„Сламка за спас“ за младите Роми во време на коронавирус | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

„Сламка за спас“ за младите Роми во време на коронавирус

Игротека во Босна и Херцеговина им нуди можност на деца од ранливи категории да играат и учат во екот на пандемијата.

SCROLL DOWN

Петгодишниот Денис се гледа како доктор и тоа сака да биде кога ќе порасне. Секој ден, Денис црта луѓе во медицинска облека и игра доктор со другите деца на кои им се обраќа со „пациенти“. Оваа креативност ќе останеше незабележана доколку не постоеше иновативната игротека креирана во центарот за поддршка – „Ромален Рома“; во градот на Денис – Какањ, во централна Босна и Херцеговина. Висококвалитетните едукативни играчки и сликовници во игротеката се вистински успех во заедницата; игротеката ја посетуваат преку 84 деца, од кои повеќето се од ромската заедница.

Ромите се една од најголемите и најмаргинализирани малцински групи во Европа. Дискриминацијата против ромската заедница е вообичаена појава која го поттикнува нивното исклучување. Проблемите со кои се соочуваат Ромите можат да започнат рано и имаат доживотно влијание. Малкумина учествуваат во предучилишното образование, а само 50% го завршуваат задолжителното образование. Оттука, неопходна е поддршката на раниот детски развој во обид да се прекине кругот.

„Игротеката е местото каде што се случува целата магија на образованието. Децата играат, создаваат свој универзум и, истовремено, го откриваат светот.“

Јоан Танасе

Иницијативата, поддржана од ЕУ, е спроведена од „Рома Едукативен Фонд (РЕФ)“ (Roma Education Fund (REF)). Од 2017, РЕФ основал 64 игротеки во 13 држави низ Централна и Источна Европа, вклучувајќи го и Западен Балкан каде илјадници деца се инволвирани во иницијативата.

„Посветени сме на креирање вакви места за децата Роми, наменети за играње и учење,“ вели Јоан Танасе, проектен менаџер при РЕФ.  „Игротеката е местото каде што се случува целата магија на образованието. Децата играат, создаваат свој универзум и, истовремено, го откриваат светот. Истовремено се преплетуваат играта и образованието – волшебно е.“

Поврзани при одржување дистанца

Како и бројни други активности ширум светот, така и активностите на игротеката во Какањ беа стопирани поради пандемијата со коронавирус во 2020. Центарот беше затворен во раната пролет, но концептот продолжи да опстојува благодарение на два неопходни фактори. Прво, децата сè уште можеа да позајмуваат играчки, сложувалки и книги. Второ, концептот на игротеката го охрабруваше ангажманот на целата заедница; особено во насока на градење врски помеѓу децата, семејствата и персоналот во игротеката. Родителите знаеја дека игротеката нуди решение за ненадејниот прекин во образованието на нивните деца.

„Игротеките им нудат нешто на родителите кои не се во можност да ги испратат своите деца во градинка.“

Јоан Танасе

„Игротеките им нудат нешто на родителите кои не се во можност да ги испратат своите деца во градинка, а тоа е секојдневна прилика да поминат време некаде каде што децата ќе добијат можност да ги развијат своите вештини и во значителна мера да го зголемат степенот на вклучување,“ вели Танасе.

Центарот за поддршка „Ромален Рома“ морал брзо да изнајде решенија за своите деца. Креирале далечинска едукативна програма, користејќи апликации за видео комуникација на кои децата можеле да се поврзат. Немало никаква гаранција дека ваквиот систем ќе функционира или дека ќе биде успешен, но резултатите биле воодушевувачки. Инспирирани од напредокот пред пандемијата и одлучноста да ја одржат врската помеѓу центарот, семејствата и децата, бројот на учесници останал сличен како и во времето пред КОВИД-19.

Што се однесува, пак, до малиот Денис; брзо се адаптирал на новиот комуникациски формат наметнат од пандемијата и за кратко време станал главниот лидер во својата дигитална заедница. Сега е уште поодлучен во својата посветеност да стане доктор и да дава медицинска помош во својата заедница и секому кому му е потребна.

*Името на детето е сменето за да се заштити неговиот идентитет.

За проектот

Проектот: „Регионална акција на ЕУ за едукација на Ромите: Зголемени образовни можности за младите и студентите Роми во Западен Балкан и Турција“ е кофинансиран од ИПА II годишна мулти-државна акциска програма 2017 и Рома едукациски фонд кој е дел од имплементацијата на проектот.

Photo credits: Roma Education Fund (REF) 

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.