За време на првата година од пандемијата КОВИД-19, ограничувањата на движењето и затворањето на училиштата имаа сериозно влијание врз образованието на децата и секојдневната рутина, бидејќи учениците мораа да ги следат часовите од дома. Ваквата ситуација уште повеќе го потенцира јазот помеѓу децата и семејствата кои имаат пристап до компјутер и интернет и оние кои немаат. Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија, е еден од хероите кои придонесоа за стеснување на јазот за 1200 семејства ширум државата кои не можеа да си дозволат да купат компјутер. Неговата приказна започна сосема случајно.
Борче работи во „Bidat Informatika“ – компанија од Кавадарци која обезбедува услуги за поправање на софтвер и хардвер. Објаснува дека со години децата ги оставаат старите компјутери во нивната продавница за да можат стажантите да ги вежбаат, на нив, техниките на поправање. Во 2016 година, во „Bidat Informatika“ дошла жена која имала потреба од компјутер, но немала средства за да го купи. Борче дошол на идеја да употреби резервни делови за да направи компјутер за неа. Потоа, заедно со колегите ѝ го доставиле компјутерот дома.
Скромна донација која се претвори во движење
Кога го посетиле домот, Борче и неговите колеги се запознале со трите деца на жената кои биле пресреќни од подарокот. „Кога видов колку децата се израдуваа и како им светкаа очите, одлучив да продолжам со акцијата за донирање компјутери и да израдувам колку можам повеќе деца,“ вели Борче.
Потоа, Борче ја креирал страната „Донирај компјутер“ на социјалните мрежи за да допре, од една страна, до што повеќе луѓе кои сакаат да ги донираат старите компјутери и, од друга страна, до семејствата кои не можат да си дозволат да купат компјутер. Како што предвидел, бројни биле семејствата во потреба, но, на негово изненадување, бројот на заинтересирани донатори бил, исто така, значаен. Најпрво, пристигнале 20 компјутери од локална компанија која ги заменила старите компјутери. „Оваа донација ја објавивме на социјалните медиуми, па почнаа да пристигнуваат сè повеќе донации,“ раскажува Борче.
Ритамот на хуманитарната мисија се забрзал за време на пандемијата кога Министерството за образование на Северна Македонија одлучи да премине на далечинско образование. Како резултат, стотици деца и млади од сиромашните семејства и оддалечените региони се соочиле со сериозен предизвик.
Бројот на донирани компјутери се зголемил таа година кога од, приближно, 100 годишно, Борче и неговите колеги преминале на околу 500. Морале да креираат веб-страница за подобро да го организираат протокот на достава од донаторите до луѓето во потреба. Добил помош од поединци кои ги пренесувале пораките од оние во потреба, но и од компании за достава како, на пример, „Eko Logistic Servis“, кои бесплатно ги доставувале компјутерите.
Борче бил контактиран од Делегацијата на ЕУ во Скопје кои ги обновувале своите компјутери и техничка опрема и слушнале за иницијативата. „ЕУ ни помогна со донација од околу 140 компјутери и останати технички делови и опрема. Ова беше одлично, а беше и најголемата донација која сме ја добиле досега,“ вели Борче.
Контактот со Делегацијата на ЕУ продолжил дури и после донацијата. Годинава, Борче ја добил специјалната награда за солидарност на ЕУ. Бил признаен неговиот придонес за подобрување на животот на семејствата во потреба од дигитално поврзување кое беше особено значајно за време на отежнатата изолација и далечинската настава во текот на пандемијата КОВИД.
Компјутерите на Борче стигнале до скоро секој регион во Македонија. Добил пораки за благодарност во различни форми – од писма, па сè до видеа. Планира да продолжи. „Се надевам дека во блиска иднина веќе нема да има потреба од мојот придонес и дека Владата или другите институции ќе му обезбедат на секое семејство во Северна Македонија можност за нов компјутер. Но, дотогаш, ќе продолжам со мојата мисија,“ вели тој.
За иницијативата
„Донирај компјутер“ е иницијатива креирана од Борче Стаменов од Кавадарци, Северна Македонија. Досега, преку иницијативата, се донирани 1200 компјутери на семејствата во потреба ширум Северна Македонија. Деловите за хардвер се донираат од поединци, компании и институции; вклучувајќи ја и Делегацијата на ЕУ во Скопје која обезбеди 140 единици информатичка опрема – од лаптопи до десктоп компјутери, па сè до печатачи.
Photo credits:Borche Stamenov
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!