Издигнување на родителството на повисоко ниво | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Издигнување на родителството на повисоко ниво

ЕУ и УНИЦЕФ ги здружуваат силите за поддршка на Црна Гора со цел изработка на ефикасна програма за ран детски развој која ќе ја подобри добросостојбата на децата и ќе ги поддржи родителите/старателите.

SCROLL DOWN

Мишо Обрадовиќ е татко на две деца, а и познат актер во Црна Гора. Обожава да го поминува своето слободно време со четиригодишната ќеркичка и едногодишното синче. Но, покрај неговата амбиција да биде совршен родител, имал комуникациски проблеми со ќерката. „Ќерка ми, за време на ручек, долго време остануваше на маса; што е проблем со кој се соочуваат многумина родители, но не знаев на кој начин да го решам ова,“ вели Мишо.

 

Признава дека се обидел да најде решение за овој предизвик на најразлични начини; од поткупување на ќерка си со слатки, па сè до опомени со казна. Меѓутоа, сфатил дека ваквиот пристап не вродува со резултати. „Понекогаш, ќе изгубев трпение. Другпат, ќе бев претерано трпелив и во тој случај оброкот ќе траеше цела вечност,“ вели тој.

„Одлучив да се пријавам за програмата „Грижливи семејства“ (Caring Families) не само поради овој конкретен проблем, туку поради општата желба да бидам подобар родител за моите деца,“ објаснува тој. Применувајќи ги принципите од програмата, придружени со совети од експерти и разговори со други татковци кои учествувале во програмата, Мишо научил како да ја мотивира својата ќерка да го заврши оброкот со позитивно поттикнување. „Ќерка ми смирено ја прифати новата ситуација, а јас се потрудив да останам смирен; па, сега, веќе не сме фрустрирани и не се задржуваме на маса дополнителни час и половина после ручек.“

„Програмите за родителство не само што ни помагаат да ја намалиме строгата дисциплина, туку ни овозможуваат, исто така, и да ги поддржиме децата за да бидат ненасилни. Родителите се модел за однесувањето на децата; па, оттука, растењето деца во ненасилни семејства може да придонесе за ненасилни заедници.“

Ида Фердинанди, отсек за ран детски развој, УНИЦЕФ Црна Гора

„Грижливи семејства“ (Caring Families) е програма за родителство која ги поддржува родителите при воспоставување и одржување негувачки односи со своите деца. Програмата е директно финансирана преку ЕУ во Црна Гора како дел од проектот „Ран детски развој“, имплементиран од УНИЦЕФ. Ида Фердинанди е одговорна за ран детски развој при УНИЦЕФ, во Црна Гора, и објаснува дека програмите за родителство се меѓународно признаени како клучни стратегии за спречување насилство кон децата. „Всушност, програмите за родителство не само што ни помагаат да ја намалиме строгата дисциплина, туку ни овозможуваат, исто така, и да ги поддржиме децата за да бидат ненасилни. Родителите се модел за однесувањето на децата; па, оттука, растењето деца во ненасилни семејства може да придонесе за ненасилни заедници.“

Ида објаснува дека во светот постојат неколку програми, како и оваа, засновани на докази, но дека тешко е да се добие пристап до нив поради скапите лиценци. Притоа, Светската здравствена организација (СЗО), како и експерти од различни универзитети и УНИЦЕФ, ја развиле оваа посебна програма (Родителство за доживотно здравје, наречена „Грижливи семејства“ во Црна Гора) како лиценцирана, но јавно отворена програма, заснована на докази,  за држави со ниски и средни примања; како што е случајот со Црна Гора.

Во Црна Гора, програмата се имплементира преку пет години. Со два циклуса годишно, програмата допрела до 800 родители во седум општини. 700 од родителите успешно ја завршиле програмата. Студија, која го мери влијанието на програмата меѓу учесниците, покажа дека постои намалување од 70 % на насилното родителство, а забележано е намалување од 30 % на проблемите со однесување на децата; како и 45 % намалување на родителската депресија. „Влијанието на проектот е неверојатно,“ вели Ида.

Онлајн верзија на програмата „Грижливи семејства“, наречена „ParentChat“, беше тестирана за време на КОВИД-19 во обид за ублажување на влијанието на КОВИД-19 врз децата и родителите во Западен Балкан и Турција.

„Се трудиме да создадеме капацитети за човечки ресурси со цел програмата да се развива на одржлив начин. Исто така, соработуваме и со Министерството за здравство во насока на креирање национална стратегија за ран детски развој, така што програмата би била интегрирана во владината политика и акција како редовна услуга.“

Ида Фердинанди, отсек за ран детски развој, УНИЦЕФ Црна Гора

Програмата „Грижливи семејства“ во Црна Гора се спроведува преку примарните здравствени центри за грижа кои поседуваат единици за советување; како и преку градинки, граѓански организации и основни училишта. УНИЦЕФ работи и на проширување на програмата за да обезбеди нејзина одржливост. Програмата овозможува обука за нови локални фацилитатори со цел креирање тим од национални обучувачи, така што не би зависела само од меѓународни експерти. „Се трудиме да создадеме капацитети за човечки ресурси со цел програмата да се развива на одржлив начин. Исто така, соработуваме и со Министерството за здравство во насока на креирање национална стратегија за ран детски развој, така што програмата би била интегрирана во владината политика и акција како редовна услуга,“ вели Ида.

Мишо вели дека моделот за родителство се променил од времето кога тој бил дете и дека татковците сакаат да бидат повеќе инволвирани во растењето на своите деца. „Сакам да бидам татко кој ќе биде близок со своите деца, особено за време на критичните период во нивниот живот; поддржувајќи ги и давајќи им насоки за одлуките кои ги чекаат во животот,“ вели тој.

За проектот

Иницијативата за ран детски развој во Црна Гора е тригодишна програма која ќе трае до јули 2023 година. Програмата е финансирана од ЕУ, со средства во висина од 1 милион евра, а е имплементирана од УНИЦЕФ, во соработка со министерствата за здравство, образование, труд и социјална заштита. Благодарение на иницијативата, ЕУ и УНИЦЕФ ќе им помогнат на авторитетите во Црна Гора да развијат и имплементираат национална стратегија за ран детски развој; подигнувајќи ја, притоа, општата свест за важноста на раниот детски развој. Исто така, ќе биде зголемен и капацитетот на здравствени, заштитни и образовни услуги со цел овозможување соодветни услуги за семејствата и малите деца; вклучително и децата со попреченост. Преку програмата, родителите и старателите ќе добијат, исто така, прилика да се стекнат со нови знаења и вештини; со цел олеснување на улогата на давање позитивна, одговорна и негувачка грижа за своите деца.

Photo credits: Dusko Miljanic,Unicef

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.