Армела Лато е дипломка на ветеринарниот факултет во Тирана. Првично, сакала да студира медицина, но нејзините резултати не биле доволно добри за упис на медицинскиот факултет. Армела не била голема љубителка на животни, но одлучила да се запише на факултетот за ветерина затоа што бил најблиску до тоа што првично сакала да студира.
“Тогаш, ова ми делуваше како привремено решение. Следната година, планирав повторно да се обидам да се запишам на медицина“, вели Армела. Но, во првите неколку месеци на факултетот се премислила и почнала да гледа на ветерината како на доживотна професија.
Факултетот за ветеринарна медицина во Тирана располага со одлични професори, а Армела била особено среќна за тоа. “Професорите нè поддржуваа на секаков можен начин и беа особено пријателски настроени“, вели таа. Ѝ дале нова визија за нејзината работа; Армела се сеќава не еден професор кој велел: “Ако им помагаш на животните, му помагаш на човештвото, бидејќи животите на суштествата на нашата планета се испреплетени.“ Меѓутоа, факултетот имал лимитирани ресурси, како во поглед на опрема, така и во поглед на број на пациенти кои ја посетуваат универзитетската клиника. Теоретското знаење на Армела се подобрувало, но морала, исто така, да ги подобри и практичните вештини.
Наоѓање практични вештини
Уште во средно, Армела сакала да студира во странство. Една од причините биле поголемите можности за вработување. “Воопшто не е лесно да се најде работа во Албанија. Но, ако дипломирам во странство, би стекнала меѓународно признаена диплома и поголеми можности за наоѓање работа во странство“, објаснува таа.
Имајќи го ова на ум, започнала да бара стипендии за студирање надвор од Албанија. Кога била во трета година на факултет, на студентскиот портал, прочитала за можност за студентска размена преку програмата Еразмус+. Имала три опции: Болоња, Милано и Загреб. Земајќи ги предвид можностите кои би можела да ги истражи како во Хрватска, така и во Италија, се пријавила за сите три места. “Ме примија во Милано и Загреб, но го избрав Загреб затоа што професорите ми кажаа дека тамошниот факултет за ветеринарна медицина е подобро опремен и со подолга традиција“, вели Армела.
Загребски авантури
Своето искуство го започнала на факултетот за ветеринарна медицина во Загреб, во вториот семестар од третата универзитетска година, и таму останала шест месеца. Со широко отворени очи ја раскажува приказната за својот престој во Загреб: “Таму беше многу поразлично, многу подобро.“ Универзитетската клиника беше подобро опремена од таа во Албанија. Освен хируршката опрема, имале на достап и напредна дијагностичка опрема како, на пример, екографија и радиографија коишто ги немало на факултетот во Тирана. “Имавме, исто така, и далеку поголем број на пациенти кои ја посетуваа универзитетската клиника, а опремата, пак, беше постојано достапна за употреба. Одлично беше.“
Армелија била соочена и со потешки искуства за време на нејзиниот престој во Загреб. На клиниката, имало пациенти со неизлечиви болести чии сопственици избирале евтаназија за да им ги олеснат болките. Ова било соочување со една од помачните страни на професијата. Научила, на потешкиот начин, дека не секој пациент може да се спаси. За време на нејзиниот престој, Армела добила прилика да стекне нови знаења. Научила, на пример, за крвна болест за којашто претходно не била чула и чија дијагноза зависи од мерењето на големината на коските и черепот, затоа што еден од симптомите на болеста е скусувањето на овие делови од телото. “Беше навистина фасцинантно како, чекор по чекор, ја дијагностицираа болеста и ги споредуваа симптомите со две или три останати можни болести пред да дојдат до конечен заклучок“, вели таа.
Идни планови
По сè што научила во Загреб, Армела е, сега, уште попосветена на продолжувањето на својата кариера како ветеринар и унапредување во професијата. По дипломирањето, планира да студира дерматологија или физиотерапија на постдипломски студии, по можност, на некој странски универзитет, за потоа да се врати во Албанија и да основа своја клиника или да работи во државна ветеринарна институција.
Студирањето ветеринарни науки променило уште една работа во нејзиниот живот. Иако никогаш не ги мразела животните, Армелија вели дека не чувствувала некаква посебна приврзаност кон нив. Особено не сакала мачки. “Не знам зошто, но, едноставно, не можев да гледам ниту, пак, да допирам мачки. Но, сега, имам своја мачка“, се смее Армела.
“Посвети му малку грижа на животното и ќе ти биде вечно благодарно“, вели таа.
Photo credits: Armela Lato
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!