Поранешен рудник трансформиран во првата соларна централа во Северна Македонија | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Поранешен рудник трансформиран во првата соларна централа во Северна Македонија

Поддршка на ЕУ за диверзификација на енергетски извори.

SCROLL DOWN

Над гребените и грмушките во една долина се издига оџакот на стара термоцентрала. Се работи за електраната на јаглен „Осломеј“, во Кичево, Северна Македонија; која беше изградена во 1980-тите и претставуваше гордост на Република Македонија. Низ децениите што следеа, работата во термоелектроцентралата се намали сè додека не останаа само неколку работници ветерани кои си заминуваа со автобус на крајот од смената. Електраната со капацитет од 125 MW се одржуваше на минимален погон; главно, како резерва во случај на проблеми на некое друго место во системот. Меѓутоа, тоа што се случува во околината е возбудлив развој кој ќе ѝ помогне на Северна Македонија одлучно да се придвижи кон декарбонизација.

Државите во Западен Балкан се сè уште, во значајна мера, зависни од јаглен; особено лигнит. Во 2016 година, 16 од електраните на јаглен, ширум Западен Балкан, испуштаа толкава количина сулфурен диоксид колку сите 250 електрани во ЕУ. Во Северна Македонија, сè до 2018 година, приближно половина од енергијата се добиваше од јаглен и државата беше зависна од фосилни горива. Имаше две термоелектроцентрали кои користеа лигнит – „РЕК Осломеј“ во Кичево и „РЕК Битола“, а Скопје беше најзагадената престолнина во Европа.

„Оваа електрана е пример за декарбонизација и транзиција кон обновливи извори енергија, како во Северна Македонија, така и во регионот. Се работи за првата електрана изградена на поранешно наоѓалиште за јаглен во Западен Балкан.“

Александар Стефановски, технолошки инженер во Електрани Северна Македонија

Но, Северна Македонија сакаше да ги диверзифицира своите енергетски извори и да го прочисти воздухот; па, така, денес оваа амбиција станува реалност. Првата соларна централа од големи размери во државата, „Осломеј 1“, беше финансирана со поддршка на ЕУ, билатерални донатори на Инвестициската рамка Западен Балкан и Европската банка за реконструкција и развој, така што денес е поврзана со мрежата и произведува чиста електрична енергија.

Централата со капацитет од 10 MW е изградена на поранешниот рудник за лигнит „Осломеј“. Европската банка за реконструкција и развој обезбеди заем во висина од 5,9 милиони евра; а проектот, вреден 8,7 милиони евра, вклучува заем од 1,6 милиони евра од Инвестициската рамка Западен Балкан. „Оваа електрана е пример за декарбонизација и транзиција кон обновливи извори енергија, како во Северна Македонија, така и во регионот. Се работи за првата електрана изградена на поранешно наоѓалиште за јаглен во Западен Балкан,“ вели Александар Стефановски, инженер за нови технологии при Електрани Северна Македонија.

„Има иднина во зелената енергија. Ја гледаме позитивната страна затоа што оваа инвестиција треба да обезбеди трајно и сигурно вработување за работниците; бидејќи овие електроцентрали траат од 25 до 35 години и претставуваат сигурно место за некој кој сака да достигне старост за пензија и да ужива во работна сигурност.“

Чедомир Арсовски, раководител на сектор за развој и инвестиции при „РЕК Осломеј“

Проектот предвидува изградба на втора фотоволтаична електрана, „Осломеј 2“, како продолжение на постоечката. Втората електрана ќе има капацитет од 10 MW. Заедно, двете електрани ќе произведуваат енергија за 5000 домаќинства во Кичево и регионот. „Има иднина во зелената енергија. Ја гледаме позитивната страна затоа што оваа инвестиција треба да обезбеди трајно и безбедно вработување за работниците; бидејќи овие електроцентрали траат од 25 до 35 години и претставуваат сигурно место за некој кој сака да достигне старост за пензија и да ужива во работна сигурност,“ вели Чедомир Арсовски, раководител на сектор за развој и инвестиции при „РЕК Осломеј“.

Се планираат дополнителни инвестиции во соларни електрани во Северна Македонија. Инвестициската рамка Западен Балкан веќе одобри финансии за продолжување на електраната „Осломеј 2“ и изградба на нова електрана во Битола со комбиниран целосен капацитет од 30 MW. ЕУ ја поддржува оваа инвестиција со инвестициски грант од 5,1 милиони евра.

За проектот

Во февруари 2022 година, Европската комисија го објави инвестицискиот пакет, вреден 3,2 милијарди евра, за поддршка на 21 проект во доменот на транспортна, дигитална, климатска и енергетска поврзаност во Западен Балкан. Ова е првиот позначаен пакет проекти во рамки на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан; кој Комисијата го усвои во октомври 2020 година, а проектите се дизајнирани со цел да донесат видливи придобивки за шесте партнерски држави во регионот. Соларната електрана „Осломеј 1“ е еден од овие 21 водечки проекти, избран за финансирање од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан во 2022 година. Проектот е идентификуван како „Водечки проект 4 – Обновлива енергија“ во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан 2021 – 2027 од ЕУ.

Photo credits: WBIF

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.