Беспрекорно чисто за Приштина! безбедно снабдување со вода за идните години | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Беспрекорно чисто за Приштина! безбедно снабдување со вода за идните години

25 Јун 2021

Муса Хасани преку триесет години работи како телефонски оператор во регионалната компанија за водоводна дистрибуција во Приштина. Наизглед, неговата работа е едноставна: одговара на телефонски повици од клиентите и ги пренасочува жалбите до релевантните сектори во водоводната компанија. Меѓутоа, околу 2000-та година, едноставната работа станала исцрпувачка и стресна. Муса се сеќава како примал 200 повици дневно, од кои мноштвото биле постојани поплаки за недостигот на вода.

По војната во 1999 година, косовската престолнина, Приштина, била соочена со огромен миграциски бран од периферијата. Јавната комунална инфраструктура, која била планирана за 150000 жители, сега морала да се справи со население кое надминало 300000 жители. Во текот на следната декада, прекините на вода траеле преку десет часа дневно во која и да било населба во Приштина. „Луѓето беа бесни зашто ситуацијата имаше значајно влијание врз квалитетот на живот. Па, бесот го истураа на телефонските линии,“ се сеќава Муса.

„Во март 2014 година, Бадовачкото Езеро имаше доволно вода за само еден месец, а Батлавското Езеро за два. Доколку немаше период на поројни дождови во април, Приштина, и соседните општини, буквално ќе останеа без вода за пиење.“

Сокол Џафа, директор, Приштинска регионална водоводна компанија

Приказна за две езера

Сокол Џафа е директор на Приштинската регионална водоводна компанија. Се сеќава како, во 2010 година, компанијата започнала со неколку интервенции кои, до одредена мера, ја подобриле ситуацијата. Но, имале потреба од долгорочно решение. Во тоа време, единствените извори на водна дистрибуција биле двете вештачки резервоари во близина на Приштина – Батлавското и Бадовачкото Езеро. Нивото на овие езера зависи од врнежите дожд. Па, како што климатските промени влијаат на нивото на езерата; снабдувањето може сериозно да варира од прекумерна водна акумулација до ниво на суша.

Во 2014 година, Косоварите го доживеале најголемиот недостиг на вода во последните три децении. „Во март 2014 година, Бадовачкото Езеро имаше доволно вода за само еден месец, а Батлавското Езеро за два. Доколку немаше период на поројни дождови во април, Приштина, и соседните општини, буквално ќе останеа без вода за пиење,“ вели Џафа.

Но, ситуацијата се подобрила благодарение на поддршката, во висина од 35 милиони евра, од проектот „Приштинско регионално водно снабдување“, кој вклучувал и грант, од 5 милиони евра, од ЕУ. Благодарение на оваа инвестиција и финансирање, спроведени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, проектот долгорочно ја спасил Приштина од проблеми со воден недостиг и обезбедил сигурно водно снабдување за околниот регион. Проектот вклучил и развивање на нов воден извор од езерото Газивода. Инфраструктурата овозможува водата да се канализира од Иберскиот Канал до ново изградената централа за прочистување на вода во Шкабај. Новата централа се состои од лабораторија, соба за операции и канцеларии, со работилници и соби за социјализирање.

„Ако ја немавме новата централа, ќе мораше да прогласиме итна состојба, а Приштина, и околните општини, ќе беа соочени со редовни прекини на вода во времетраење од 12 часа во текот на изминатите две години.“

Сокол Џафа, директор, Приштинска регионална водоводна компанија

„2019-та и 2020-та беа години со најдолг период на суша. Ако ја немавме новата централа, ќе мораше да прогласиме итна состојба, а Приштина, и околните општини, ќе беа соочени со редовни прекини на вода во времетраење од 12 часа,“ вели Сокол Џафа.

Ефикасно и стабилно снабдување

Водата се црпи од природен извор и се канализира преку отворен гравитациски цевковод до станицата каде што се пумпа до водната централа за третирање, процесирање и филтрирање. Водната централа Шкабај има капацитет од 700 л/с: доволно за да обезбеди ефикасно и постојано водно снабдување за општините Приштина, Обилиќ, Фуш Косова, Грачаница и Подујева.

Муса Хасани несомнено ја забележал разликата која ја направил овој проект; поголемо задоволство од страна на клиентите, подобрен квалитет на живот за жителите на Приштина и регионот и помалку нервозни повици за него. Новата инфраструктура резултирала, исто така, и со технолошки напредувања кои им овозможиле на авторитетите подобро контролирање на нивото на Бадовачкото и Батлавското Езеро; обезбедувајќи, на овој начин, обновливост на водните ресурси во регионот.

За проектот

Проектот „Приштинско регионално водно снабдување“ искористил комбинирана инвестиција од грантови и заеми, спроведени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Тука се вклучени 5 милиони евра во форма на грант-поддршка од ЕУ, заем од 20 милиони евра од Банката за развој „KfW“ на Германското министерство за економска кооперација и развој, како и придонес од 10 милиони евра од регионалната водоводна компанија.

 За Инвестициската рамка за Западен Балкан

Инвестициската рамка за Западен Балкан е донаторско-координациска платформа која собира средства од различни извори; вклучувајќи ја и Европската Комисија. Инвестициската рамка за Западен Балкан овозможува финансиска и техничка поддршка за стратешки инвестиции во полето на енергијата, животната средина, општествени, транспортни и дигитални инфраструктури. Исто така, поддржува и иницијативи за развој на приватниот сектор. Се работи за заедничка иницијатива на ЕУ, финансиски институции, билатерални донатори и влади од Западен Балкан.

Дознај повеќе

Photo credits: WBIF, Regional Water Company Pristina, Arbër Gjoni

 

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.