Претставување на уникатниот кајмак „Гацко“ пред светот | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Претставување на уникатниот кајмак „Гацко“ пред светот

Проект, финансиран од ЕУ, ѝ помага на невладина организација од БиХ со брендирање и промоција на традиционален кајмак со уникатен рецепт.

SCROLL DOWN

Гацко е мала општина со околу 8000 жители во југоисточна БиХ. Општината е, главно, позната по рудникот за јаглен и термоелектраната кои се најголемите работодавци во околината. Меѓутоа, Гацко поседува уникатен и карактеристичен начин на подготвување кајмак – вид на крем-сирење кое се произведува и консумира ширум Западен Балкан.

Традиционалниот начин на подготвување кајмак е преку бавно варење пресно кравјо млеко кое потоа се остава два часа да крчка на тивок оган. Откако ќе се тргне од огнот, кајмакот се собира и се остава да лади и ферментира неколку часа или денови. За разлика од овој традиционален начин на подготовка, во рецептот од Гацко, кајмакот се остава да зрее неколку месеци во обвивки од овча или козја кожа. Оттука, кајмакот „Гацко“ ја променува бојата и се претвора од бел во жолтеникав, со цврста, но не тврда конзистенција, соленикав вкус и карактеристична арома која ја добива за време на зреењето. Кога кајмакот се отстранува од обвивката, станува сув и ронлив.

„Нашиот кајмак е уникатен и вреден производ и затоа сакаме да го заштитиме и промовираме.“

Драгана Миловиќ, претседателка на Здружението произведувачи на кајмак „Гацко“

Но, не многумина имале можност да уживаат во овој уникатен вкус, бидејќи кајмакот „Гацко“ главно се продава во маркетите и рестораните во регионот Гацко. Со таа цел, Здружението произведувачи на кајмак „Гацко“ отпочнале иницијатива за претставување на кајмакот „Гацко“ пред светот. Драгана Миловиќ е претседателка на здружението основано во 2021 година. На почетокот, здружението броело девет члена, а сега има 24; главно жени од руралните средини. Млечното производство, вклучително и кајмакот, е главниот приход за 90 % од нив.

Според Драгана, целта на здружението е да го брендираат производот за да биде препознатлив на локално и регионално ниво. За да го постигнат тоа, морале да исполнат посебни процедури. Првата е воспоставување систем за производствено следење кој ќе го осигура брендирањето на производот од страна на компетентни институции. Здружението верува дека брендирањето на кајмакот ќе доведе до поголема препознатливост која ќе резултира со поголема побарувачка и подобра цена. Аспирацијата на членовите на здружението е да ја подобрат својата материјална состојба преку производство на кајмак; особено во руралните подрачја. Затоа, производството мора да биде стандардизирано; зачувувајќи ги, истовремено, традицијата и препознатливиот вкус на кајмакот во регионот. „Нашиот кајмак е уникатен и вреден производ и затоа сакаме да го заштитиме и промовираме,“ вели Драгана.

„Поддршката која ја добивме од ЕУ и Програмата за развој на ОН преку проектот „ReLOaD2“ беше особено значајна, бидејќи ни овозможи да се доближиме до нашата цел за брендирање и промовирање на кајмакот „Гацко“ до поголем број луѓе.“

Драгана Миловиќ, претседателка на Здружението произведувачи на кајмак „Гацко“

Неодамна, здружението доби поддршка за иницијативата од проект финансиран од ЕУ. Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 („ReLOaD2“) е имплементирана во 63 локални влади ширум Западен Балкан, а општината Гацко е една од тринаесетте локални партнерски владини единици вклучени во БиХ, финансирани од ЕУ, а имплементирани од Програмата за развој на ОН.

Поддршката од проектот вклучува обука за хигиена и квалитет на млеко, соодветно хранење на живината и водење евиденција за количините добиточна храна и млеко. Исто така, учесниците добија и обука за методите на поставување систем за следење на производството „Гацко“ кајмак и за барањата за брендирање. Дополнително, проектот го снабди здружението со опрема за преработка на млеко и тестирање кои се неопходни за контрола на квалитетот.

Имплементацијата на овој проект е првиот чекор кон брендирање на кајмакот „Гацко“. Се работи за важно прашање за локалната заедница и за регионот, затоа што земјоделството е главниот извор на приходи во регионот Гацко. „Поддршката која ја добивме од ЕУ и Програмата за развој на ОН преку проектот „ReLOaD2“ беше особено значајна, бидејќи ни овозможи да се доближиме до нашата цел за брендирање и промовирање на кајмакот „Гацко“ до поголем број луѓе,“ вели Драгана Миловиќ.

За проектот

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2) е продолжение на иницијативите, поддржани од ЕУ – Проект за зајакнување на локалната демократија (LOD, 2009-2016) и проширената Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD, 2017-2020). Севкупната цел на проектот е зајакнување на партиципативните демократии и интеграција на ЕУ во Западен Балкан преку зајакнување на граѓанското општество и охрабрување на младите да земат активно учество во процесите на носење одлуки, како и преку подобрување на поддржувачка правна и финансиска средина за граѓанското општество.

Photo credits: ReLOaD2

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.