Започнување во време на економска криза | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Започнување во време на економска криза

Стартап основан од млад претприемач од Србија расте и покрај предизвикувачката деловна клима.

SCROLL DOWN

Страхиња Тирнаниќ, 31 година, е претприемач од Србија. Ја започнал својата кариера како веб администратор во компанија која управува со онлајн портал за вработување и набрзо напредувал, добивајќи унапредување во менаџер за маркетинг и односи со јавноста и деловен развивач.

Во еден момент, сфатил дека би можел да стартува и раководи со свој сопствен бизнис. “Долго време имав идеја да започнам сопствен бизнис. После шест годишно деловно искуство, континуирано образование и добра основа со деловни контакти, самодовербата ми порасна. Одлучив дека е добро време за да земам претприемнички залет“, вели тој.

Земање залет

Неговото истражување покажало недостаток од консултантски маркетинг и менаџмент услуги на пазарот.  Развил бизнис план, дал отказ и ја регистрирал својата стартап консултантска компанија специјализирана во овие домени. Но, како и многумина други млади претприемачи во Западен Балкан, му била потребна дополнителна поддршка; особено за истражување на нови пазари надвор од Србија и далечинско управување со проекти.  Истовремено, благодарение на промоција на социјалните медиуми, дознал за програмата “Еразмус за млади претприемачи“ (EYE), финансирана од ЕУ.

“Видов Фејсбук настан за запознавање со програмата кој требаше да се одржи во мојот град. Со оглед на тоа што само што бев тргнал на одмор во Швајцарија, ги контактирав организаторите и ги замолив да договориме средба штом се вратам. Се согласија, јас тргнав за Женева и, истовремено, почувствував дека и мојата деловна одисеја започнува!“

“Одлучив дека е добро време за да земам претприемнички залет “

Страхиња Тирнаниќ, претприемач

Проектот којшто му овозможил поддршка на Страхиња се вика “StartUp2“. Овој проект има за цел да ги олесни размената, учењето и креирањето на деловни врски помеѓу новите претприемачи. Размената се случува за време на престој во странство со искусен претприемач кој му помага на новиот колега да стекне вештини потребни за раководење на мала фирма.

Страхиња го барал токму тоа.

На пат кон Словенија

За својата размена ја избрал Словенија, односно Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб како приемна организација. Бил привлечен од широката палета активности во кои клубот е вклучен, новите работни методи, како и креативната и меѓукултурна средина. “Сигурен бев дека ова ќе биде голем предизвик за мене и со нетрпение очекував да ја истражам Словенија и нејзиното деловно окружување.“

Три месеца останал во Словенија; период кој го смета како најдоброто кариерно и животно искуство. Со советници кои работат глобално, Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб поседува огромно искуство во доменот на далечински операции. Едно од најзначајните нешта кои Страхиња ги научил за време на неговиот престој е далечинското менаџирање. Но, најважната придобивка од целото искуство за него е ново воспоставената мрежа на контакти.

Мрежата на контакти создава бизнис

За време на својот престој, Страхиња учествувал во бројни деловни настани и значително ја проширил својата мрежа на контакти. Оттука, неговиот систем за управување на односи со корисници ги вбројува имињата на околу 60 извршни директори кои ги запознал на настаните – со особена гордост истакнувајќи го светски реномираниот американски претприемач и основач на бројни стартап компании, Џеф Хофман!

Страхиња се вратил со пет клиенти и партнери од Словенија со кои сè уште соработува. Еден од нив е PGN.global, стартап за иновативни технологии и негов најголем клиент. Оттогаш, вработил двајца нови колеги, се преселил во нови канцеларии и стекнал уште два нови клиенти.  И покрај пандемијата КОВИД-19, Страхиња искусил значителен раст и развој во текот на последните шест месеца. За својот успех особено е благодарен на проектот “StartUp2“. “Верувам дека овој успех е резултат на способноста за далечинска работа и фокус на интернационален пазар. Ова се нешта кои ги научив во Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб во Словенија“, вели тој.

“Верувам дека овој успех е резултат на способноста за далечинска работа и фокус на интернационален пазар. Ова се нешта кои ги научив во Луксембуршко-словенечкиот деловен клуб во Словенија“

Страхиња Тирнаниќ, претприемач

Страхиња е еден од многуте млади кои бенефитирале од проектот “StartUp2“. Досега, проектот обезбедил поддршка за 128 претприемачи од различни држави и тоа во насока на работни тренинзи, потпомагање и консолидирање на успешни стартап компании, како и помош за мали фирми за стекнување поголема видливост на европските пазари. Со проектот управува конзорциум од осум партнери од Финска, Франција, Италија, Латвија, Португалија, Србија, Шпанија и Обединетото Кралство, во координација со Европскиот центар за студии и иницијативи (CESIE) од Италија. Проектниот партнер од Србија е Центарот за деловен развој од Крагуевац.

Проектот “StartUp2“ е поддржан од програмата “Еразмус за млади претприемачи“ (EYE). Се работи за меѓугранична програма за рамена која на младите и надежни претприемачи им овозможува да учат од искусни претприемачи кои управуваат мали бизнис во останатите држави-учеснички. Домаќинот добива свежи перспективи и можности за креирање врски со странски партнери, како и прилика за откривање нови пазари. Србија учествува во оваа програма заедно со останатите држави од Западен Балкан.

Photo Credits: Strahinja Tirnanić

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.