Дознај ги најновите информации за активностите на ЕУ и настаните во Западен Балкан
Во име на Генералниот директорат на ЕУ за соседство и преговори за проширување, третиот проект за Техничка помош за организации на граѓанското општество организираше Форум на граѓанското општество ЕУ Западен Балкан и Турција во Скопје, на 8. и 9. јуни. Форумот се организира за првпат од почетокот на пандемијата КОВИД-19.
Вкупно 120 учесници присуствуваа на Форумот, а дополнителни 100 го проследија во онлајн формат. Меѓу нив беа високи претставници од Европската комисија, делегации на ЕУ и владини делегации, како и најразлични претставници од граѓанските здруженија. Во насока на неодамнешните драматични настани во Европа; имено пандемијата КОВИД-19 и руската непријателска војна против Украина, форумот претставуваше прилика за подобро разбирање на предизвиците и можностите во регионот, како и улогата на граѓанското општество во обидот за одговор на истите.
Мишела Матуела, заменик-директорка на Директоратот за Западен Балкан при Генералниот директорат на ЕУ за соседство и преговори за проширување, изјави: „Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, а ЕУ е целосно посветена за унапредување на пристапниот процес. Во оваа рамка, организациите на граѓанското општество се клучни партнери. Сите вклучени чинители треба да работат со заедничка визија за оптимизација на улогата на граѓанското општество. Во оваа насока се истакнуваат „Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“. Потребно е да се стави посебен фокус на младата генерација, да им овозможиме да го претворат регионот во привлечно место за живот, водење бизнис и остварување на нивните амбиции.“
Главната цел на форумот беше да ги претстави ревидираните „Насоки за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување 2021 – 2027“. Насоките ги исцртуваат целите за поддршката на ЕУ за граѓанското општество, обезбедувајќи алатка за владите за подобрување на соработката со граѓанското општество и обезбедување помош за мерење на напредокот кон исполнувањето на условите за интеграција во ЕУ.
Помеѓу 2014 и 2020 година, ЕУ обезбеди околу 330 милиони евра поддршка за граѓанското општество преку Инструментот за граѓанско општество и Програмата за медиуми; додека, пак, сумата предвидена за периодот 2021 – 2023 изнесува 218 милиони евра. Насоките ќе ѝ помогнат на ЕУ да го процени влијанието на оваа поддршка.
Извор: TACSO
Извор на фотографии: TACSO
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!