Заштита на правата на луѓето во движење | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Заштита на правата на луѓето во движење

Со поддршка на ЕУ, црногорска невладина организација ги поддржува мигрантите со бесплатни правни услуги.

SCROLL DOWN

Ирфан* има 30 години и потекнува од Мароко, но за својата татковина вели: „Човековите права не се почитуваа, немаше работа: економијата беше слаба. Сè беше лошо!“. Пребегнал од Мароко во 2011 година; најпрво во Турција, со обичен лет. Набрзо, морал да ја напушти државата и притоа за првпат стапил во контакт со криумчари. Го префрлиле во Грција, а потоа во Албанија, сè додека, на крај, не пристигнал во Црна Гора. „Мојот живот беше во рацете на криумчарите. Можеа да направат што сакаат со мене; немав право на збор. Пристигнав во Црна Гора и се обидов да избегам, но немав сила да продолжам,“ додава Ирфан.

Ирфан живее во Црна Гора преку 10 години. Набрзо, по пристигнувањето, нашол работа во хотел каде што се вљубил во Црногорката Јована*. Сега се во брак и имаат две прекрасни деца. Во меѓувреме, Ирфан го научил и црногорскиот јазик и, на многу начини, се почувствувал целосно интегриран во општеството на неговиот нов дом. Меѓутоа, ова не било случајот од правна перспектива. Имал право да се пријави за црногорско државјанство, но, поради правни компликации; а и поради фактот дека одредени закони се контрадикторни, сè уште не може да го ужива правото. За да го реши проблемот, тропнал на вратата на црногорската невладина организација, „Правен центар“, која овозможува правна помош за странци кои бараат азил во Црна Гора преку проект, финансиран од ЕУ, наречен „Мој адвокат – бесплатна и професионална правна помош за мигранти“, во соработка со „Caritas“. Сега, ја добива нивната правна помош за својот проблем.

„Поради малиот број на мигранти кои сакаат да останат во Црна Гора, владата нема политика за нивна интеграција во насока на образование и вработување.“

Лука Ковачевиќ, директор на невладината организација „Правен центар“

Бесплатна правна помош за тие кои имаат потреба

Лука Ковачевиќ е директор на невладината организација „Правен центар“, основана во 2007 година, со цел поддршка на луѓе во движење и воени бегалци во поранешна Југославија. На времето, Црна Гора не поседуваше дури ни основна правна инфраструктура поврзана со барателите на азил; како ни владин план за обезбедување поддршка за барателите на азил или раселените лица. Лука и неговиот тим, првично започнале со работа за поддршка на владата при надминување на овие пречки и владата ја вовела правната инфраструктура која се применува оттогаш.

Но, во меѓувреме, мигранти од други страни на светот започнале да пристигнуваат во Црна Гора и имале потреба од поддршка. Според статистиките на невладината организација „Правен центар“, преку 95 % од бегалците во земјата ја користат Црна Гора како пат за транзитирање, а само мал број од нив одлучуваат да останат; бидејќи повеќето од нив се насочени кон земјите со поголеми економски перспективи. Меѓутоа, тие што остануваат имаат потреба од поддршка. Лука објаснува дека владата нема многу да им понуди. „Поради малиот број на мигранти кои сакаат да останат во Црна Гора, владата нема политика за нивна интеграција во насока на образование и вработување,“ вели тој.

Обезбедување поддршка за овие мигранти и други кои гледаат на Црна Гора како пат за транзитирање е причината поради која невладината организација на Лука го отпочна проектот „Мој адвокат – бесплатна и професионална правна помош за мигранти“, во соработка со „Caritas“.

„Направивме преку 146 теренски посети: бевме во сите црногорски општини; посетувајќи ги и поддржувајќи ги мигрантите во формални и неформални собирања. Мигрантите коишто ги поддржавме минатата година беа од Авганистан, Алжир, Иран, Мароко и подалеку.“

Лука Ковачевиќ, директор на невладината организација „Правен центар“

Преку овој проект, 677 корисници добија поддршка; од нередовни мигранти и луѓе кои бараат меѓународна заштита во Црна Гора, до повратници кои се враќаат врз основа на договор за повторен прием. Покрај правната помош, на мигрантите им беа доделени и 350 пакети со хуманитарна помош. „Направивме преку 146 теренски посети: бевме во сите црногорски општини; посетувајќи ги и поддржувајќи ги мигрантите во формални и неформални собирања. Мигрантите коишто ги поддржавме минатата година беа од Авганистан, Алжир, Иран, Мароко и подалеку,“ вели Лука.

За проектот

Проектот „Мој адвокат – бесплатна и професионална правна помош за мигранти“, финансиран од ЕУ, беше започнат на почетокот од 2020 година, а заврши во јули 2021 година. Целосната финансиска вредност на проектот беше преку 130000 евра. Проектот цели кон почитување на правата на различни категории мигранти преку обезбедување правна помош, информирање и советување, хуманитарна помош и психосоцијална помош; како и работа за зајакнување на капацитетите на локалните организации на граѓанското општество и релевантни институции за креирање политики во врска со миграцискиот менаџмент, интеграција на странци со статус на меѓународна заштита и реинтеграција на повратници.

*Имињата се променети за да се заштити приватноста

Photo credits: NGO Legal Centre

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.