Зближување на локалните и ЕУ перспективи | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Зближување на локалните и ЕУ перспективи

04 Дек 2020

Амела завршила средно медицинско училиште. Бидејќи била одлична ученичка, имала можност да студира медицина и да стане докторка. Но, по завршувањето на средно училиште, нејзините планови за иднината добиле сосема друга насока. „Сфатив дека ако продолжам на медицински факултет, тоа би значело шест години напорна работа и студии. Бев млада и ми беше потребно поголемо животно искуство, па одлучив да направам едногодишна пауза“, вели таа.

Првичниот план за едногодишна пауза продолжил дополнителни пет години. Започнала да работи во пекарницата на својот брат, потоа се преселила во САД, работела како фотографка, повторно се вратила во Европа и работела како гувернанта во Швајцарија, а и како наставничка по англиски јазик во Германија. Амелија вели дека навистина ги цени сите овие искуства затоа што ја прошириле нејзината културна перспектива и ѝ помогнале да научи многу за животот. Исто така, уживала да работи во меѓународна средина.

„Искуствата во странство ми покажаа дека имам талент за поврзување со луѓе, а, како резултат, можев и самоуверено да зборувам странски јазици“

Амела Брчаниновиќ

Враќање дома

Штом се вратила во Босна и Херцеговина го завршила медицинскиот стаж, но, со сето меѓународно искуство, не била веќе сигурна дека сака да работи како медицинска сестра или да студира медицина. Поради разноликите искуства за време на паузата, нејзините професионални аспирации зазеле сосема различна насока. „Шестгодишното искуство во странство ми покажа дека имам талент за поврзување со луѓе, а, како резултат, можев и самоуверено да зборувам странски јазици. Оттука, одлучив да студирам меѓународни односи на универзитетот во Сараево“, вели Амела.

Благодарение на меѓународното искуство, Амела знаела дека на европските универзитети нивото на образование е подобро од тоа во Босна и Херцеговина. Па, кога дошла до можност за завршување на дел од своите студии во некоја од државите на ЕУ, преку програмата ЕРАЗМУС+, воопшто не се двоумела за пријавување. Добила можност да студира еден семестар во Франција и друг семестар во Литванија, преку програмата за студентска размена на Еразмус.

Повторно заминување во странство

Своето Еразмус искуство Амела го опишува како „одлично“. Во поглед на квалитетот, најмногу била импресионирана од пристапот до библиотеки и дигитални ресурси; со бројни извори и далеку побогати содржини од тие на коишто била навикната. „Тоа е нешто што навистина недостасува во Босна и Херцеговина“, вели таа.

Отворените професионални врски помеѓу студентите и професорите дополнително ја импресионирале. Амела објаснува дека во Босна и Херцеговина, особено на државните универзитети, постои строга хиерархија помеѓу студентите и професорите. „Тука, мислењето на студентите не се зема предвид, но на универзитетите во Литванија и Франција моето мислење беше земено предвид и ценето. Тоа е огромна придобивка“, вели таа.

„Јас сум од Босна, но, истовремено, се чувствувам европски. Благодарение на моето професионално и животно искуство, можам да ги земам предвид двете перспективи“

Амела Брчаниновиќ

Откако ги видела придобивките од искуството со програмата Еразмус, по дипломирањето, Амела аплицирала за магистерски студии преку истата програма. Во моментот, привршува партнерска магистратура Еразмус Мундус во Лајпциг и Виена. „Јас сум од Босна, но, истовремено, се чувствувам европски. Благодарение на моето професионално и животно искуство, можам да ги земам предвид двете перспективи, што може да биде навистина корисно“, вели Амела.

Нејзиниот план, по дипломирањето, е да работи во некоја од институциите на ЕУ. Амелија верува дека во европската интеграција на Босна и Херцеговина постојат алки кои недостасуваат. Една од нив е локалната перспектива. Според неа, интеграцијата на владино ниво се одвива успешно, но истото не може да се каже и за локалното ниво. „Би ми било задоволство да придонесам за тоа. Од таа причина избрав и магистерска програма насловена „Глобални студии – европска перспектива“ преку којашто би можела да ги спојам глобалното и локалното“, вели таа.

 

Дознај повеќе

Photo credits: Amela Brćaninovič

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.