Младите европски амбасадори на ЕГЗИТ фестивал во Нови Сад
Младите европски амбасадори на ЕГЗИТ фестивал во Нови Сад
Овој јули, младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) се собраа во Нови Сад, Србија, за да учествуваат на фестивалот ЕГЗИТ. Младите европски амбасадори организираа четири различни активности, за време на четирите фестивалски дена, и имаа прилика да се запознаат со своите врсници од граѓанското општество.
На првиот ден, младите европски амбасадори разговараа со посетителите за клучните теми за кои се залагаат: еколошки активности, културна соработка, здружување со ЕУ, образовни програми и искуства во ЕУ, подобрување на третманот на ранливите групи и локалните заедници, а ја претставија, исто така, и мрежата на млади европски амбасадори. Вториот ден беше посветен на „жива библиотека“ во којашто младите европски амбасадори комуницираа со други млади и ги споделуваа своите приказни за културата во Западен Балкан, туристичките знаменитости, познати луѓе, како и нивните лични искуства.
На третиот фестивалски ден, младите европски амбасадори организираа дискусија на главната сцена, во зоната „Отворено расположение“ („OPENS state of mind“) со теми од доменот на ЛГБТИ+ прашања, инклузија, младинско учество и капацитети. Зедоа збор Ана Јокиќ и Маша Врачар од Младинскиот совет од Србија, Немања Обрадовиќ од „OPENS“, и младите европски амбасадори Ања Кафеџиска (Србија), Енес Пеќурица (Црна Гора) и Стјуарт Исламај (Албанија), а во улога на модератор на дискусијата беше Филип Лукиќ од Делегацијата на ЕУ во Србија.
На последниот ден, младите европски амбасадори и посетителите го обоија знамето на заедницата ЛГБТИ+, оставајќи пораки за поддршка за заедницата.