Кампот за сплаварење „Encijan“ е сместен во Кањонот Тара кој ја поврзува Босна и Херцеговина со Црна Гора. Кањонот се смета за еден од најубавите во Западен Балкан, а кампот, пак, е еден од најспецифичните во кањонот.
Со сместување во дрвени куќарки, традиционална кујна, тераса над реката и воодушевувачка природа, кампот е, преку 15 години, омилена дестинација за љубителите на сплаварење и одмор во природа.
Од хоби до сериозно деловно претпријатие
Милан Шупиќ, од околниот град Фоча, е сопственик на кампот. Уште пред 20 години, сплаварењето било негово омилено хоби, но, потоа, одлучил да го претвори во бизнис. Одлуката целосно го променила неговиот живот, а создала, исто така, и нов извор на примања за бројни граѓани во неговиот роден град. „На почетокот, бизнисот не тргна најдобро. Но, во следните четири-пет години, кампот стана сериозно деловно претпријатие. Кога правиш нешто што сакаш, успехот е неизбежен,“ вели Милан.
Милан објаснува дека кога одлучил да го основа својот бизнис, немало ништо на местото. Денес, Кањонот Тара е позната дестинација за љубителите на сплаварење во Западен Балкан. Оттогаш, се создале дваесет и пет нови кампови околу кањонот. Во секоја од изминатите две години, кањонот го посетиле приближно 50 000 туристи.
Регионот нуди, исто така, авантуристички туристички активности, вклучувајќи кањонинг и планинарење низ природните убавини на Сатеска и националниот парк Дурмитор. Милан објаснува дека посетителите најчесто остануваат пет дена за да уживаат во целосниот пакет. Ги поминуваат ноќите со традиционална храна, пијалаци и логорски оган, а преку ден одат на сплаварење или уживаат во друг вид на авантуристички туризам.
Но, како и повеќето претпријатија кои започнуваат со работа во Западен Балкан, бизнисот на Милан донел свои предизвици. Милан се сеќава како, пред 20 години, немало соодветен пат кој водел до кањонот. Единствениот пат да се стигне дотаму водел преку густа шума или, пак, друга опција било да се патува со брод. „Кога одлучив да го изградам кампот, морав сите материјали најпрво да ги транспортирам од другата страна на границата со Црна Гора, па, оттаму, со брод, да ги префрлам до точната локација на кампот,“ вели тој.
Денес, асфалтираниот пат овозможува да се стигне до кањонот со кола или минибус, но зголемениот број на посетители барал да се направат подобрувања во поглед на безбедност на посетителите и информациските услуги.
Поддршка на ЕУ за побезбедно и побогато туристичко искуство
За да се остварат овие предизвици, поддршката од проектот Т.А.Р.А. (T.A.R.A. – Tourism, Adrenaline and Rafting Adventure), финансиран од ЕУ, дошла точно на време според Милан. Тој објаснува дека по изградбата на новиот пат, бројот на посетители кои патуваат со сопствено возило се зголемил. Патот не бил означен, па некои од нив се губеле или пристигнувале со задоцнување. Благодарение на проектот, патот е сега соодветно означен; со клупи и панорамни точки ширум патот.
Останати инфраструктурни подобрувања се во тек. Плановите вклучуваат изградба на платформи за сплавови на точките за пристигнување и некои пониски точки, како и пловечка платформа на езерото Пива, опсервациски платформи за набљудување на природата и патеки за качување по карпи. Проектот придонесува, истовремено, и за подобрување на безбедносните протоколи за посетителите; и тоа со зголемена координација на услугите за спасување на двете страни од границата, развивање на заеднички безбедносни процедури со заеднички вежби за итен случај и вежби за спасување, како и набавување на опрема за спасување.
Проектот Т.А.Р.А. е финансиран како дел од програмата за прекугранична соработка „BiH-MNE 2014-2020“. Водечки партнер е општината Плужине од Црна Гора, а останати партнери се природниот парк Пива, општината Фоча и туристичката организација на општината Фоча од Босна и Херцеговина.
Photo credits: Encijan
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!