Областа Дебар е лоцирана во планинскиот регион по течението на реката Црни Дрим, во североисточна Албанија; во близина на границата со Северна Македонија. Областа е сериозно погодена од емиграциски бранови; особено емиграција на младите, кои велат дека нема што да се прави во Дебар. Меѓутоа, локалната невладина организација, „Local Action Group (LAG)“, со години работи за да го направи местото интересно за младите; нудејќи им можност да придонесат за општеството и да бидат поактивни.
Ерблина има 21 година, доаѓа од областа Дебар, и студира медицина во Тирана. Дел е од невладината организација „Local Action Group“ од нејзината 16-та година, и продолжува да придонесува кога си доаѓа дома за празниците. Објаснува дека е активистка уште од деветто одделение. „Имав бројни придобивки од волонтерството: ми помогна да се оформам како личност. Исто така, прекрасно е чувството кога помагаш, а твојот придонес дава резултати,“ вели таа.
Градење капацитети за зајакнување локални акции
Невладината организација „Local Action Group“ беше основана во 2016 година. На времето, Кимете работела како наставничка, а напоредно и во Меѓународниот Црвен Крст. Објаснува дека Дебар е еден од најсиромашните региони во Албанија; каде, покрај проблемите со сиромаштија, се јавуваат и проблеми поради традиционалниот менталитет кој влијае врз човековите права. Кимете забележала дека многу малку се прави за да се реши овој проблем. „Затоа, одлучивме дека мора да направиме нешто за да го пополниме јазот; преку застапување и лобирање за човекови права,“ вели таа.
Со оглед на тоа што станува збор за локална организација во оддалечен предел, Кимете и нејзините пријатели имале многу малку искуство за тоа што е потребно за управување со невладина организација; а, истовремено, и малку можности за стекнување на неопходните вештини. За среќа, добиле можност од страна на проектот „Техничка помош за организациите на граѓанското општество“ (TACSO), финансиран од ЕУ, чија мисија била подобрување на капацитетите и зајакнување на улогата на организациите на граѓанското општество во Западен Балкан.
Со стекнатото знаење преку проектот „TACSO“, невладината организација „LAG“ добила можност да придонесе за заедницата преку имплементирање проекти фокусирани на човекови права и други теми. Нивниот прв проект, фокусиран на превенција од семејно насилство, бил исто така финансиран од ЕУ, и е еден од најзначајните за Кимете. Објаснува дека затоа што Дебар е традиционален регион; жените, обично, одбиваат да зборуваат за случаи на семејно насилство или злоупотреба од страна на мажите во семејството. „Навистина е тешко за жените во руралните подрачја да зборуваат или да бараат помош за теми во врска со насилство. Самиот факт што сме локална организација беше особено корисен затоа што имавме полесен пристап до домаќинствата и посетите од куќа до куќа, а зборувавме и со значаен број ранливи жени и ги поддржавме на најразлични начини,“ вели таа.
За Кимете, најголемиот успех на организацијата е, можеби, инволвирањето на младите во нивните активности. Денес, организацијата има преку 300 активни волонтери кои редовно придонесуваат во активностите. „Дебар нема младински организации или претставништво на младите на локално ниво. Преку нивното вклучување во активностите на организацијата, им даваме можност да им помогнат на другите, но, исто така, добиваат можност и нивниот глас да биде слушнат,“ вели Кимете.
Но, Кимете потенцира дека без поддршка на проектот „TACSO“, можеби ниту еден од нивните проекти не би бил реализиран. Проектот „TACSO“ ја обучил неа, а и нејзиниот тим, на бројни начини; вклучително и за пишување на проектни предлози, финансиско менаџирање на проектите, најдобрите начини за искористување на волонтерите, дигитални комуникациски техники и многу други корисни вештини. Таа вели: „Проектот „TACSO“, на ЕУ, е со нас уште од првиот ден, и е неопходен за нашиот успех.“
За проектот
Проектот „Техничка помош за организациите на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција (TACSO)“ е регионален проект, финансиран од ЕУ, за подобрување на капацитетите и зајакнување на улогата на организациите на граѓанското општество. Проектот им помага на организациите на граѓанското општество да заземат активен дел во демократските процеси во регионот; стимулирајќи погодна средина за граѓанското општество и плуралистички медиумски развој. Проектот работи во Албанија, БиХ, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција. „TACSO“ е дел од механизмот за граѓанско општество на ЕУ кој овозможува поддршка за организациите на граѓанското општество во оние држави кои сè уште не се дел од ЕУ. Организациите на граѓанското општество играат значајна улога во ЕУ и имаат статус на клучни чинители во поддршката на пристапниот процес на државата.
Photo credits: LAG
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!