Забелешки на претседателката фон дер Лејен на отворањето на самитот Берлински процес
Забелешки на претседателката фон дер Лејен на отворањето на самитот Берлински процес
Ви благодарам многу, премиере, драг Еди,
Господин Бундесканзлер,
Драги пријатели,
Каква приказна штотуку видовме на екранот, каква приказна. И колку моќна порака e тоа што ова не е само десетти Берлински процес, туку и првпат во земја од Западен Балкан. Моќна порака во светот што го опиша, Еди, каде што сме сведоци на страшна војна што ја започна Русија против Украина. Украина се бори за својот суверенитет и територијален интегритет и за нашите вредности. Исто така, видовме и грозоморен терористички напад на Хамас во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, мажи, жени, деца, бебиња, само затоа што се Евреи. Живееме на планета што гори. Ние сме предизвикани од GenAI. Во овие времиња, ви требаат најдобри пријатели. И како што рековте вие, вие сте најдобриот пријател што можеме да го посакаме. Дозволете ни да работиме за да се приклучите на Европската унија која докажа дека е возможно заедно да имаме траен мир и одржлив просперитет.
И навистина, каква моќна порака упативме вчера, кога започнавме со регистрацијата на Тиранскиот колеџ на Европа. А тие млади студенти сега ќе учат европски прашања. Тие потекнуваат од Албанија, од целиот Западен Балкан, од Европската Унија. Каква моќна порака за следната генерација која ќе ја унапреди идејата за Европската унија.
Берлинскиот процес, како што рековте, започна во 2014 година. И вреди да се разгледаат трудовите од тоа време: „Целта да се постигне вистински напредок во реформскиот процес и регионалната економска соработка“. Затоа сме тука. И веќе поставивме добра основа со нашиот економски и инвестициски план од 30 милијарди евра. Се испорачуваат резултати. Половина од планот, 16 милијарди евра, всушност се веќе распоредени. Но, треба да се направи повеќе. И сакам да се фокусирам неколку минути на тоа.
Нашите економии, Западниот Балкан и Европскиот единствен пазар, сè уште се премногу оддалечени. Економиите од Западен Балкан се 35% од ЕУ просекот. Значи, ние навистина треба да го искористиме потенцијалот што е овде во Западен Балкан и да го доближиме до Европскиот единствен пазар. А токму ова е целта на Планот за раст. Знаеме дека, од искуството од проширувањето, силата на проширувањето секако лежи во вредностите што нè обединуваат со земјите кои, чекор по чекор, се приклучија на Европската унија. Но, втората сила е економскиот развој. Секогаш кога имаше проширување, не само што оние земји кои пристапија кон Европската унија имаа огромен поттик во нивниот економски развој бидејќи се приклучија на Единствениот пазар, туку и Европската унија се подобруваше затоа што Единствениот пазар стана поголем.
И ова е сега принципот на Планот за раст. Сакаме практично да ги отвориме вратите на Единствениот пазар, Европскиот единствен пазар, на компаниите од Западен Балкан во специфични области. И ние треба да го организираме ова сега. Ги отвораме вратите во области, во форма на слободно движење на стоки и услуги, патниот транспорт, енергијата, електричната енергија, Единствениот дигитален пазар на ЕУ и, што е многу важно, ги олеснуваме безготовинските плаќања со единствена европска платежна област – само како примернаведувам неколку елементи.
Но, се разбира, отворањето на вратите не е доволно. Земјите од Западен Балкан, исто така, треба да го комплетираат својот Заеднички регионален пазар. А тоа значи дека услов е и земјите од Западен Балкан да им дадат пристап на соседите до нивниот пазар [да им дадат на соседите пристап до нивниот пазар]. Со други зборови, ако го свртам ова од другата страна, доколку има блокади, единствениот што можете да го блокирате сте самите вие. Останатите ќе продолжат понатаму.
И за да се продолжи понатаму, потребни се реформи, длабоко вкоренети реформи, исто така, за подобрување на бизнис климата, со цел да се направи околината поатрактивна. Овие реформи ќе бидат придружени со финансирање на инвестиции од Европската Унија, доколку се случат. Овој План за раст е многу силен поттик. Поттик економски да се отворат вратите, но и да се побара отворање на границите меѓу земјите од Западен Балкан и да се направат потребните реформи. Со тоа доаѓа и финансирањето на инвестиции.
Само со заедничка работа ќе го доведеме Западен Балкан таму каде што припаѓате, во срцето на Европската унија. Историјата, навистина, е во движење. Мојата порака е: Ова е одлучувачки момент сега. Не пропуштајте ја можноста, зграпчете ја можноста, искористете го моментот и ние работиме заедно со вас за тоа.
Благодарам многу, Еди.
Извор: European Union
Извор на фотографии: European Union