Додека Сараево бил под австро-унгарско управување, градот се користел како тест-подрачје за нови изуми пред истите да бидат поставени во Виена. Сараевската трамвај мрежа била отворена како тест-линија на Нова година, во 1885; со што таа е една од најстарите трамвајски мрежи во Европа.
Трамвајската мрежа континуирано работела преку еден век и тоа во текот на исклучително тешки времиња; како, на пример, Првата и Втората светска војна. За време на опсадата на Сараево, помеѓу 1992 и 1995 година, трамвајската пруга и бројни возила биле сериозно оштетени; но, иако трамвајскиот превоз запрел во еден период на опсадата, услугата продолжила во април 1994. Оттогаш, трамвајската мрежа се соочува со тешкотии, а повеќето од возилата се стари приближно 40 години.
Намалување на метежот, зголемување на безбедноста
Хидајет Шариќ има 46 години. Преку 20 години работи како возач на трамвај за Сараевската трамвајска мрежа. Се сеќава на времето кога бил ученик и со трамвај патувал од дома до училиште. „Повеќето од трамваите што ги возам се истите со кои и јас самиот патував кога бев дете,“ вели тој. Хидајет објаснува дека последниот пат кога биле купени нови возила било непосредно пред Зимските олимписки игри одржани во Сараево во 1984 година.
Низ годините, градот купил половни трамваи и се трудел да ги одржува и надогради, но се далеку од квалитетот на трамваи кои се користат низ другите европски градови и пошироко. Хидајет објаснува дека, од време на време, со колегите имаат технички проблеми; особено кога трамваите се расипуваат и треба да ги влечат за одржување. Ова е особено опасна процедура затоа што трамвајот треба да се вози наназад; поминувајќи низ тешки кривини без добра прегледност кои претставуваат сериозен ризик за несреќа. Додава дека и искуството на патниците не е секогаш добро затоа што трамваите немаат климатизери.
Меѓутоа, на овие проблеми наскоро ќе им дојде крај благодарение на поддршката од Европската инвестициска банка (ЕИБ) – позајмувачкиот орган на Европската Унија; која обезбеди 40 милиони евра за модернизација на јавниот превоз во Сараево. Подобрувањата значително ќе ја зголемат безбедноста и ќе го намалат транспортниот метеж и воздушното загадување во главниот град на Босна и Херцеговина и околните општини.
Сараево, како и останатите градови во Западен Балкан, има сериозни проблеми со воздушното загадување. Ова е, делумно, резултат на зголемениот број возила за патување од дома до работа; особено за време на зимскиот период. Аднан Стета, министер за транспорт во кантонот Сараево, објаснува дека идејата за проектот за модернизација на јавниот превоз дошла од потребата да се намали воздушното загадување во градот. Тој ја поздравува инвестицијата и поддршката од Европската инвестициска банка. „Новиот систем и возилата опремени со најнова технологија ќе ни помогнат да го зголемиме бројот на патници кои го користат јавниот превоз, да го намалиме транспортниот метеж и да создадеме почисто и позелено Сараево,“ вели тој.
За проектот
Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди 40 милиони евра за градската транспортна мрежа во Кантонот Сараево. Финансирањето, обезбедено по поволни услови, ќе овозможи модернизација и проширување на мрежата трамваи и тролејбуси преку промена на постоечките возила и изградба на нова трамвајска пруга. Се очекува воспоставувањето на поефикасен и посигурен јавен транспортен систем да овозможи премин на патниците од приватен кон јавен превоз.
Како резултат, проектот ќе помогне да се намали времето на патување, емисијата на стакленички гасови, нивото на врева и бројот на сообраќајни несреќи во Кантонот Сараево. Проектот ќе придонесе, исто така, и за исполнување на Стратегијата за Западен Балкан, на Европската Унија, како и постигнување на целите на Европската инвестициска банка поврзани со одржлив транспорт
Photo credits: GRAS Sarajevo
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!