По стапките на загрозениот балкански рис | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

По стапките на загрозениот балкански рис

Тим македонски новинари освоија престижна европска награда за нивното истражување за ризиците со кои се соочува загрозениот рис.

SCROLL DOWN

Балканскиот рис е вид дива мачка која спаѓа во категоријата критично загрозени видови. Се претпоставува дека преостануваат само околу 45 риса во регионот. Сепак, незаконското ловокрадство, деградацијата на пејзажот и градежните активности претставуваат сериозни закани за најголемата мачка во регионот.

Балканскиот рис може да се најде во Северна Македонија, Албанија и Косово. Иако ловот или наштетувањето на балканскиот рис се строго забранети со закон во трите држави, истражување покажа дека ситуацијата е сосема различна на терен. Новинарски тим од македонското радио МОФ заклучи дека животното е, всушност, недоволно заштитено и во сериозна опасност од истребување.

Нивното истражување траеше неколку месеци и резултираше со статија насловена „По стапките на балканскиот рис – истражувачка сторија во два дела“. Сторијата претставува мрачна слика за ситуацијата на рисот кој е во постојан ризик од незаконски лов. Истражувачкиот тим откри препарирани рисови на ѕидови во ресторани сместени во близина на живеалиштето на рисот, рисови чувани во кафези како атракција и сомнежи за полициски авторитети инволвирани во ловокрадство. Дополнително, истражувањето покажа дека покрај ловокрадството, балканскиот рис е во опасност и поради незаконските депонии и градежните активности; како, на пример, изградбата на патишта и хидроцентрали во и околу природните или национални паркови.

„Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети.“

Јасмина Јакимова, новинарка

Признание за напорот

Новинарскиот тим кој ја спроведе и објави истражувачката сторија беше сочинет од Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски, Емилија Петреска и Јасмина Јакимова. Јасмина објаснува дека нивната инспирација дошла од желбата да раскажат приказна на ретко објавувана тема, а и да истражат дали законите кои ја засегаат заштитата на природата и дивиот свет се соодветно имплементирани. „Во нашиот регион имаме одлични закони на хартија, но, често, овие закони не се соодветно применети,“ вели таа.

Сторијата доживеа голем успех во насока на повратни реакции од страна на читателите и ја освои, исто така, Европската награда за истражувачко новинарство за Северна Македонија во 2021 година. Наградата беше доделена преку проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, а жирито ја опиша статијата како резултат на исклучително истражување.

На церемонијата за доделување на наградата, Емилија Петреска од Радио МОФ изјави: „Разочарувачки е што дури и после цела година откако ја објавивме сторијата, институциите сè уште не реагирале на сознанијата… Каква иднина имаме на ум ако продолжиме со уништување на еко-системите, животната средина на балканскиот рис и природното богатство кое го имаме; уништувајќи се, на тој начин, себеси?“

„Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен“

Јасмина Јакимова, новинарка

Јасмина објаснува дека поради фактот што доаѓаат од мала медиумска организација, тимот бил изненаден поради освојувањето на првата награда. „Наградата беше особено важна за нас; не заради парите, туку заради признанието: одлично е чувството кога напорот е признаен,“ вели таа.

Наградите за европско истражувачко новинарство имаат за цел славење и промоција на исклучителните постигнувања на истражувачките новинари од државите од Западен Балкан и Турција; како и подобрување на видливоста на квалитетното истражувачко новинарство ширум публиката во овие држави.

За проектот

Целта на проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во Западен Балкан и Турција“, финансиран од ЕУ, е зголемување на довербата на граѓаните во медиумите и создавање безбедна средина за новинарите за создавање независни новинарски содржини; преку обука, менторство, техничка и финансиска помош и објавување. Проектот тече од 2019 година во државите членки на ЕУ, како и во потенцијалните држави за членство: Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Србија и Турција.

Photo credits : Radio MOF

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.