Комесарот Вархелеј ќе присуствува на церемонија за железничкиот проект „Коридор Х“ во Србија и ќе дискутира за приоритетите во рамки на преговорите за влез во ЕУ
Комесарот Вархелеј ќе присуствува на церемонија за железничкиот проект „Коридор Х“ во Србија и ќе дискутира за приоритетите во рамки на преговорите за влез во ЕУ
Комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархелеј, денес ќе биде во Србија за да го најави финансискиот пакет, вреден 2,2 милијарди евра, кој ќе овозможи значајна модернизација на железничките пруги на Коридорот Х.
Железничкиот проект „Коридор Х“ е една од водечките инвестиции на Економскиот и инвестициски план; поврзувајќи го регионот со ЕУ низ Хрватска, преку Белград, па сè до Ниш, Скопје и Грција. Проектот ќе придонесе за модернизација на железничката во Србија и ќе ја подобри нејзината поврзаност со останатите железнички мрежи. Истиот е дел од Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, вреден 30 милијарди евра, кој има за цел мобилизирање на инвестициите во доменот на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција; креирајќи одржлив развој и работни места.
За овој проект предвиден е грант на ЕУ од околу 600 милиони евра. Дополнително, 265 милиони евра се веќе одобрени за железничката линија Белград – Ниш која ќе овозможи патување меѓу овие два града со брзина од 200 километри на час за околу 100 минути. Остатокот од пакетот се состои од заем во висина од 1,1 милијарда евра од Европската инвестициска банка, како и заем во вредност од 550 милиони евра од Европската банка за реконструкција и развој.
За време на неговата посета, комесарот Вархелеј ќе се состане со претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, министерката за европска интеграција – Тања Мишчевиќ и министерот за внатрешни работи – Братислав Гашиќ за да дискутираат за приоритетите на преговорите; особено во делот на владеење на правото и соработка во доменот на одржлива поврзаност, енергија и миграции.
Комесарот исто така ќе дискутира и за поддршката на ЕУ за Србија за соочување со тековната енергетска криза, по неодамнешното потпишување на поддршка за буџетот, во висина од 165 милиони евра, за помош за ублажување на цените на енергијата за најранливите домаќинства и мали и средни претпријатија во рамки на Пакетот за енергетска поддршка, вреден 1 милијарда евра, за Западен Балкан.
Извор: European Union
Извор на фотографии: European Union