Идеја, сума од 1000 евра и пасија да се донесе живот во нивниот малечок град е сè што било потребно за неколку филмски-љубители ентузијасти од Призрен, Косово, да го започнат еден од денес најпознатите филмски фестивали во регионот – „Докуфест“.
В година, „Докуфест“ ќе го слави својот дваесетти роденден. Во меѓувреме, фестивалот стана еден од квалификационите фестивали за наградите на Британската академија за филм и телевизија („BAFTA“), а во последните две години бил дел од листата „25 најкул филмски фестивали во светот“ на магазинот „MovieMaker“.
Ветон Нурколари е еден од основачите на фестивалот. Тој се присетува: „Беше веднаш по војната и имавме потреба да донесеме културна енергија во градот. Размислувавме да организираме филмски фестивал, но, да бидам искрен, немавме идеја како да го направиме тоа. Бевме, од прилика, десетмина и ниту еден од нас немаше искуство со организирање на филмски фестивал. Всушност, никој од нас, на времето, не беше посетил филмски фестивал! Меѓутоа, одлучивме да се обидеме.“
Мали почетоци
За првото издание, собрале сума од околу 1000 евра од донаторски организации, еднаков паричен придонес кој самите го донирале и позајмиле аматерски филмски проектор од професор по филм. Успеале да соберат 32 краткометражни и документарни филмови, во најголема мера, од околните држави. Фестивалот бил подготвен за старт. Неколку дузини гости, главно филмски професионалци, ја проследиле филмската недела. Во текот на следните пет години, целата работа на фестивалот била на волонтерска основа, а основачите, честопати, морале финансиски да придонесуваат за да го одржат фестивалот.
Нивните напори се исплатиле. Денес, „Докуфест“ носи, секоја година, приход од околу 5 милиони евра во градот и, отприлика, 50 000 филмски љубители учествуваат на еднонеделниот фестивал. Ова е огромен придонес за економијата на град со 80 000 жители. Во изминатите 20 години, фестивалот придонел, исто така, и за пошироката слика на Косово; и тоа преку статии во весници како „The Guardian“ и репортажа во врска со фестивалот, долга десет страници, објавена во магазинот на „Lufthansa“.
Меѓутоа, финансирањето е, сè уште, предизвик. Ветон зема за пример други филмски фестивали како, на пример, Берлиналето кое се одржува со буџет од околу 30 милиони евра или, пак, филмскиот фестивал во Сараево, кој располага со годишен буџет од 2 до 4 милиони евра. Во споредба, неодамнешниот буџет на „Докуфест“, во висина од 400 000 евра, изгледа малечок. „Се разбира, ова е огромен пораст во споредба со почетниот буџет, но не е доволен за да се организира филмски фестивал од глобален карактер,“ вели Ветон. „Сакаме да продолжиме со воведување иновации на фестивалот, но, за тоа, потребно ни е да имаме буџет од најмалку 700 000 евра, па сè до 1 милион евра, годишно.“
Меѓународните донатори, вклучително и Европската Унија, како и приватниот сектор, засега се најпроминентните поддржувачи на филмскиот фестивал. Ветон објаснува дека поддршката на ЕУ била особено важна. ЕУ обезбедува константна поддршка за фестивалот. Нè поддржа преку финансирање за изградбата на новата кино-сала, како и за бројни помали проекти,“ вели тој.
Ветон, исто така, ја истакнува и тренинг програмата за млади филмаџии. Проектот бил инициран со поддршка на програмата на ЕУ наречена Европски инструмент за демократија и човекови права (European Instrument for Democracy and Human Rights (EIDHR)). Проектот започнал во 2013, имајќи за цел да промовира соработка меѓу заедниците и меѓуетнички односи во Косово преку визуелно раскажување приказни од страна на млади луѓе од различни заедници и етникуми. Дури и откако, во 2015, финансирањето на проектот завршило, тренинг програмата продолжила и биле обучени седум млади генерации, кои создале преку 70 филма. Некои меѓу нив денес се натпреваруваат на значајни филмски фестивали ширум светот. „Преку својата селекција и финансиски механизми, ЕУ нè идентификува како активност достојна за поддршка, па, затоа, можеме само да ја изразиме нашата искрена благодарност,“ вели Ветон.
Наследство кое се пренесува на помладите генерации
Само двајца од основачките членови остануваат дел од управувањето на фестивалот, а Ветон е горд на тоа: „Нашата цел беше да инволвираме што е можно повеќе млади во управувањето на фестивалот. Сегашната директорка на фестивалот ни се приклучи, како волонтерка, пред многу години; а денес, таа е менаџерка на целото претпријатие.“
Можеби изминаа дваесет години, но фестивалот очекува уште бројни години во иднина. „Беше извонредно патување кое ги надмина моите најлуди сонови,“ вели Ветон. „Можноста да се обезбеди, преку својата работа, среќа за толку многу луѓе е нешто неспоредливо. Се надевам дека, во претстојните години, фестивалот ќе продолжи со истата пасија и позитивна енергија. Секој грам од нашиот напор беше целосно вреден.“
Photo credits: Samir Karahoda, Elmedina Arapi, Tuğhan Anıt, Sasho N. Alushevski
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!