Кога младите од Пеќ, во западно Косово, беа исправени пред предизвикот да започнат нови настани со цел културно ангажирање на повеќе граѓани; импровизираа со тоа што го имаа на располагање: стара кино сала, познати уметници и волонтерство. Навистина, иницијативата водена од невладината организација „Anibar“ се фокусира на музички жанр кој своите основи ги наоѓа во импровизацијата – џез. За да додадат уште малку неизвесност во иницијативата, серијата џез концерти била планирана да започне при крајот на 2020 година, во екот на пандемијата КОВИД-19. Но, и покрај сите пречки, се роди најновата културна активност во градот; „Peja Jazz“.
Главниот „виновник“ за настанот „Peja Jazz“ е Дардан Селимај, куратор на бројни културни настани во Косово во текот на минатите дваесет години. За него, тешко беше да се одбие идејата за џез во Пеќ. „Отсекогаш велев дека би се вратил во Пеќ единствено преку културни настани,“ вели Дардан за градот од кој доаѓа неговото семејство и каде ваквите настани се реткост. „Во малите градови, во кои поголемиот дел од годината нема настани, младите заслужуваат да имаат музички концерти кои ќе ги инспирираат да станат некој – музичари или дел од група; и на тој начин да ги премостат границите,“ вели Дардан. Во минатото, сличен пат избрале бројни музичари кои пораснале во Пеќ. Тие служеле како инспирација за Дардан да ја прифати улогата на куратор за настан како „Peja Jazz“.
Покрај инспиративната идеја, неизбежно било дека ќе има пречки; особено во година во која започна пандемијата. Концертите завршуваа во раните вечерни часови, а бројот на публика беше лимитиран поради здравствените рестрикции. Меѓутоа, овој контекст имал и свои позитивни аспекти.
„Со оглед на тоа што 2020 година беше година во која уметниците ги паузираа своите изведби; за културната сцена сè беше ставено на пауза; па, така, тие станаа покреативни и креираа нови дела,“ вели Дардан, со возбуда во гласот од можноста да ги истражи музичките богатства создадени за време на месеците поминати во карантин.
„Бевме домаќин на четири концерти на кои, премиерно, се прикажаа нови албуми: сите во рамки на првото издание,“ велејќи, со убеденост, дека таков успех би било тешко да се повтори. Но, тоа што се повторило, следната година, во второто издание, била посветеноста кон квалитетни концерти. Овојпат, „Peja Jazz“ ги надминал границите на Косово, бидејќи регионалните и европски изведувачи можеле повторно да патуваат.
Инвестирање во организации, а не во индивидуи, за здрави културни настани
Започнувањето музички настан влијае на културниот живот на мал град, како Пеќ, на многу начини. Најпрво, организирањето на „Peja Jazz“ во единственото кино во градот помогна за зачувување на оваа легендарна зграда од потенцијални интервенции. Следно, настанот го отвори градот за други можности; како, на пример, туризам и културни размени. Што е најважно, настанот е можност за трансформација на младите генерации; правејќи ги посвесни за нивниот потенцијал преку изложување кон познати уметници.
„Фактот дека „Peja Jazz“ е организиран под покровителство на „Anibar“, ќе биде во полза за неговата одржливост; како од организациски поглед, така и за инспирација на надежни идни изведувачи,“ вели Дардан кој е среќен што може да го пренесе своето знаење за менаџмент на волонтерите во музичките настани. Како пример го зема успехот кој „Anibar“ го покажа во доменот на анимација во кој младите направиле значаен напредок; од учење на основите, па сè до проектирање на нивните анимации на годинешниот фестивал. „Anibar“ го збогатува своето искуство во воведување нови културни активности во градови како Пеќ и склучи партнерства со други организации низ Косово, и пошироко, за подобрување на моменталната состојба на местата за култура. Со финансии од ЕУ, нивната цел е да бидат подобро подготвени, во улога на културни чинители, во менаџирањето на јавната инфраструктура, како и зголемување на соработката со локалните влади за одржлива употреба на јавната инфраструктура, политики и финансии.
За проектот
Граѓанско-јавното партнерство за иновативно управување со јавната инфраструктура во Пеќ, Призрен и Митровица е проект кој има за цел подобрување на сегашната состојба на местата на култура, како и креирање на нови ширум Косово. Меѓу другото, проектот служи како значајна интервенција во демократизацијата на културните и урбани политики во Косово, овозможувајќи, исто така и поголема граѓанска партиципација во јавниот живот.
Photo credits: Peja Jazz
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!