Отворен повикот за Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2023
Отворен повикот за Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2023
Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2023 веќе прифаќа пријави за годинешното издание. И оваа година, престижната награда оддава признание на истражувачките приказни објавени во минатата календарска година и е отворена за новинари од Западен Балкан и Турција.
Годинава, покрај државните награди, воведена е и регионална награда за најдобрите приказни од целиот регион засновани на јасно дефинирани критериуми. Новата категорија е возбудлив развој кој ќе ги охрабри новинарите да размислуваат надвор од националните граници и да се интересираат за прашања кои го засегаат целиот регион.
Годинешниот фонд на наградата за секоја држава е 10000 евра, а фондот за регионалните награди изнесува, исто така, 10000 евра. Наградени се трите најдобри приказни на годината, а износот на државните и регионални награди е: 5000 евра (прво место), 3000 евра (второ место) и 2000 евра (трето место).
Приказните кои можат да бидат номинирани треба да придонесуваат за слободата на изразување, владеењето на правото и транспарентност. Треба да опфаќаат палета теми кои ги тангираат државните и регионалните економии, предизвиците на државите при процесите на интеграција во ЕУ и проблеми како организиран криминал, корупција, пораст на екстремизам, различни форми на странско влијание, кршење на човекови права; вклучително и оние во дигиталната сфера, како и други теми со кои јавноста, инаку, не би била запознаена.
Номинациите можат да бидат за државната или регионалната награда или, пак, за двете истовремено, а оваа можност доаѓа преку самата апликација. Дополнително, еден кандидат може да се пријави со неколку приказни.
Добитниците на државни награди во регионот на Западен Балкан и Турција автоматски стануваат кандидати за регионалната награда за истражувачко новинарство на ЕУ, доколку така е наведено во нивната апликација. Жирито за државните и регионалните награди е составено од локални и меѓународни експерти за медиуми, уредници, членови на академската заедница и новинари со заслуги.
Извор на фотографии: BIRN
Извор: BIRN