Искуство со дивиот свет отворено за бизнис | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Искуство со дивиот свет отворено за бизнис

Со поддршка од ЕУ, прекуграничниот простор помеѓу Црна Гора и Србија е подготвен за пречек на туристи љубители на природата.

SCROLL DOWN

Пред пандемијата, Црна Гора имаше околу два милиона посетители годишно и преку седум милиони ноќевања во годината; што може да се смета како успех за држава со население од само 600000 жители. Посетителите се, главно, фокусирани на прекрасните крајбрежни региони за време на летниот одмор или скијачките центри во северот. Но, Црна Гора има и други возбудливи туристички можности, од аспект на дивиот свет, особено во северо-источниот дел кој граничи со Србија и кој е недоволно истражен. Центарот за заштита и истражување на птици („CZIP“), невладина организација од Подгорица, заедно со партнери од Црна Гора и Србија, работи во насока на отворање на регионот како дестинација за љубителите на дивиот свет.

Глобално, дивиот свет и набљудувањето птици станаа особено популарна туристичка активност; признаена како значајна туристичка пазарна ниша. Меѓутоа, како последица на оддалеченоста на овој предел и слабите транспортни врски, туристичката инфраструктура е недоразвиена, иако се работи за локација каде што се наоѓаат четири национални паркови.

„Со оглед на тоа што има огромен потенцијал за туристички развој, но, истовремено, и потреба за поддршка, одлучивме да преземеме акција за отворање на овој бајковит предел за посетителите.“

Лејла Абдиќ, проектен менаџер во Центарот за заштита и истражување на птици

Задоволување на потребата за туристички развој

Лејла Абдиќ е еколошки активист и проектен менаџер во Центарот за заштита и истражување на птици. Објаснува дека заедно со своите колеги се свесни дека регионот е недоволно развиен во насока на туристичка инфраструктура и активности на отворено. „Со оглед на тоа што има огромен потенцијал за туристички развој, но, истовремено, и потреба за поддршка, одлучивме да преземеме акција за отворање на овој бајковит предел за посетителите,“ вели Лејла.

Со оваа цел, се пријавиле за повикот за прекугранична соработка помеѓу Црна Гора и Србија, финансиран од ЕУ, и добиле средства за отпочнување на така наречениот проект „Hoo“ (Создавање искуства со бувови и дивиот свет). Со оглед на тоа што птичјата популација е особено богата во регионот, главниот фокус на проектот бил насочен на активности поврзани со набљудување птици и мотивирање на локалното население за ангажирање во бизниси поврзани со туризам во доменот на дивиот свет; како и брендирање и промоција на туристички производи кои биле развиени како дел од проектот.

„Регионот има уникатни богатства, во доменот на дивиот свет, кои сè уште не се истражени, но, наскоро, ќе бидат локално и меѓународно промовирани со цел посетителите да можат да уживаат во нив.“

Лејла Абдиќ, проектен менаџер во Центарот за заштита и истражување на птици

Лејла објаснува дека проектниот простор има што да понуди за туристите љубители на природата: бувовите, на пример, имаат посебна харизма која може да претставува возбудливо туристичко искуство. Но, овој регион е, исто така, дом и на други привлечни птици; како што се златните и царски орли, белоглавите мршојадци, дивите соколи, карпестите еребици и црните тетреби; како и некои други ретки видови птици кои се во потрага по природни шумски предели како живеалиште. „Регионот има уникатни богатства, во доменот на дивиот свет, кои сè уште не се истражени, но, наскоро, ќе бидат локално и меѓународно промовирани со цел посетителите да можат да уживаат во нив,“ вели Лејла.

Лејла понатаму објаснува дека проектот има огромен успех во насока на прекуграничната соработка. Партнерските организации ќе организираат студиски тури и координациски активности со цел поврзување на заедниците, бизнисите и туристичките оператори на двете страни на границата. „Најпосле, развојот на регионот е тесно поврзан со прекуграничната соработка,“ вели таа.

За проектот

Проектот „Hoo“ (Создавање искуства со бувови и дивиот свет) започна во февруари 2021 година. Главната цел на проектот е охрабрување туризам заснован на природното богатство и дивиот свет во прекуграничниот регион помеѓу Србија и Црна Гора. Целосната вредност на проектот е 262029 евра, а предвиденото времетраење на истиот е 24 месеци. Проектот предвидува, меѓу другото, основање на две патеки за туризам поврзан со дивиот свет, обука на туристички водичи за дивиот свет, набљудување птици и студиски посети, како и основање дигитална платформа за промоција на дивиот свет во регионот.

Photo credits: Centre for the Protection and Research of Birds (CZIP)

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.