Патувањето на една трудољубива Ромка која заработува за својот син со инвалидитет | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Патувањето на една трудољубива Ромка која заработува за својот син со инвалидитет

Проект, финансиран од ЕУ, поддржува реинтеграција на повратниците во Западен Балкан.

SCROLL DOWN

Цели 25 години, Блерта Лушњари од Албанија оди од Албанија во други земји, и се враќа назад, мотивирана да обезбеди соодветна здравствена грижа за својот син. Антонио е роден со инвалидитет и има сложена мешавина дијагнози; а во родниот град на Блерта – Елбасан нема ни соодветни капацитети за соодветна дијагноза ниту, пак, обезбедување бесплатни здравствени услуги за лица со инвалидитет. Со оглед на економската ситуација на Блерта, за неа било невозможно да плати приватни доктори.

Беше страшно без соодветна дијагноза. Блерта не можела соодветно да се грижи за Антонио без да знае која терапија или лекарства би можеле да му ја олеснат болката. Ниту, пак, знаела како да обезбеди достоен живот во иднината. Во потрага по подобро здравствено внимание, повторно заедно заминале во странство, конечно добивајќи дијагноза – параплегија и лесен интелектуален инвалидитет; но и соодветна грижа. Меѓутоа, без решен статус, морале да се вратат назад дома во Албанија. „Кога бевме во странство, докторот еднаш неделно го посетуваше Антонио, а добиваше и психотерапија. Но, кога се вративме во Албанија, не постоеше таква услуга; всушност, не постоеше ништо. Затоа, неговата болест се влоши.“

„Животот беше потежок. Не можев да си ги прехранам децата. Немав дом и се преселував од еден роднина кај друг: една недела кај еден, друга кај друг.“

Блерта Лушњари, повратничка

Многумина од Западен Балкан одат во странство за работни можности, но Ромите се соочуваат со особени предизвици при повторното интегрирање кога се враќаат. Најчестиот проблем кој го истакнуваат повратниците во регионот, вклучително и Албанија, е вработувањето, проследено со недостаток на достоинствено домување и пристап до образование. Во Албанија, нема програма за социјална заштита наменета посебно за повратниците. Во случајот на Блерта, недостатокот на формално образование ѝ го отежнал барањето профитабилна работа и резултирал со предизвици за документацијата неопходна за стабилен живот. „Животот беше потежок. Не можев да си ги прехранам децата. Немав дом и се преселував од еден роднина кај друг: една недела кај еден, друга кај друг,“ вели Блерта.

Покрај сите предизвици, Блерта била полна со позитивна енергија која е очигледна во топлината на грижата за нејзиното семејство: нејзина главна цел била да ги задоволи потребите на своите деца. Се приклучила на бројни активности од невладини организации развиени за жени и нивната интеграција во општеството, а била особено вклучена во програмата за стручна обука за жени повратнички. Проектот бил наречен „Зајакнување на националните и локални системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратници во Западен Балкан“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Програмата за развој на ОН. Мирјета Рамизи од Програмата за развој на ОН во Албанија објаснува дека Блерта била активна во бројни проектни активности. Една од активностите била бизнис идеја за изработка и рекламирање на природен и рачно изработен сапун. Заедно со други жени, Блерта била обучена за овој занает и добила суровини и помош за маркетинг. Активноста која генерира профит е во својата почетна фаза и добро се одвива, но, според Мирјета, жените имаат високи амбиции, а нивната новоформирана  компанија бара начини за проширување на нивниот пазар.

Како амбициозна и трудољубива жена, Блерта се приклучила на програмата; фокусирана на развој на индивидуални бизнис идеи. Откако се вратила во Албанија, заработува за живот преку поправање и препродавање половни добра. Сега, со поддршка на проектот, планира оваа активност да ја претвори во целосно развиен бизнис. Проектот ѝ помага да развие бизнис план за отворање на мобилна продавница во приколка во која ќе може да ги продава половните добра.

„Преку овој проект воспоставивме ефективни локални и национални партнерства и вниманието го посветивме на потребите и предизвиците на ранливите заедници и повратниците.“

Мирјета Рамизи, Програма за развој на ОН Албанија

Во Албанија, проектот овозможува поддршка во општините Берат, Девол и Фиер, каде што бројот повратници е поголем отколку во останатите општини. Освен директната помош за повратниците, имплементирана во соработка со партнерски невладини организации, проектот обезбедува помош за локалната и централна влада во Албанија за развивање стратегии и акциски планови за одговарање на потребите на повратниците. Мирјета, од Програмата за развој на ОН Албанија, објаснува дека економската криза предизвикана од војната во Украина и претходните кризи предизвикани од пандемијата КОВИД-19 го пренасочиле вниманието на владата во овие итни проблеми. „Преку овој проект воспоставивме ефективни локални и национални партнерства и вниманието го посветивме на потребите и предизвиците на ранливите заедници и повратниците,“ вели таа.

Синот на Блерта сега има 17 години и му е многу подобро. Добива редовна физиотерапија дома и во локалниот центар, поддржан преку проектот на Програмата за развој на ОН со финансирање од ЕУ и Фондот за одржлив развој. Има пристап до подобра здравствена грижа и е опкружен од своето семејство кое го сака и внимава на неговиот развој. Ќерката на Блерта, Леје, која сега е тинејџерка, се интересира за јазици, добила неколку медали и обожава да се дружи со својот брат. Семејството сè уште се соочува со борба за наоѓање живеалиште; барајќи дом, со основни услови за живот, кој ќе можат да си го дозволат. Блерта вели: „Најголемиот сон е да имам дом за моите две деца, за тогаш и кога нема да бидам со нив, да бидат организирани и да имаат достоинствен живот.“

За проектот

Проектот „Зајакнување на националните и локални системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“ е дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) II – Акциска програма во неколку држави, доверена на Програмата за развој на ОН, Светската банка и Советот на Европа; за поддршка на основните права на Ромите и останатите ранливи повратници во Албанија, Северна Македонија и Србија. Проектот има за цел реинтеграција на значаен број повратници од ЕУ во текот на последните години, затоа што државите во Западен Балкан беа прогласени како „безбедни земји на потекло“. Проектот има тесна соработка со локалните институции одговорни за обезбедување услуги за реинтеграција на повратниците, со фокус на оние од ромското и египетското етничко малцинство; како и со локални чинители од граѓанското општество и локалната бизнис заедница. Заедницата повратници се смета како корисник и партнер во текот на имплементацијата, имајќи за цел создавање сопственост на активностите од страна на самите повратници.

Photo credits: UNDP

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.