Иницијативата „ЕУ за училиштата“ ја враќа надежта во Албанија | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Иницијативата „ЕУ за училиштата“ ја враќа надежта во Албанија

Програма, финансирана од ЕУ, помага да се возобноват училиштата оштетени во земјотресот од 2019 година.

SCROLL DOWN

Утрото на 26. ноември, 2019 година, Албанија се разбуди во страв поради земјотресот со јачина од 6,4 според Рихтеровата скала. 51 лице го изгуби животот, а над илјада последователни потреси дополнително ги оштетија домовите, образовните институции, како и државните и приватните згради. Земјотресот ги парализира градовите, а заедниците останаа безнадежни. Ситуацијата сериозно се одрази на образовните установи на начин што илјадници деца беа трауматизирани и несигурни за своето понатамошно образование.

Но, се појави зрак надеж. На 17. февруари, 2020 година, ЕУ ја организираше меѓународната донаторска конференција „Заедно за Албанија“ во Брисел, имајќи за цел да го поддржи возобновувањето по земјотресот. ЕУ, Владата на Албанија, ОН и Светската банка спроведоа пост-земјотресна проценка на потребите која послужи како водечка алатка за конференцијата и како основа за напорите за возобнова и поправки. Европската комисија оддели 115 милиони евра од буџетот на ЕУ за итна реконструкција и поправка на клучните згради.

„Побарувачката за поддршка беше висока, бидејќи училиштата и градинките беа уништени; оставајќи ги учениците и децата без соодветни образовни капацитети. Некои од овие образовни институции веќе беа во лоша состојба, а земјотресот само ја влоши ситуацијата.“

Нора Кушти, специјалист за комуникации, Програма за развој на ОН во Албанија

Иницијативата „ЕУ за училиштата“ (#EU4Schools), вредна 75 милиони евра, започна набргу потоа; носејќи им надеж на учениците и наставниците во единаесетте најпогодени општини. Нора Кушти е специјалист за комуникации при Програмата за развој на ОН во Албанија и раскажува: „Побарувачката за поддршка беше висока, бидејќи училиштата и градинките беа уништени; оставајќи ги учениците и децата без соодветни образовни капацитети. Некои од овие образовни институции веќе беа во лоша состојба, а земјотресот само ја влоши ситуацијата.“

Во текот на процесот на реконструкција, Програмата за развој на ОН комбинираше два клучни принципа: „Возобнови подобро“ (#BuildBackBetter) и „Возобнови заедно“ (#BuildBackTogether). „Возобнови подобро“ подразбира создавање поцврсти структури кои се отпорни на земјотреси и природни катастрофи и ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди за квалитет и безбедност. Сите 63 образовни институции, кои пречекуваат 24000 ученици и наставници, ќе бидат достапни за ученици со инвалидитет и ќе имаат посебни простории за медицинска грижа и психолошка поддршка.

Во меѓувреме, „Возобнови заедно“ понуди уникатна можност за ангажирање на корисниците при реконструкцијата на нивните образовни институции со цел новиот дизајн да ги задоволи нивните потреби. Имаше 58 консултациски состаноци и други 16 настани организирани досега кои обединија околу 1900 ученици, родители, претставници на локалните власти и локални институции со цел промовирање на сопственоста и стабилноста на инвестицијата.

„Новите училишта се фантастични и можат да се пофалат со ултрамодерни капацитети; вклучително спортски сали, најсовремени библиотеки, модерни лаборатории, енергетски ефикасни системи за греење и ладење и целосен пристап за деца со инвалидитет; вклучително и лифтови и излези за итен случај: овие училишта се навистина по врвни стандарди.“

Нора Кушти, специјалист за комуникации, Програма за развој на ОН во Албанија

Досега, 38 училишта се целосно завршени, па околу 10000 ученици учат во модерни капацитети како нивните врсници во која и да било друга држава во ЕУ. „Новите училишта се фантастични и можат да се пофалат со ултрамодерни капацитети; вклучително спортски сали, најсовремени библиотеки, модерни лаборатории, енергетски ефикасни системи за греење и ладење и целосен пристап за деца со инвалидитет; вклучително и лифтови и излези за итен случај: овие училишта се навистина по врвни стандарди,“ вели Нора.

Порталот за транспарентност е уникатен аспект на овој проект кој нуди ажурирање во реално време за напредокот на реконструкциите и ја зајакнува посветеноста на иницијативата „ЕУ за училиштата“ за отворени податоци и транспарентност. Порталот обезбедува отворен и сеопфатен пристап до процесот на реконструкција, поттикнувајќи ја довербата помеѓу корисниците и јавноста.

Проектот ја спроведе и кампањата „Го сакам моето училиште“. Преку оваа кампања, децата се собираат за да дискутираат на теми поврзани со нивните училишта; вклучително и родова еднаквост, заштита на животната средина, климатска акција и пристапниот пат на Албанија кон ЕУ. Јасно е дека проектот донесе чувство на надеж во заедницата, а новите и шарени училишта овозможуваат видлива инвестиција во образованието. Како што Нора вели, ова е „долгорочна инвестиција во општествен и човечки капитал, од страна на ЕУ, која ќе вроди со огромни придобивки.“

За проектот

„ЕУ за училиштата“ е програма, финансирана од ЕУ како одговор на земјотресот од 26. ноември 2019 година. Програмата е имплементирана од Програмата за развој на ОН, во соработка со Владата на Албанија. Целта на програмата е да ги поддржи граѓаните во единаесетте погодени општини: Драч, Камза, Каваја, Круја, Курбин, Лежа, Мирдита, Рогожина, Шијак, Тирана и Вора. Програмата е дел од финансиската посветеност на ЕУ за време на Меѓународната конференција на донатори, организирана во Брисел на 17. февруари 2020 година. Севкупната цел на оваа иницијатива е обезбедување дополнителна поддршка за локалните и државни владини органи за намалување на општествените и економски загуби и за забрзување на процесот на закрепнување преку реконструкција и поправки на образовните капацитети.

Photo credits: EU4 Schools

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.