Трансформирање на едноставно хоби во успешен бизнис | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Трансформирање на едноставно хоби во успешен бизнис

Поддршка на ЕУ ѝ овозможи на млада претприемачка од Црна Гора да основа свој бизнис и да произведува еколошки играчки.

SCROLL DOWN

Јасна Раденовиќ, млада претприемачка од Црна Гора, води сопствена компанија специјализирана за изработка на еколошки играчки. Со седиште во градот Плав, лоциран во североисточниот регион на Црна Гора, Јасна е мајка на три деца. Со население од преку 3000 жители, Плав служи како центар на општината Плав, со население од над 9000 жители. Пред десетина години, Јасна сакала нејзините деца да имаат играчки изработени од природни материјали. Со оглед на тогашната ограничена понуда достапна во продавниците во Црна Гора, Јасна добила идеја сама да креира играчки. „Дрвото беше достапен материјал во нашиот град. На почетокот, започнав да креирам играчки за редење, постепено адаптирајќи ги дизајните за да одговараат на возраста и потребите на моите деца,“ се сеќава Јасна. Но, со тек на време, скромното хоби се претвори во нешто посуштинско, мотивирајќи ја Јасна да го претвори во постојан бизнис.

„Денес создаваме еколошки играчки, користејќи дрво и текстил, кои одговараат на потребите на деца од сите возрасти. Нашите играчки го олеснуваат учењето во области како што е математиката, првите букви, музички ноти и географија, придонесувајќи за развој на моторните вештини и стимулирајќи ја детската фантазија.“

Јасна Раденовиќ, претприемачка

Во 2020 година, Јасна ја искористила можноста и се пријавила за шемата за бизнис стартапови на Државната агенција за вработување, финансирана од ЕУ и Владата на Црна Гора. Оваа финансиска поддршка ѝ овозможила да ја започне својата компанија – „Three Wolves“. „Денес создаваме еколошки играчки, користејќи дрво и текстил, кои одговараат на потребите на деца од сите возрасти. Нашите играчки го олеснуваат учењето во области како што е математиката, првите букви, музички ноти и географија, придонесувајќи за развој на моторните вештини и стимулирајќи ја детската фантазија,“ објаснува Јасна.

Покрај грантот од ЕУ, обезбеден преку Агенцијата за вработување, со кој Јасна ги набавила неопходните машини и материјали за изработка на играчки, добила и вредна менторска поддршка за подобрување на нејзиниот стратешки план и маркетинг вештини. Преку регионалниот проект насловен „Промоција на инклузивни пазарни решенија во Западен Балкан“, финансиран од Агенцијата за развој на Австрија, бирото на Програмата за развој на ОН во Црна Гора понудило помош, во вид на менторство, за учесниците во програмата за самовработување. „Со оглед на тоа што немав претходно деловно искуство, бев несигурна за производите на кои треба да се фокусирам и како ефикасно да се претставам на пазарот. Меѓутоа, добив исклучителна поддршка од менторите,“ споделува Јасна.

Иако Јасна има аспирации нејзините производи да станат заштитен знак на Црна Гора, признава дека жените-претприемачки во државата се соочени со предизвици. „Најпредизвикувачкиот аспект е урамнотежување на личните одговорности со деловните. Потребно е ефикасно управување со времето кога си мајка на три момчиња на различна возраст, грижејќи се нивните школски и воншколски активности добро да се одвиваат додека напоредно работиш на развивање на бизнисот,“ признава Јасна.

„Ако не се обидеш, никогаш не ќе знаеш колкави ти се способностите. Сигурна сум дека, како и јас, ќе добиете помош и поддршка од системот.“

Јасна Раденовиќ, претприемачка

Поддршката за жените во бизнисот е неопходна, особено земајќи предвид дека посветуваат во просек 10 години од својот живот на неплатена работа и грижа за домаќинството. Важноста од оваа поддршка дополнително се потенцираше за време на пандемијата КОВИД-19, со тоа што неплатената работа на жените и нивните обврски во домаќинството ја надминаа работата на мажите со 92 %. Неодамнешна анкета на Програмата за развој на ОН покажа дека 11 % од жените се изјасниле дека обично не учествуваат во домаќинските обврски, наспроти 42 % од страна на мажите.

Јасна признава дека постојат предрасуди кон жените-претприемачки кои можат да ги обесхрабрат оние кои сакаат да започнат свој бизнис. Го споделува своето искуство, велејќи: „Кога луѓето дознаваат дека жена е директор, обично постои прашање дали е подготвена за предизвикот. Но, јас останав одлучна да успеам и да ги надминам овие предрасуди. За среќа, не бев соочена со големи бариери во системот. Напротив, сите ми помогнаа и ме поддржаа.“

Јасна ги охрабрува невработените жени да веруваат во себе и да се пријават за програмите кои промовираат женско претприемништво. Цврсто е убедена дека неопходно е да се преземе иницијатива, додавајќи: „Ако не се обидеш, никогаш не ќе знаеш колкави ти се способностите. Сигурна сум дека, како и јас, ќе добиете помош и поддршка од системот.“

За проектот

Програмата грантови насочени кон поддршка за самовработување и бизнис стартапови е директен грант вреден 3,5 милиони евра. Истиот е кофинансиран од ЕУ и Владата на Црна Гора. Иницијативата, позната како „Програма грантови за самовработување“, е дел од пошироката програма на ЕУ и Црна Гора – „Програма за вработување, образование и општествена добросостојба“ која располага со целосен фонд од 18 милиони евра од претпристапните фондови на ЕУ – ИПА II. Имплементацијата на програмата е спроведена во соработка со Министерството за економски развој и Министерството за финансии и општествена добросостојба, со поддршка од Делегацијата на ЕУ во Црна Гора.

Photo credits: UNDP

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.