Еразмус+ размена инспирира нова генерација програмери | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Еразмус+ размена инспирира нова генерација програмери

Запознајте го Коста – надежна ИТ ѕвезда од Северна Македонија кој сака да ја искористи технологијата за да го промени светот на подобро.

SCROLL DOWN

Коста Ѓорѓевски е осумнаесет годишник од Скопје, Северна Македонија. И покрај неговата млада возраст, веќе е еден од најпознатите ИТ професионалци во својата држава. Започнал со програмирање на десет годишна возраст. Објаснува дека играл видео игри скоро секој ден, сè  додека не сфатил дека го троши своето време. “ Си помислив, зошто да не започнам со нешто попредизвикувачко? Во тој момент одлучив самиот да развивам видео игри,“ раскажува Коста.

Коста работел на развивање игри некое време. Добро му одело, но како што растел, чувствувал дека треба да се посвети на позначајни нешта. Знаел дека, ако се користи правилно, информациската технологија може да помогне за промена на светот на подобро.

“ Си помислив, зошто да не започнам со нешто попредизвикувачко? Во тој момент одлучив самиот да развивам видео игри.“

Коста Ѓорѓевски, студент

Трансформација на светот во подобро место

Тогаш одлучил посериозно да се занимава со програмирање и се откажал од развивањето видео игри. Како дел од училиштен проект, Коста развил софтверско-хардверски систем кој детектира отровни гасови во воздухот во затворен простор. Системот успешно детектирал токсични гасови и ги известувал луѓето во близина дека нешто не е во ред. Исто така, се насочил и кон вентилациски системи со цел отстранување на дефектот. Овој проект бил признаен како еден од најиновативните проекти во Северна Македонија од страна на Фондот за иновации. “ После проектот, се почувствував одлично, чувствував дека ги користам своите способности за нешто корисно,“ вели Коста.

Кога имал 15 години, освоил значајна награда на државниот натпревар Codefest Tech Hackathon. Како дел од овој натпревар, Коста, заедно со својот тим, развил апликација за историска видео игра за Студената војна. Коста објаснува дека замислата била да се најде некој историски настан и да се развие игра од едукациски карактер. На крајот, Коста и неговиот тим освоиле второ место и прво место за кориснички интерфејс и дизајн за корисничко искуство. По овие достигнувања, освоил бројни други награди – сè на сè, воодушевувачки постигнувања на така млада возраст.

“Овие искуства имаа огромно влијание на мојата визија за иднината. Сè уште треба да научам нови нешта и барам нови можности за учење.“

Коста Ѓорѓевски, студент

Но, неговото патување кон успехот не било така лесно. Имал целосна поддршка од семејството, меѓутоа бил соочен и со други предизвици. Еден од најголемите бил учењето на комплицираните математики неопходни за компјутерско програмирање. Морал да оди на низа приватни часови за да ги подобри своите математички вештини и знаења од сродни тематики. Коста објаснува дека овие искуства имале суштинско влијание врз него, како на професионален, така и на личен план.

Инспирација од Барселона

Лани, се пријавил и добил можност за студиско патување во Барселона. Патувањето било финансирано и поддржано од ЕРАЗМУС+ програмата на ЕУ. Коста, заедно со други млади, поминал 16 дена во Барселона, посетувајќи универзитети кои работат на софтвери за Формула 1 автомобили. Ја посетиле, исто така, и автомобилската фабрика СЕАТ каде што научил за мехатроника – роботи кои креираат автомобили. “ Беше извонредно и фасцинантно,“ вели Коста.

Коста раскажува дека искуството во Барселона го инспирирало да создаде нови проекти и дополнително го мотивирало да продолжи со својата кариера во доменот на ИТ. За време на престојот во Барселона, посетил и музеи и културни обележја, запознал нови пријатели и ги проширил своите културни хоризонти. Сега Коста планира да студира и гради кариера во доменот на компјутерско инженерство, работејќи на хардверско и софтверско програмирање. “ Го избрав ова затоа што ќе ми овозможи да создавам направи кои се навистина иновативни,“ вели тој.

За програмата

ЕРАЗМУС+ е програма на ЕУ која поддржува образование, обука, млади и спорт во Европа. Нејзиниот буџет е 14,7 милијарди евра и обезбедува можности за преку 4 милиони Европејци кои сакаат да студираат, да се обучуваат и да стекнат искуство во странство.

Photo credits: Kosta Gjorgjevski

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.