат докторат. Ова проширување е овозможено преку поддршката на програмата ANTARES финансирана од ЕУ. Проектот директно создаде 37 нови позиции, а до завршување на проектот се очекува да бидат пополнети дополнителни 15 позиции. Овој голем поттик значително ги подобри научните способности на Институтот, што резултираше со успешно иницирање на 36 проекти на Хоризонт, 22 други меѓународни проекти, 9 индустриски проекти и 38 национални проекти, со вкупен приход од приближно 25 милиони евра.

Професорот Владимир Црнојевиќ ја признава клучната улога на проектот АНТАРЕС и одлуката на државата да обезбеди средства од Европската инвестициска банка. „Благодарение на проектот ANTARES и поддршката од Европската инвестициска банка, успеавме да ја набавиме потребната опрема и да инвестираме во нашата нова зграда“, потврдува професорот Црнојевиќ.

Револуционизирање на сточарството во Србија

Запознајте го Робо-овчарот – креиран во рамки на научно-технолошкиот парк во Ниш

Најверојатно, многумина од вас се запознаени со RoboCop – протагонист во филм од 80-тите, половина човек, а половина машина. Во тој период, концептот на роботи кои ги заменуваат луѓето во најразлични улоги беше замисла претставена само во научно-фантастичните филмови. Но, во текот на изминатите децении, идејата постепено се претвори во реалност и, денес, сведочиме како роботите ни помагаат во најразлични задачи. Неодамна, одличен пример беше претставен во Србија. Но, овој пат, целта не е да се замени човечката работа туку да се адресираат задачите поврзани со животинското однесување, особено оние кои се поврзани со овчарските кучиња.

 

Српската информациско-технолошка компанија „Coming Computer Engineering“ соработуваше со инженери од Факултетот за механичко инженерство при Универзитетот во Ниш со цел развивање и воведување најсовремен и мултифункционален робот познат како Робо-овчар. Оваа иновативна креација се справува со еден од најголемите предизвици со кои се соочени производителите во Србија: недостатокот од работници.

„Робо-овчарот е дизајниран со цел да се ревитализира традиционалното сточарство, вклучително и одгледувањето добиток на пасиштата.“

„Робо-овчарот е дизајниран со цел да се ревитализира традиционалното сточарство, вклучително и одгледувањето добиток на пасиштата,“ изјавува Душан Крстиќ, проектен менаџер при „Coming Computer Engineering“. „Земајќи ја предвид намалената работна сила, наша цел е да ги замениме луѓето со роботи. Овие роботи ќе ги водат животните на пасиштата, ќе ги заштитуваат од предатори и ќе се погрижат животните да пасат доволно трева.“ Веројатноста робот-овчар да се грижи за стадо од 620 овци може да стане позната глетка на српските пасишта. Освен за грижа за добиток, „Coming Computer“ развива роботи за најразлични земјоделски работи, како, на пример, садење, наводнување,  берба и орање.

За разлика од машините, овие електрични асистенти можат да функционираат на исклучително стрмен терен. „Ја тестиравме способноста на прототипот за влечење товар од 345 килограми на угорнина од 30 %, користејќи систем за автоматско урамнотежување,“ објаснува Никола Велчев, инженер при „Coming Computer“. „Ваквиот систем му овозможува на роботот да ја наведне својата предна страна кога се искачува по стрмни предели, со што се спречува негово паѓање при носење голем товар или при влечење приколка.“ Исто така, роботот се адаптира на операции на ниво на земјата, како што се собирање јагоди, и може веднаш да ја прилагоди својата роботска платформа за да се издигне на височина до 2 метри. „Наша цел е да развиеме платформа која може да инкорпорира најразлични додатоци за различни активности,“ раскажува Велчев. „Роботот се контролира со џојстик, опремен со сензор на движење кој може да детектира пречки и да ги избегне. Со помош на GPS навигација, роботот може самостојно да се врати од пасиштето до шталата.“

Во текот на следните три години, роботите ќе навлезат во доменот на производство, со ценовна стратегија која ќе ги направи достапни за малите земјоделски производители. Во моментов, роботите од овој вид чинат преку 100000 евра и не се достапни за повеќето земјоделци во Србија и околниот регион.

„Суштината на научно-технолошкиот парк лежи во креирањето заедница од иновативни компании кои поттикнуваат размена на знаење, меѓусебна поддршка и активно учество во организирани активности.“

За проектот

Проектот „Истражување и развој на јавниот сектор“ опфаќа серија инвестиции насочени кон ревитализирање на истражувањето и развојот на јавниот сектор во државата. Овие инвестиции вклучуваат надградување на постоечката инфраструктура, креирање центар за промоција на наука, изградба на капацитети за сместување на студенти и млади научници, како и изградба на центри за усовршување во приоритетните полиња на истражување. Висината на проектот е процената на 420 милиони евра. Проектот е целосно усогласен со приоритетите за позајмување на Европската инвестициска банка насочени кон зајакнување и развој на активности во поддршка на земјите-кандидати и земјите потенцијални кандидати. Европската инвестициска банка, долгорочна финансиска институција на ЕУ, поддржува одржливи капитални инвестициски проекти кои ги унапредуваат целите на политиката на ЕУ. Во државите од Западен Балкан, финансиските операции на ЕИБ придонесуваат за олеснување на процесот на интеграција во ЕУ. Од 2001 година, ЕИБ издвоила 2,6 милијарда евра во корист на проекти во Србија.

Подигнување на стандардите во напредното земјоделство

 Обично, би биле потребни меѓу пет и десет години за да се развијат вакви специјализирани земјоделски решенија засновани на вештачка интелигенција. Дури и за глобалните високотехнолошки компании сместени во главните информациско-технолошки центри како што е Силициумската долина. Но, иноваторите во научно-технолошкиот парк во Ниш го реализирале овој предизвик за зачудувачки три години, со поддршка од Фондот за иновации на Република Србија и ЕУ.

Меѓу бројните компании кои оперираат во рамки на научно-технолошкиот парк во Ниш – иновативен центар отворен во 2020 година, е и „Coming Computer Engineering“. Паркот се развил како централна точка за унапредување на научни и технолошки проекти, како и нивна меѓународна промоција. Соработуваат со универзитетите и академската заедница, обединувајќи преку 500 млади ИТ инженери со цел да го претворат регионот во глобален центар за најсовремени технологии.

„Суштината на научно-технолошкиот парк лежи во креирањето заедница од иновативни компании кои поттикнуваат размена на знаење, меѓусебна поддршка и активно учество во организирани активности,“вели Милан Ранџеловиќ, директор на научно-технолошкиот парк во Ниш. „Нашата цел е да ги поддржиме локалните високотехнолошки претприемачи и да ја зголемиме свеста, истовремено зајакнувајќи го целиот иновациски екосистем во регионот.“

Заедно со своите виртуелни членови, компаниите сместени во научно-технолошкиот парк вработуваат приближно 5000 индивидуи. Изградбата на просториите на научно-технолошкиот парк беше финансирана од Владата на Србија и заем од Европската инвестициска банка, обезбеден во 2010 година, за секторот за истражување и развој во Србија.

ЕУ и Германија со поддршка за дигитална транзиција и придонес за креирање работни места во ИТ секторот во Косово

Амбасадорот на ЕУ во Косово, Томас Суњог, и раководителот за развојна соработка при амбасадата на Германија, Вера Бауман, на 14. февруари свечено ја отворија академијата „Pristina Innovemia Innovation Academy“.

 

Академијата, во соработка со компанијата за дигитални медиуми „MetDaan“ и паркот за иновации и обуки, ќе понуди обуки за дигитално и технолошко претприемништво, социјални медиуми и видео уредување на вработените или млади кои сакаат да работат во ИТ секторот, особено поддржувајќи ја дигиталната транзиција на микро и малите претпријатија.

 

Со финансирање од ЕУ и Германија, во висина од 150000 евра, академијата ќе овозможи курсеви за обука за најмалку 210 млади, на возраст под 35 години; охрабрувајќи, истовремено, учество на жени.

 

„Започнувањето на оваа академија е значаен чекор кон зајакнување на дигиталните вештини во Косово. Академијата ќе им помогне на младите да ги зголемат своите шанси за вработување. Преку дигиталната транзиција на микро и малите претпријатија, академијата ќе придонесе за севкупната конкурентност на косовската економија,“ изјави амбасадорот Суњог.

 

ЕУ и Германија се едни од најистакнатите поддржувачи на дигиталната транзиција во Косово.

Албанија се позиционира на картата на стартапови

Водечка иницијатива, финансирана од ЕУ, помага за идентификување, промовирање и раст на иновација.

Неодамнешното политичко достигнување на Албанија – почетокот на пристапни преговори со ЕУ, во 2022 година, отвори ново поглавје за иновација и конкурентност во државата. Со традиционална економија, државата има рамномерен раст уште од преминот кон демократија пред три децении, но покажувањето видливи резултати во развојот на стартапови е важно за Албанија за придвижување кон одржлива економија.

Бидејќи се сметаше дека Албанија има неискористен потенцијал за стартапови, ЕУ понуди финансирање за проекти за подобрување на иновативна средина и поттикнување нови претприемачи. Иницијативата „ЕУ за иновација“ ги носи најдобрите практики кои им овозможуваат на чинителите во екосистемот да оживеат, олеснувајќи им ја соработката и поддржувајќи иновативни стартапови.

„ЕУ за иновација“ делуваше како камен-темелник на екосистемот.“

Кога иницијативата започнала, уште во 2018 година, било очигледно дека постоеле претприемнички активности, но не биле обединети и не му помагале на секторот како целина. „ЕУ за иновации“ понуди адреса на која ресурсите можат да се здружат, а активностите да се координираат. „ЕУ за иновација делуваше како камен-темелник на екосистемот. Ја подобривме соработката во екосистемот; создадовме платформи за ангажирање и постојано стававме акцент на важноста од конкуренција помеѓу чинителите со цел екосистемот да биде поконкурентен во целост,“ вели Себастијан Бервангер од иницијативата „ЕУ за иновација“. Владата дала поддршка преку иницирање закон за стартапови како и шема со грантови која ќе инспирира нови иноватори во текот на следните пет години.

Иницијативата „ЕУ за иновација“ пополни празнини во албанскиот екосистем преку отворен процес на „ко-креација“ помеѓу клучните чинители. Применувајќи го овој пристап, иницијативата пилотирала над 35 проекти, од октомври 2018 година до септември 2022 година; усогласувајќи ги своите активности со чинителите, креаторите на политики и останатите донатори.

Технологијата е составен дел од стартап решенијата во Албанија; без разлика дали се работи за информациско-комуникациски технологии, туризам, земјоделство или земјоделски туризам, електронски бизнис, образование или здравје. Дополнителна позитивна шема во првата група основачи кои потекнуваат од програмата за инкубација на повеќе универзитети е преовладувањето на жени-основачи.

„AlbaniaTech“ – дигитален каталог за стартапови во државата

„AlbaniaTech“ може бесплатно да се користи и, со својата податочна база од 170 стартапови, е место за идентификување, промовирање и развивање стартапови во Албанија. Платформата се развила преку соработка со меѓународен „провајдер“ кој обединува 50 екосистеми на глобално ниво, така што обезбедува видливост за стартап екосистемот пред странските инвеститори; овозможувајќи, истовремено, и дигитално „добредојде“ за секој кој сака свеж почеток во Тирана.

„Нашата платформа им овозможува на стартаповите да „процветаат.“

За проектот

Проектот „ЕУ за иновација“ има за цел подобрување на средината за иновации и поттикнување создавање на стартапови во Албанија преку развој на капацитети за иновација; интензивирани вмрежувања во албанскиот екосистем за иновации, како и овозможување финансии за иновативните стартапови и даватели на иновативна поддршка. Проектот се смета како водечки проект за иновација во екосистемот за стартапови во Албанија.

Темелите се поставени за, врз нив, идните генерации да можат да градат: „AlbaniaTech“ е тука да им даде крила на иноваторите и стартаповите. „Нашата платформа им овозможува на стартаповите да „процветаат“. Секој кој би се навратил наназад, би видел колку нашата заедница порасна од таму каде што започнавме од нула,“ вели Гјока.

Со сериозни интервенции како „ЕУ за иновација“, Албанија полека, но сигурно, го заслужува своето место на мапата за стартап нации. Новата динамика во албанската средина за иновации беше истакната на „Европската табела за иновации 2022“ („European Innovation Scoreboard 2022“) на којашто Албанија беше назначена како „иноватор во развој“, заедно со другите економии од Западен Балкан.

Медицински респиратори достапни за сите

Професор и група студенти од универзитетот во Приштина, со поддршка на ЕУ, развија прототип за достапен медицински респиратор.

Медицинските респиратори имаа важен придонес за време на пандемијата КОВИД-19, значително помагајќи им на пациентите во ургентните одделенија. Помагајќи го респираторниот процес со цел белите дробови да го добијат потребниот кислород, респираторите можат да бидат живото-спасувачки машини за оние пациенти со заболувања кои не им дозволуваат соодветно да дишат. Недостатокот на пристап до респиратори поттикна студенти и професори од факултетот за механичко инженерство, при универзитетот во Приштина, во Косово да изнајдат алтернативи.

„Имаше модели на респиратори, достапни на пазарот, но нивните цени беа превисоки: до 40000 евра. Сакавме да развиеме машина која ќе им овозможи на пациентите во земјите со ниски приходи да добијат третман во ургентни ситуации како, на пример, пандемијата КОВИД-19.“

Од идеја до имплементација

Професор Арбнор Пајазити е експерт во доменот на роботика и раководител на отсекот за мехатроника при факултетот за механичко инженерство на универзитетот во Приштина. Професор Пајазити и неговиот тим развиле прототип за достапен медицински респиратор, соодветен за респираторни проблеми; како КОВИД-19, наменет за државите со ниски приходи. Покрај достапната цена, производот има и патентиран новитет: за разлика од повеќето постоечки системи кои им налагаат респираторен ритам на пациентите, оваа направа му овозможува на пациентот да ја регулира секоја респираторна секвенца. „Имаше модели на респиратори, достапни на пазарот, но нивните цени беа превисоки: до 40000 евра. Сакавме да развиеме машина која ќе им овозможи на пациентите во земјите со ниски приходи да добијат третман во ургентни ситуации како, на пример, пандемијата КОВИД-19,“ вели професор Пајазити.

Работата на механичкиот респиратор започнала на почетокот од пандемијата. Како по обичај, на почетокот од семестарот, професорот го прашал својот тим студенти да смислат идеи за развој на прототипи. Со оглед на тоа што имало потреба од респиратори, тимот скоро едногласно одлучил дека тоа треба да биде направата на која треба итно да работат. Најпрво, извршиле истражување и заклучиле дека во светот нема недостаток од респиратори, но дека нивната цена е особено висока и дека нема залиха. Следната етапа подразбирала да се работи на идеја за медицински респиратор кој ќе може да се произведе по ниска цена и ќе може брзо да се состави. Напоредно, работеле за да го тестираат респираторот во виртуелна средина. Професор Пајазити објаснува дека денес компјутерскиот софтвер е прилично успешен при тестирањето прототипи за механичко инженерство. „Се доближуваат со 95 % до вистинските прототипи,“ вели тој. По успешното тестирање на софтверот, неговиот тим морал да премине на физичкиот прототип, но биле соочени со предизвик – недостаток на средства за набавка на деловите, како и недостаток на експертиза за патентирање на направата.

„Без поддршката од „EU4TECH POC“, овој проект ќе беше само уште едно академско дело на хартија.“

За проектот

„EU4TECH PoC Western Balkans“ беше двогодишен ИПА проект за претпристапна помош, за повеќе држави, финансиран преку Инвестицискиот фонд за претпријатија и развој на Западен Балкан (Western Balkans Enterprise and Development Innovation Facility (WBEDIF)). Проектот ги опфати шесте економии во регионот на Западен Балкан. Поддржаните проекти потекнуваа од јавни истражувачки организации и стартапови / мали и средни претпријатија.

Инвестицискиот фонд за претпријатија и развој на Западен Балкан (Western Balkans Enterprise and Development Innovation Facility (WBEDIF)) е еден од инструментите на приватниот сектор, поддржан од Инвестициската рамка Западен Балкан – заедничка иницијатива на ЕУ, финансиски организации, билатерални донатори и корисници; насочени кон подобрување на хармонизацијата и соработката за инвестиции за општествено-економски развој на регионот и придонес за европска перспектива на Западен Балкан.

Инвестициската рамка Западен Балкан е главното средство за имплементација на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан. Примарна цел на планот е зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, како и зголемување на поддршката за истражување и иновација.

Во тоа време, проектот „EU4TECH Proof of Concept (PoC)“, финансиран од ЕУ, отворил повик за предлози за финансирање на развој на иновативни идеи ширум Западен Балкан. Со оглед на тоа што професор Пајазити веќе бил запознаен со проектот, одлучил да ја состави документацијата и да аплицира за поддршка. Обидот бил успешен и биле еден од првите тимови избрани во рамки на шемата за доказ за концепт, квалифицирани за поддршка за прототип.

„EU4TECH PoC“ го поддржал проектот за стекнување минимум хардвер, потребен за докажување на основниот концепт, исцртување професионална апликација за патент, на англиски јазик; заснована на сеопфатна технологија за пребарување, како и истражување на регулаторните услови за направата. „Без поддршката од „EU4TECH POC“, овој проект ќе беше само уште едно академско дело на хартија,“ вели професор Пајазити.

Како што шемата „Proof of Concept“ („Доказ за концепт“) се приближува кон својот крај, проектот за механички респиратор мора да најде понатамошна поддршка. Истата би можела да добие форма на грант (околу 50000 евра) за купување хардвер и развивање софтвер потребен за премин на прототипот од трето ниво на техничка подготвеност кон четврто ниво. Исто така, би била потребна и сертификација пред респираторот да биде тестиран на Универзитетската клиника во Приштина. На долг рок, проектот треба да одреди индустриски партнер за претворање на прототипот во целосно сертифициран производ.

Професор Пајазати објаснува дека неговите студенти се мотивирани и понатаму да придонесуваат за овој и слични проекти. „Со соодветно финансирање и поддршка, можеме значително да придонесеме за нашата заедница и за човештвото,“ вели тој.

Роботска рака која резултира со добро нахранети риби

Лабораторија, поддржана од ЕУ, им овозможува на браќа од Црна Гора да развијат уред за управување со количината и квалитетот на храната за риби.

Богдан и Горан Максимовиќ се браќа од Никшиќ, Црна Гора. Помладиот брат, Богдан, е експерт за ИТ, а неговиот помлад брат, Горан, е електричар и страстен рибар. Кога ги здружиле силите, заедно го креирале иновативниот уред за хранење риби. „Денешниот процес за хранење на рибите е прилично старомоден: истиот од пред 50 години. Луѓето не знаат ни колку риби имаат во рибарникот, а уште помалку колку храна им е потребна; па, затоа, смисливме систем кој може да помогне со штедење храна, а, на тој начин, и пари,“ вели Горан.

Горан понатаму објаснува дека немањето претстава колку храна им е потребно на рибите може да создаде други проблеми; како, на пример, прекумерната храна може да ја загади водата и да доведе до смрт на рибите. „Сега, сите овие проблеми се решени,“ вели Горан. Уредот за хранење риби кој го креирал со својот брат може да се користи за програмирање и набљудување на храната која им се дава на рибите. Врз основа на овие информации, уредот може да пресмета колку храна им е потребно дневно. Уредот работи на соларен панел, па, оттука, енергијата е ефикасна и мобилна; а направата може да се користи во рибници на оддалечени места; како, на пример, високите планини.

„Моравме да воведеме и објасниме, од самата основа, концепти како иновација, стартапови и технологија. Но, успеавме да создадеме одреден вид на епицентар од добра енергија, идеи, проекти и способности, и сме особено среќни за тоа.“

Место за иновација

Уредот за хранење риби беше развиен и тестиран во Центарот за иновации и претприемништво „Tehnopolis“, во Никшиќ, кој е центар за развивање стартап претпријатија и претприемништво. Неодамна, проект, финансиран од ЕУ, со наслов „Подобрување на инфраструктурата за истражување и иновација која може да се употреби со цел поддршка на развој на мали и средни претпријатија“, го поддржа „Tehnopolis“ во формирањето нова лабораторија за индустриски дизајн, биотехнолошка лабораторија и податочен центар. 3Д моделот за уредот за хранење риби беше развиен во лабораторијата за индустриски дизајн; опремена со најсовремен 3Д принтер, компјутерско нумеричко контролни машини и роботска рака.

Ѓорѓије Брукљан е одговорен за Центарот за програмски активности, истражување и развој во „Tehnopolis“, основан во 2014 година од страна на владата на Црна Гора како непрофитна организација со ограничена одговорност во владина сопственост. Ѓорѓије објаснува дека почетокот бил особено тежок затоа што во Никшиќ немало активности од технолошки карактер пред отворањето на „Tehnopolis“. „Моравме да воведеме и објасниме, од самата основа, концепти како иновација, стартапови и технологија. Но, успеавме да создадеме одреден вид на епицентар од добра енергија, идеи, проекти и способности, и сме особено среќни за тоа,“ вели Ѓорѓије.

Ѓорѓије објаснува дека нивната целна група е доста широка и вклучува мали деца, возрасни луѓе во своето средно и поодминато доба, студенти, стартапови и претприемачи, тимови за развој, микро, мали и средни претпријатија, земјоделски производители, институции, инвеститори, локални и регионални партнери и други.

„Моментално, околу 40 иноватори се служат со податочниот центар, лабораторијата за биотехнологија; како и лабораторијата за индустриски дизајн, во нашиот центар, целосно финансиран од ЕУ.“

За проектот

Проектот „Подобрување на инфраструктурата за истражување и иновација која може да се употреби со цел поддршка на развој на мали и средни претпријатија“, финансиран од ЕУ, овозможи поддршка за „Tehnopolis“ за развој на инфраструктурните капацитети на биохемиската лабораторија, лабораторијата за индустриски дизајн и податочниот центар. Проектот резултира со креирање на иновативна платформа за поддршка на нови услуги и производи во Црна Гора, како и конкурентност на постоечките мали и средни претпријатија; овозможувајќи помош за развивање нови мали и средни претпријатија ориентирани кон технологијата. Целосниот буџет на проектот изнесуваше 818000 евра.

Досега, „Technopolis“ има имплементирано околу 30 проекти, од кои 16 се сè уште во тек. Преку 90 % од средствата за овие проекти се обезбедени од ЕУ; која го поддржува „Technopolis“ со околу 4 милиони евра, преку различни програми, во текот на последните пет години. „Моментално, околу 40 иноватори се служат со податочниот центар, лабораторијата за биотехнологија; како и лабораторијата за индустриски дизајн, во нашиот центар, целосно финансиран од ЕУ,“ вели Ѓорѓије.

„Исто така, ги развиваме и нашите човечки ресурси за да бидеме сигурни дека имаме луѓе со соодветни вештини за ракување со опремата. Ова значи дека, во иднина, ќе можеме да обезбедиме поголема поддршка за земјоделците, иноваторите и малите и средни претпријатија кои сакаат да го подобрат својот производствен процес и да станат поконкурентни на пазарот,“ заклучува тој.

Примена на вештачка интелигенција за безбедност на возовите

Запознајте го железничкиот робот, измислен од тим научници од Србија, кој ја одржува безбедноста на патниците!

За да соодветствуваат на железничките регулации, локомотивите се постојано подложни на инспекција. Тоа вклучува визуелна инспекција, подетално мерење или отворање дел од возилото. Видот инспекција зависи од серијата локомотиви или пропатуваното време и растојание. Визуелните инспекции, главно, се извршуваат во инспекциски центар, од страна на железнички инспектор кој користи рачна лампа за осветлување. Но, процесот не е толку едноставен колку што звучи.

Последниве години, либерализацијата на пазарот за железничко карго во Србија резултира со зголемен број на помали железнички оператори на пазарот. Повеќето се специјализирани со специфични карго транспортни продукти и ограничен број на локомотиви, вагони и услужни ресурси. Меѓутоа, без разлика на големината на карго операторот, сè уште важат правилата за инспекција. Со оглед на тоа што малите оператори не поседуваат депоа со инспекциски центри, возилата мораат да престојуваат, со денови или недели, во колективни депоа, за да биде извршена инспекција. Ова резултира со доцнења, прекин на услугите и загуба на приходи. За да се соочат со овој предизвик, група научници од Србија направија сериозен напор за да изнајдат решение.

„Одлучивме да ја доразвиеме оваа идеја, така што целиот операциски циклус е заокружен со поддршка на вештачка интелигенција – робот.“

Професорот Александар Милтеновиќ од Факултетот за механичко инженерство – Универзитет Ниш, во Србија, е главен на тимот научници кои го развија системот „ATUVIS“ (Autonomous Train Undercarriage Visual Inspection System/Автономен систем за визуелна инспекција на возови). Станува збор за паметно и ефикасно решение засновано на вештачка интелигенција кое ќе овозможи инспекција на оперативните возови преку избегнување на скапите и долги операции за нивно одржување, како и нивно вадење од употреба и ставање во инспекциските центри. Роботот, измислен од професор Милтеновиќ и неговиот тим, може да биде ставен под возот; со цел сликање и автоматско генерирање извештај за состојбата на возилото.

Професор Милтеновиќ објаснува дека преку пет години работеле на ова решение; и тоа на барање од страна на приватните железнички оператори. На почетокот, развиле попримитивен уред со решение засновано на механичка камера, но со потреба од човечка поддршка. „Меѓутоа, одлучивме да ја доразвиеме оваа идеја, така што целиот операциски циклус е заокружен со поддршка на вештачка интелигенција – робот,“ вели професор Милтеновиќ.

Од прототип до пазар

Ништо од ова не би било возможно без поддршка на шемата „Proof of Concept“ („Доказ за концепт“) (EU4TECH PoC), финансирана од ЕУ. Оваа шема овозможува помош за возбудливите технологии за напредок и тоа преку поддржување тимови за јавно истражување, како и мали и средни претпријатија кои имаат идеи во фазата „Доказ за концепт“; вклучително преку прототипирање и патентирање, со цел нивно крајно доведување на пазарот. Поддршката за прототипирање на „EU4TECH PoC“ за шемата „ATUVIS“ беше фокусирана на проверка на изводливоста на инспекцијата на груб терен и способноста на компонентната камера; дел од системот да заземе каква било положба на подвозјето, како и да биде поставена во странична насока. Дополнително, „EU4TECH PoC“ му помогна на тимот да ја истражи можноста за патентирање на изумот и да го одреди соодветниот бизнис модел.

„Само што го завршивме проектот „EU4TECH“, се пријавивме за дополнително финансирање и добивме позитивен одговор. Без „EU4TECH“, нашата идеја сè уште ќе останеше само на хартија.“

За проектот

„ EU4TECH Proof of Concept“ (PoC) Западен Балкан беше двегодишен повеќе државен инструмент за претпристапна помош, финансиран од ЕУ преку Фондот за претприемништво и иновации за развој на Западен Балкан. Проектот ги покри шесте економии во регионот на Западен Балкан. Поддржаните проекти, пак, потекнуваа од јавни организации за истражување и стартапови/мали и средни претпријатија.

Фондот за претприемништво и иновации за развој на Западен Балкан е еден од инструментите на приватниот сектор, поддржан од Инвестициската рамка за Западен Балкан – заедничка иницијатива на ЕУ, финансиски организации, билатерални донатори и корисници; кој цели кон зголемување на хармонизацијата и соработката во доменот на инвестиции за општествено-економски развој на регионот и придонесување за европска перспектива на Западен Балкан.

Фондот за претприемништво и иновации за развој на Западен Балкан е главното средство за имплементација на амбициозниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на ЕУ. Во сржта на планот се зголемувањето на конкурентноста на приватниот сектор и поддршката за истражување и иновација.

Со поддршка на „EU4TECH“ тимот можеше да го развие следниот прототип кој е многу понапреден од претходниот. „Само што го завршивме проектот „EU4TECH“, се пријавивме за дополнително финансирање и добивме позитивен одговор. Без „EU4TECH“, нашата идеја сè уште ќе останеше само на хартија,“ вели професор Милтеновиќ.

За следната и крајна фаза на развојот на нивната идеја, тимот од Факултетот за механичко инженерство Ниш доби 300000 евра како поддршка од Фондот за иновации од Србија; кофинансиран од ЕУ. За две години, планираат да го направат „ATUVIS“ достапен на железничкиот пазар. „Кога го отворивме факултетот, во доцните 90-ти, не се надевав дека еден ден ќе развиваме роботи за вакви потреби. Сè уште ми се чини дека е сон,“ вели професор Милтеновиќ.

Фати ме за рака

Со поддршка на ЕУ, српски стартап разви „паметна ракавица“ за зголемување на самостојноста на лицата со попреченост во видот.

Никола Крстиќ е млад претприемач од Србија чиј изум, неодамна, ги разбранува меѓународните пазари. За помалку од две години, Никола премина од средношколец во извршен директор на компанија. Неговиот изум е „паметна ракавица“ преку која слепите лица и лицата со попреченост во видот можат да се ориентираат и да препознаваат бои; како и банкноти и други предмети, и преку која нивните придружници или пријатели ќе можат да ги следат нивните движења.

Приказната на овој изум датира од периодот кога Никола бил сè уште во средно училиште и присуствувал на натпревар на којшто младите требало да развијат и предложат иновативни бизнис идеи. Неговото учество било инспирирано од фактот што имал попреченост на едното око. „Идејата сама по себе беше спонтана и дојде од фактот што го имам овој проблем уште од раѓање,“ вели Никола.

„Развивањето на идејата беше само почеток: ни претстоеше долг пат пред нас“

Навистина потребна поддршка

Но, да се има идеја за тоа што сакате да го направите и основно знаење за тоа како да го реализирате истото, не се доволни во светот на стартаповите. „Развивањето на идејата беше само почеток: ни претстоеше долг пат пред нас,“ вели Никола. Тој и неговиот тим имале потреба од поддршка во насока на експертиза и финансирање на понатамошно развивање на производот.

Потенцијалот на идејата на Никола бил препознаен од Фондот за иновации во Србија кој, преку својата Програма за ран развој; со средства од ЕУ, го поддржа развојот на овој иновативен производ кој Никола го именува „Анора“.

Никола објаснува дека финансирањето било, главно, употребено за развој на хардверот во ракавицата со кој компактната електроника ги овозможува сите функции неопходни во секојдневието на едно слепо лице. Имале можност дополнително да инвестираат во дизајнот на ракавицата; па, денес, имаат незабележлив дизајн изработен од премиум материјали кој може да издржи неколку години секојдневна употреба. „Значи, најважните делови; хардверот и дизајнот за ракавицата, беа овозможени со поддршка на ЕУ,“ вели тој.

Ракавицата вклучува десет суштински функции. Тука спаѓаат детектирање предмети во просторот и поврат на вибрациски сигнали, засновани на блискоста на предметите; слично како радар. Дополнително, ракавицата детектира бои и банкноти и го кажува датумот и времето. Исто така, помага и при ориентација, а доколку лицето кое ја носи се изгуби, ракавицата може да ја испрати неговата адреса до придружникот или пријателите.

„Поддршката од ЕУ беше клучна, бидејќи претходно бев обичен средношколец со идеја, а сега сум лидер на компанија која изработува неопходен производ кој ќе биде меѓународно признаен.“

За проектот

Србија е една од првите држави во регионот која ја усвои така наречената иновативна одредба – идеја дека успешното учество во светската економија заснована на знаење подлежи на можност за адаптација и подобрување на технолошките и истражувачки капацитети преку соработка помеѓу јавните и приватни сектори. Активен уште од 2011 година, Фондот за иновации е пионер во институционалната имплементација на оваа одредба; главно, преку зголемување на капацитетот за стартапови и достапни ресурси за нивен раст. Од започнувањето на Фондот, во 2011 година, ЕУ овозможува значаен импулс за финансирање на иновацијата во Србија; како и зајакнување на врските помеѓу истражувањето и приватните сектори. Досега, повеќе од 17 милиони евра се насочени кон овие програми преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Компанијата „Anoris Technology“, управувана од Никола, сега склучи договор за производство и дистрибуција на паметната ракавица „Anora“ во САД; а таму, исто така, планираат набрзо да отворат експозитура на компанијата. Контакти и координација со партнери во државите на ЕУ се исто така во тек.

Никола објаснува дека нивната стратегија е да овозможат бесплатна употреба на производот за корисниците; со тоа што трошоците би биле покриени преку јавно одговорни бизниси, организации за помош и владини институции. Во Србија, се приближуваат кон достава на преку 5000 бесплатни ракавици со поддршка на владата на Србија. Според Никола, ништо од ова не би се случило без европска поддршка. „Поддршката од ЕУ беше клучна, бидејќи претходно бев обичен средношколец со идеја, а сега сум лидер на компанија која изработува неопходен производ кој ќе биде меѓународно признаен,“ вели тој.

„Udhë“ наоѓа начин за автомобилско здружување во Косово

Група млади иноватори, со поддршка на ЕУ, започнуваат апликација за автомобилско здружување

Како студент во Приштина, Ерол Горчи морал неколкупати неделно да патува, од својот роден град Пеќ, приближно 80 км. Такси превозот бил скап, а автобусите не биле чести. Како и други бројни патници, и тој испробал алтернативни решенија; проверувајќи дали некој од неговите пријатели или роднини оди кон главниот град за да може да им се придружи.

Ерол студирал компјутерски науки и технологии и како што ги развивал своите ИТ способности, согледал дека пополнувањето на празнините во меѓуградскиот сообраќај со мрежа за автомобилско здружување може да биде интересна бизнис прилика. Така започна и „Udhë“ (зборот значи „пат“ или „патување“ на албански); прва апликација за автомобилско здружување во јужниот дел на Балканот која ги поврзува возачите со патници.

„Пред да ја развиеме апликацијата, најпрво, сакавме да го тестираме приодот преку социјалните медиуми и функционираше.“

Ерол и неговите другари дискутирале за идејата неколку години претходно и се договориле да креираат страница на социјалните медиуми за оние кои се заинтересирани за автомобилско здружување да можат да комуницираат меѓусебно и да договорат заедничко патување. „Пред да ја развиеме апликацијата, најпрво, сакавме да го тестираме приодот преку социјалните медиуми и функционираше,“ вели Ерол.

Групата за автомобилско здружување на Фејсбук добила околу 10000 члена за краток период. Ова било доказ дека луѓето се заинтересирани, а тимот препознал прилика за развивање професионална услуга. Започнале да ја развиваат апликацијата за возачи и патници на почетокот од 2020 година. Бидејќи имале малку искуство со вакви подвизи, се пријавиле за проектот „VentureUP“, финансиран од ЕУ, за техничка помош со посебен фокус на прототипирање. Ерол и неговиот тим искористиле вебинари и алатки за маркетинг, бизнис моделирање и финансирање кои биле особено важни при градењето на нивната експертиза.

„Поддршката од ЕУ беше неопходна за развојот и реализирањето на нашата идеја.“

За проектот

Проектот „VentureUP“ (проект „Venture Incubator“ на универзитетот Приштина) е поддржан од ЕУ во Косово и им овозможува на студентите и стартапови можности за развивање бизниси за креирање работни места и зголемување на нивните шанси за вработување во Косово. Во текот на првата програма за инкубација, во 2019 година, седум стартапови со вкупно 23 члена ја завршија програмата. Од нив, четири стартапови се регистрираа како законски бизниси; креирајќи приходи и вработувајќи вкупно 15 луѓе. Во 2020 година, дванаесет стартапови со 31 член ја завршија втората програма за инкубација. Како резултат, регистрирани беа пет законски бизниси кои создаваат приходи и вработуваат вкупно 18 луѓе.

Апликацијата е на пазарот преку „Google Play“ и „Apple store“ од јануари 2021. Денес, онлајн заедницата има преку 30000 следбеници на социјалните мрежи и приближно 15000 корисници на мобилната апликација. Преку неа, наоѓаат решение за транспортните проблеми на неколку стотици патници дневно. Сега, четиричлениот тим е во потрага на позначаен опсег и помош за обезбедување бизнис-ангелска инвестиција за проширување. Планираат да ја предложат услугата во Албанија и на балканскиот пазар каде што најголемата платформа за автомобилско здружување не успеа во подвигот.

Ерол објаснува дека во косовскиот едукативен систем има недостаток на учење на претприемништвото и начините за развивање на идеите во производи, како и начини за монетизирање на идеите. За него, проектите за инкубација се неопходни за овозможување на првите чекори во светот на бизнисот и претприемништвото. „Поддршката од ЕУ беше неопходна за развојот и реализирањето на нашата идеја,“ вели тој.

Албанка која договорите ги прави достапни на клик

Со финансирање од ЕУ, стартап нуди дигитални правни услуги.

Како пандемијата го промени твојот свет? Бројни експерти тврдат дека луѓето можат да изнајдат нови решенија за проблеми кога се надвор од својата рутина и имаат време да разработат и развијат одредена идеја. Ваква иновација се случи и со стартапот основан од Кристиана Филип; млада жена од Албанија. Нејзината идеја за основање онлајн правна услуга се роди за време на карантинот и оттогаш континуирано се развива.

Сфатив дека голем број правни услуги можат да бидат автоматизирани, но ваков вид услуга не постоеше во Албанија. За време на карантинот, имав време да размислам и ми дојдоа идеи за тоа како да го решам овој проблем.“

Ефикасна поддршка за претприемачи која доаѓа преку автоматизација

Како млада адвокатка која студирала корпоративно право во Албанија и странство, Кристиана била фрустрирана од времето кое го трошела на едноставни правни услуги кои ѝ го одземале вниманието од поважните прашања.

„Сфатив дека голем број правни услуги можат да бидат автоматизирани, но ваков вид услуга не постоеше во Албанија. За време на карантинот, имав време да размислам и ми дојдоа идеи за тоа како да го решам овој проблем,“ вели таа.

„Legit“, стартапот кој го основала Кристиана, е дигитална платформа која има за цел обезбедување висококвалитетни, брзи и лесно достапни правни услуги за албанските претприемачи. Платформата овозможува креирање на правни документи; како, на пример, договор за работа, овластување или имотен закуп. Корисниците треба да одговорат на краток прашалник и нивниот персонализиран правен документ е готов за неколку минути. Дополнителна клучна одлика на платформата е тоа што овозможува ангажирање правни професионалци.

„Дигиталните услуги на „Legit“ се единствени во Албанија и, верувам, во целиот регион на Западен Балкан,“ со гордост вели Кристиана за нејзиниот приод заснован на западните пазарни модели. Уште од почетокот, се насочила и кон косовскиот пазар, каде што законите се слични, а албанскиот јазик се зборува како официјален јазик.

Платформата на Кристиана поседува секција посветена на информирање на младите претприемачи и основачи за можности за инкубација, забрзување и финансирање; како и правна помош која e обезбедена преку статиите на нејзиниот блог.

„Поддршката на ЕУ е добредојдена, бидејќи пополнува празнина која институциите допрва треба да ја пополнат со специјални фондови за стартапови.“

За проектот

„ЕУ за иновација“ („EU for Innovation“) има за цел подобрување на иновативниот екосистем и зголемување на креирањето стартапови во Албанија преку развој на капацитетите за иновација меѓу чинителите на иновацискиот екосистем; градејќи врски со албанскиот иновациски екосистем и финансирање иновативни стартапови и даватели на иновативна поддршка.

Стартапови како „Legit“ го искористија фондот „Challenge Fund“; конкурентен финансиски инструмент кој се користи како средство за решавање на прашањето за пристап до финансии за иновативните стартапови и промоција на албанскиот иновациски систем.

Одете до крај за тоа во што верувате

Родена како идеја за време на карантинот, платформата „Legit“ денес е потполно оперативна. Процесот на основање на бизнисот не бил едноставен, а предизвиците со кои се соочила, Кристиана ги објави во е-книга; надополнета со сите неопходни правни елементи. Грант, обезбеден во 2021 година преку иницијативата за иновација на ЕУ, овозможи развој на капацитетот и техничка експертиза за дополнително развивање и промоција на платформата во март 2022.

„Поддршката на ЕУ е добредојдена, бидејќи пополнува празнина која институциите допрва треба да ја пополнат со специјални фондови за стартапови,“ објаснува Кристиана.

Гледа потреба за континуирана работа за ефикасно подобрување на неисполнетите правни потреби, па нејзиното учење и идеи за усовршување на платформата не запираат тука. Стартапот цели кон раст рамо до рамо со експертите кои дополнително ќе ги развијат неговите услуги. Кристиана вели дека е склона да покани и други жени да ѝ се придружат во стартап авантурата; иако признава дека пораснала како адвокат и претприемач преку учење од мажи.

Советот на Кристиана за младите жени кои сакаат да се ангажираат во бизнис и дополнително да ги развијат своите кариери е следниот: „Одете до крај за тоа во што верувате! #Без каење.“