Спречување поплави со поддршка на природата | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Спречување поплави со поддршка на природата

Универзитет во Албанија развил проект за спречување поплави преку поставување биоразградливи трупци од природни влакна и насади на речните корита.

SCROLL DOWN

“Таа е од оние професори кои нè мотивираат да бидеме проникливи и длабински да ја истражуваме секоја тема“, вели еден од студентите на професорката Енкелејда Куцај, на универзитетот Полис во Тирана, во врска со нејзините предавања за животната средина.

Професорката Куцај својата инспирациска пасија ја пренесува и во нејзиното истражување. Како дел од своите докторски студии, развила важна студија за загадувањето на реките Лана и Тирана во Албанија. Овој труд направил да посака да истражува уште една поврзана и подеднакво важна тематика – заштитата од речни поплави, но морала да ја одложи работата за понатака. “Поради недостиг на време и ресурси, просто, не бев во можност да работам на оваа проблематика“, вели таа.

“Веќе 15 години ја проучувам вегетацијата и, за мене, еден од главните заклучоци е дека природата се обновува доколку нема човечка интервенција“

Енкелејда Кучај, професор

Отворање нова можност

Но, по некое време, ѝ се овозможила одлична прилика за да се занимава со овој предизвик. Државната агенција за територијално планирање на Албанија го поканила универзитетот Полис да презентира предлози за иновативни проекти поврзани со отпорност на поплави, суши и екстремни временски услови.

Поканата дошла како дел од проектот “BRIGAID“, финансиран од ЕУ, кој имал отворен повик за предлози. Тимот на професорката Куцај, од универзитетот Полис, претставил иновативно решение засновано на адаптација на еколошки техники кои спречуваат речни поплави.

Предлогот бил прифатен, а професор Куцај, заедно со својата екипа студенти и други колеги од универзитетот, започнала да работи на имплементацијата. Како пробно подрачје била избрана реката Ерзени.

“Верувам дека најзначајниот исход од овој проект е инволвирањето на студентите. Беа навистина активни и подготвени да истражуваат понатаму“

Ненси Лалај

Ненси Лалај од Државната агенција за територијално планирање е локалниот координатор на проектот. Таа објаснува дека успешните иновации за справување со климатски промени се особено предизвикувачки во Албанија, бидејќи луѓето не се запознаени со овие концепти. Токму затоа, неопходно е да се вклучат што е можно повеќе засегнати страни со цел истражувањето, академската заедница и корисниците да работат заедно.

Според Лалај, проектите како “BRIGAID“ ѝ овозможуваат на новата генерација да го трансформира своето знаење во пракса. “Верувам дека најзначајниот исход од овој проект е инволвирањето на студентите. Беа навистина активни и подготвени да истражуваат понатаму“, вели таа.

Проектот “BRIGAID“ е имплементиран од 24 партнери од различни држави; претежно универзитети, мали и средни претпријатија, и истражувачки институти. Конзорциумот е под водство на Технолошкиот универзитет во Делфт, Холандија; финансиран од програмата “Horizon 2020“ на ЕУ. Проектен партнер во Албанија е Државната агенција за територијално планирање.

Photo credits: Enkelejda Kuçaj, Nensi Alaj

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.