Авантури во природата на Западен Балкан со Нол и неговата компанија | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Авантури во природата на Западен Балкан со Нол и неговата компанија

Млад косовски претприемач ја развива својата компанија за рурален туризам со поддршка на ЕУ.

SCROLL DOWN

Нол Красниќи е член на косовскиот тим за качување по карпи, активист за животна средина и планинарски водич. Живее во Пеќ, Косово; град опкружен од планинскиот масив Проклетие – еден од највеличествените планински венци во Западен Балкан. Само со еден поглед врз варовничките гребени може да се сфати зошто овие планини се вистинска атракција за многумина туристи. Уште од својата осумнаесет годишна возраст, Нол работи како самостоен планинарски водич, а во 2014 година одлучил својата пасија да ја трансформира во постојан бизнис; заедно со својот деловен партнер Виртит.

 

Подобра понуда

Нол објаснува дека започнале да размислуваат за бизнисот за планински туризам кога бројот на посетители на градот и околните планини почнал да расте и првите туристички оператори се појавиле на пазарот. „Се нудеа многу малку опции за тури. Сметавме дека можеме да понудиме нешто подобро, па, така, ја создадовме компанијата“, вели тој. Шест години подоцна, „Balkan Natural Adventure“ е важен конкурент во секторот на планински туризам, не само во Косово, туку и во соседните Албанија и Црна Гора.

„Поддршката од Европската Унија беше важен чекор за одржливоста на нашата компанија“

Нол Красниќи

Нова пазарна стратегија

Компанијата веќе пречекала преку 700 туристички групи. Но, покрај успехот, биле соочени и со тешкотии и предизвици. Уште од самиот почеток, туристичкиот транспорт бил сериозен проблем поради цената и сигурноста на услугата. На почетокот, склучувале поддоговори со мини автобуси и такси возила во зависност од бројот на посетители во групата. Но, тоа било само краткотрајно решение.

„Структурата на нашите групи е, од прилика, осум лица. Пазарот не нудеше најдобри решенија за групите од овој размер: честопати моравме да изнајмуваме мини автобуси со 20 седишта или два автомобила. Финансиски не беше изводливо“, вели Нол. Дополнително, компаниите за изнајмување автомобиле не беа секогаш сигурни, а тоа беше дополнителен предизвик. „Се концентриравме на планински туризам и забележавме дека културните тури стануваа сè побројни – неопходно беше да внесеме разновидност во нашата понуда.“

Пред три години, деловниот партнер на Нол, Виртит, забележал, на социјалните медиуми, отворен повик од ЕУ за поддршка на компании; вклучително и оние кои работат во доменот на туризам. Земајќи предвид дека во „Balkan Natural Adventure“ имале потреба од помош, одлучиле да се пријават. Побарале помош за меѓународно рекламирање, истражување за развој на културни тури и купување на комбе со осум патнички седишта за да ги решат тешкотиите со транспортот. Нивниот предлог бил одобрен и Европската Унија им понудила кофинансирање за сите нивни потреби. „Поддршката од Европската Унија беше важен чекор за одржливоста на нашата компанија. Не само што ја зголемивме сигурноста и волуменот на нашите услуги, туку вработивме и повеќе луѓе. Денес, располагаме со тројца постојано вработени во отсекот на продажба и администрација, а имаме и 15 вработени со скратено работно време кои работат како водичи и возачи“, вели Нол.

Сегашниот тим, Нол го опишува како професионален и објаснува дека се состои од водичи од Албанија и Црна Гора. „На почетокот, тешко беше да најдеме посветени водичи. Но, откако поставивме неколку добри примери за тоа дека како водич во четири месеци можете да заработите колку за цела година; ситуацијата почна да се менува.“

Да не беше пандемијата КОВИД-19, „Balkan Natural Adventure“ годинава ќе пречекаше 500 туристички групи. Тоа ќе беше важен раст. Но, и покрај пандемијата, Нол и неговиот партнер предвидуваат светла иднина за нивната компанија: во текот на следните десет години, очекуваат да додадат 40 водичи и возачи со скратено работно време, како и дополнително да го зголемат постојаниот персонал до бројка од десет вработени.

„Сè повеќе и повеќе луѓе гледаат иднина во одржливиот туризам“

Нол Красниќи

„По рекламната кампања, во 2020 имавме повеќе резервации отколку во сите три изминати години заедно. КОВИД го направи своето, но, за среќа, повеќето од клиентите само ги одложија резервациите без откажување, па, така, нашата инвестиција не беше изгубена“, потенцира Нол.

Но, сè уште претстојат предизвици. Едни од најголемите се нелегалното градење во планините, хидроцентралите и загадувањето на воздухот. Меѓутоа, Нол останува оптимист. „Сè повеќе и повеќе луѓе гледаат иднина во одржливиот туризам“, вели тој.

Photo credits: Balkan Natural Adventure

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.