Ангела* е дваесет и едно годишна студентка која се обратила до „Blue Phone“ советодавната линија за поддршка со нејзините проблеми поврзани со менталното здравје. „Тажна сум и безволна веќе подолг период: понекогаш толку плачам, што ми доаѓа да повраќам, а понекогаш немам сила за една солза иако би сакала да плачам. Летаргична сум: веќе ништо не ме прави среќна,“ споделила Ангела во разговорот со советникот на линијата „Blue Phone“.
Советникот при „Blue Phone“ ѝ помогнал на Ангела да ги нормализира своите чувства и да разработи акциски план. Ја научиле како да користи две техники за смирување: техниката на дишење и техниката на петте сетила; кои ѝ помогнале да го фокусира вниманието и телото на сегашниот момент и да остане смирена.
Значајна услуга за младите
„Blue Phone“ е бесплатна онлајн и телефонска советодавна услуга која била основана од невладината организација „Нова генерација“. Моментално, услугата е имплементирана со поддршка од Програмата за ублажување на ефектите од пандемијата КОВИД-19 врз животите на децата и семејствата во Западен Балкан и Турција; финансирана од ЕУ, а имплементирана од УНИЦЕФ.
Маја Ковачевиќ е една од советничките кои работат со услугата. Таа објаснува дека, за советниците, најважно е луѓето да се чувствуваат сигурно и да разберат дека нема да бидат осудувани. „„Blue Phone“ е значајна услуга за младите во Босна и Херцеговина. Пандемијата значително го отежни функционирањето на поголемиот дел од популацијата, па, затоа, поддршката која ја нуди „Blue Phone“ е неопходна за спречување на уште поголеми негативни ефекти врз менталното здравје,“ вели Маја.
На почетокот, услугата била наменета само за деца, но еден од проектните менаџери, Саша Рисојевиќ, објаснува дека услугата брзо напредувала, а со забрзаното влијание на пандемијата, морале да ги прошират своите услуги и на постарите возрасни групи.
Објаснува како, поради зголемениот интерес, почнале да пропуштаат до 250 повици месечно. Забележале дека тоа се должи, пред сè, на тоа што услугата била достапна само за време на работните часови. Со поддршката на ЕУ, го прошириле работното време до доцна во ноќта и имале само помеѓу 10 и 15 пропуштени повици месечно. „Влијанието на поддршката од ЕУ беше навистина важно зашто значително го зајакна услужниот капацитет на „Blue Phone“,“ вели Саша.
Дополнително, со поддршка на ЕУ отпочнале и кампања против семејно насилство и подигање на свеста за услугата на „Blue Phone“. Како резултат на кампањата, успеале да привлечат 35000 посетители на нивната веб страна додека, пак, бројот на деца и млади кои ги искористиле услугите на „Blue Phone“ доживеал значителен пораст.
Досега, услугата „Blue Phone“ функционира со поддршка на донатори и иницијативата на тимот од невладината организација „Нова генерација“. Саша се надева дека, во иднина, услугата на „Blue Phone“ ќе добие владина поддршка и, на тој начин, долгорочна стабилност. „Имавме бројни состаноци и тркалезни маси со претставници од институции каде ги презентиравме влијанието и резултатите од услугите на „Blue Phone“. Мислам дека и тие ја признаа важноста на нашите услуги и се надеваме дека, во иднина, ќе ја понудат својата поддршка,“ вели Саша.
За проектот
Услугата „Blue Phone“ обезбедува бесплатно онлајн и телефонско советување и е имплементирана од невладината организација „Нова генерација“ со поддршка од Програмата за ублажување на ефектите од пандемијата КОВИД-19 врз животите на децата и семејствата во Западен Балкан и Турција, која, пак, е дел од пакетот за помош на ЕУ за Западен Балкан, имплементиран од УНИЦЕФ БиХ.
*Името е променето за да се заштити приватноста
Photo credits: Blue Phone
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!