Составување на албанското културно наследство | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Составување на албанското културно наследство

05 Јан 2022

Ниту една посета на Тирана не е целосна без фотографија од големиот мозаик кој ја прекрива главната фасада на Националниот историски музеј. Заземајќи централно место во спектарот значајни зданија на главниот плоштад во престолнината; мозаикот е конципиран во раните 1980-ти и е насловен „Албанија“, отсликувајќи ги луѓето кои живееле во државата во текот на различни времиња.

Мозаикот бил сведок на бројни историски настани кои се случиле на плоштадот Скендер Бег, но претрпе штети во земјотресот од 2019 година. Се работи за најсилниот земјотрес кој ја погодил државата во последните педесет години; одземајќи бројни животи и предизвикувајќи сериозни штети ширум централна Албанија, вклучително и 53 локалитети на културно наследство.

„Постоеле само неколку интервенции од неговата инаугурација пред неколку децении; на пример, отстранување на ѕвезда – симбол на комунизмот, од мозаикот.“

Даниела Корточи, проект „EU4Culture“

Инженери од ЕУ придонесуваат за возобновување

Во очите на градежната инженерка, Даниела Корточи, која работи на реставрација на мозаикот, една фигура се истакнува меѓу сите други на мозаикот „Албанија“: жена со пушка во раката.

„Жената, во традиционална облека, стои, меѓу двајца мажи, во центарот на мозаикот; симболизирајќи ја силната албанска жена во времето на комунизмот, но, исто така, претставувајќи ја и пријателската страна отсликана во отворената лева рака која означува гостопримливост,“ објаснува младата инженерка која е дел од пост-земјотресната реставрација. „Постоеле само неколку интервенции од неговата инаугурација пред неколку децении; на пример, отстранување на ѕвезда – симбол на комунизмот, од мозаикот,“ раскажува Корточи; објаснувајќи како реставрацијата вклучува заедничка експертиза помеѓу Албанија и ЕУ, вклучувајќи ги и оригиналните креатори на делото.

Корточи работи со тим експерти кои избрале 27 локалитети на културно наследство соодветни за интервенција како дел од најголемиот културен проект, финансиран од ЕУ, досега имплементиран во државата. Експертизата на ЕУ додава дополнителна вредност при преносот на знаења на новата генерација студенти за локално културно наследство. Тие работат рамо до рамо на оштетени ѕидини од замок, стари пристанишни тврдини, музејски згради и мостови. Во обид да се заштитат вештини на кои им претстои опасност од исчезнување, работата на замоци или мостови вклучува традиционално ѕидарство со употреба на локален камен. Крајната цел е оживување на избраните локалитети за зголемување на туристичкиот потенцијал; директно придонесувајќи за општествено-економско закрепнување на Албанија.

„За нас, жените инженери, мисија е да се биде во доменот на градежништвото. Чувствуваме потреба да бидеме пример за некое петгодишно девојче кое сега црта куќа со сонце во аголот на хартијата.“

Даниела Корточи, проект „EU4Culture“

Европа е таму каде што сакаме да бидеме

Економската трансформација на Албанија започна кога демократијата стави крај на долгогодишниот комунизам во 1990-тите. Корточи припаѓа на втората генерација која придонесува во држава со аспирации за членство во ЕУ. Покрај нејзиниот професионален ангажман како инженерка, таа им се приклучи и на Младите европски амбасадори; креативна мрежа на идни носители на промени ширум Западен Балкан.

„Се сеќавам како, додека растев, честопати ја слушав изјавата дека „Сакаме Албанија да биде како остатокот на Европа“, подразбирајќи ги, притоа, развиените држави членки на ЕУ. Токму затоа сакав да научам за Унијата и да ги споделам нејзините вредности со моите врсници, гледајќи на нив како наша заедничка иднина,“ вели Корточи. Меѓу овие европски вредности се и вреднувањето на обилното културно наследство во Албанија.

Дополнителна важна улога во која Корточи се гледа себеси е лидерството со давање пример за идните генерации; особено за девојчињата. Иако жените претставуваат помалку од 1% од работната сила во градежниот сектор, таа вели: „Можам да работам и да бидам признаена за мојот професионализам подеднакво како и мажите. За нас, жените инженери, мисија е да се биде во доменот на градежништвото. Чувствуваме потреба да бидеме пример за некое петгодишно девојче кое сега црта куќа со сонце во аголот на хартијата.“

Како што жената на мозаикот е претставена како борец, повикувајќи ги другите да ѝ се придружат; реставрацијата на овие споменици не е само заради зачувување на минатото или сегашноста, туку ќе им служи на идните млади генерации да знаат од каде доаѓаат.

За проектот

Во рамки на една од најголемите програми за културно наследство, вредна 40 милиони евра, ЕУ работи во Албанија со цел поддршка на реставрација на локалитети и споменици погодени од земјотресот во 2019 година. Програмата цели кон придонесување за општествено-економско закрепнување на Албанија преку повторна изградба на културното наследство во државата и реставрирање на нејзиниот потенција за туризам, како и поддржување на локалните заедници. Програмата е дотолку поважна поради ефектите на пандемијата КОВИД-19 која имаше негативно влијание врз туристичкиот сектор во Албанија.

Дознај повеќе

Photo credits: EU4Culture Albania

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.