Бојана Зимоњиќ, 30 години, од Србија, за првпат се запознала со Европската Унија на час по граѓанско образование во средно училиште. Претходно, била чула за ЕУ на вести, но не знаела за што точно се работи. Во секој случај, дури и како дете, мирот и просперитетот биле едни од најзначајните нешта за Бојана. Како и за повеќето деца родени во Југославија, војната и економската криза имале влијание врз детството на Бојана.
На часот во средно, научила дека клучните вредности на ЕУ се спречување на овие два проблема и тоа преку поттикнување мир и економски развој за секого. “Оваа идеја ми делуваше фасцинантна и веднаш се вљубив во ЕУ и нејзиниот концепт,“ вели таа. Бојана објаснува дека уште во средно сфатила дека за поттикнување на овие вредности, потребно е активно ангажирање. Оттука, на факултет, одлучила да студира политички науки.
Нови можности со ЕРАЗМУС+
Бојана верувала дека вредностите за коишто се залага најдобро можат да се поттикнуваат преку промовирање на интеграција во ЕУ. Кога дошло време за постдипломски студии, започнала да бара можности за подетално учење за Европската Унија. На нејзиниот универзитет стигнало соопштение дека Србија штотуку се приклучила кон програмата ЕРАЗМУС. Штом слушнала за тоа, одлучила да се пријави за образовните можности кои ги нуди програмата.
Отпрвин, добила прилика да ја искористи програмата Жан Моне која е дел од ЕРАЗМУС+. Целта на програмата е поттикнување одличност во студиите за ЕУ во високото образование насекаде низ светот, градење мостови помеѓу академиците, истражувачите и креаторите на политика во ЕУ. Бојана вели дела учеството во програмата Жан Моне значително придонело за квалитетот на нејзините постдипломски студии. “На пример, доаѓаа лектори од ЕУ за да ни ја предадат нивната визија за европска интеграција. Добивавме и бесплатни учебници. Тоа е значајна работа за невработени студенти,“ вели таа.
Проширување хоризонти
Но, ова не било доволно за Бојана. Сакала да научи повеќе за политиките на ЕУ и европската интеграција, а, исто така, сакала и да ги прошири своите културни перспективи; и тоа по можност на некој универзитет во држава во ЕУ. Одлучила да се пријави за ЕРАЗМУС+ размена на Констанцискиот универзитет во Германија каде што и ја примиле. “Беше како остварување на мојот сон,“ вели таа.
Бојана го опишува искуството во Германија како искуство кое ѝ го променило животот. Објаснува дека за неа било неопходно да научи повеќе за различните култури и директно да ги искуси животот и студиите во мултикултурна средина. Тоа што била опкружена со луѓе од различни држави во Европа и светот значително ѝ помогнало.
За Бојана било, исто така, важно да се запознае со начинот на функционирање на универзитетите во Германија, како и со начинот на кој тие ја претставуваат својата студиска програма. “На пример, имав часови за лидерство и беа навистина интересни. Беа различни од сè што би можела да научам на мојот матичен универзитет. Овие часови ми понудија различна перспектива за тоа како вистински лидер би требало да се однесува,“ вели таа. Бојана била, исто така, воодушевена од пречекот на универзитетот, особено од структурата и индивидуалната грижа за секој запишан меѓународен студент.
Поттикнување на помирувачки дух
Во моментов, Бојана работи за Бирото за регионална младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office (RYCO)) кое поттикнува помирувачки дух и соработка помеѓу младите во регионот на Западен Балкан. “Моето ЕРАЗМУС+ искуство навистина ми помогна побрзо да се адаптирам на мултикултурната работна атмосфера во Бирото за регионална младинска соработка,“ вели таа. “Откако ја дознавте мојата приказна, не би било тешко да претпоставите дека Бирото за регионална младинска соработка беше основано со поддршка на Европската Комисија.“
Во иднина, Бојана планира дополнително да се инволвира во администрацијата на ЕУ и на тој начин да ја поддржи идејата на Европската Унија. “Сиот мој професионален живот и идни аспирации се поврзани со ЕУ, а започнувањето на патувањето со програмата ЕРАЗМУС+ беше најдобрата инвестиција во мојот живот,“ вели таа.
Photo credits: Bojana Zimonjić
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!