Намалување на цените за роаминг на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ
Намалување на цените за роаминг на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ
38 телекомуникациски оператори од ЕУ и Западен Балкан се согласија да го направат роамингот на податоци помеѓу Западен Балкан и ЕУ попристапен за граѓаните и бизнисите во двата региона; во процес поддржан од Регионалниот совет за соработка и Европската комисија. Овој договор е во согласност со Декларацијата за роаминг потпишана во декември на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана.
Со нивното доброволно согласување, операторите се посветуваат на значајно намалување на јазот помеѓу домашните цени за користење податоци и цените во роаминг; во двете насоки помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Максималните малопродажни цени за 1 гигабајт ќе се намалат, од октомври 2023 до 2028 година, по следниот ред: 18 евра од октомври 2023, 14 евра од 2026 и 9 евра од 2028 година. Предвидени се годишни извештаи за оценување и предвидување на влијанието и идните мерки.
Предводникот на договорот, комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј, изјави: „Градејќи го успехот на режимот „Во роаминг исто како и дома“, за ЕУ и Западен Балкан, го поздравувам потпишувањето на овој доброволен договор помеѓу 38 телекомуникациски оператори. Намалувањето на цените за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан од 1. октомври, годинава, ќе донесе бројни придобивки за граѓаните и бизнисите во ЕУ и Западен Балкан. Посветени сме да го дадеме својот максимум за да ја забрзаме интеграцијата на Западен Балкан на нашиот единствен пазар.“
Воведувањето ограничувања на цените се очекува да ги намали цените за роаминг за корисниците кои патуваат меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ценовните ограничувања ќе ги охрабрат и поедностават деловните, културните, туристичките и другите размени помеѓу ЕУ и Западен Балкан и ќе ги зајакнат врските помеѓу овие соседски региони. Во моментов, операторите работаат на креирање производи со цени пониски од оние наведени во ценовните ограничувања кои ќе бидат достапни за купување за најголемиот можен број корисници.
Сите останати телекомуникациски оператори од ЕУ и Западен Балкан се добредојдени да се приклучат на иницијативата.
Извор: DG NEAR
Извор на фотографии: DG NEAR