Стоби, во Северна Македонија, бил, некогаш, еден од најзначајните градови во Европа. Од околу 200-та година п.н.е., па скоро седум века подоцна, градот играл важна улога во Римското царство. Сместен во центарот на трговските патишта, Стоби прераснал во битен град, кој дури и ковал сопствени монети. За време на Римското царство, Стоби бил престолнина на римската провинција наречена Македонија Салутарис (Macedonia Salutaris), а неговите жители го уживале истиот статус како и жителите на Рим. Како и во сите други важни римски градови, гладијаторските борби биле задолжителен дел од урбаната култура. Денес, Стоби е важен археолошки локалитет со христијански базилики, бањи, театар, синагога и остатоци од патишта и големи куќи, па, дури и казино. Иако животот во градот, најверојатно, никогаш нема да се врати, гладијаторите се враќаат назад!
Концептот на користење историски и културни локалитети како туристички дестинации е сè уште во почетна фаза на развој во Северна Македонија. Археолошките локалитети, честопати, имаат недостаток од добра визуелна презентација и информациски паноа; раскажувањето приказни ретко излегува од брошурите и постерите и има многу малку или скоро никакво ангажирање на публиката на лице место. Но, високо конкурентниот туристички пазар бара културните локалитети да развијат стратегии и соработка со креативни индустрии кои ќе им помогнат да се истакнат. Една од таквите опции е употребата на иновативни решенија како, на пример, алатка во форма на апликација за посета со виртуелна реалност која има за цел да го истражи и оживее културното наследство. Виртуелната реалност, како технологија, ѝ овозможува на публиката да се нурне во реалистична реконструкција на настаните и приказните кои најдобро претставуваат одреден локалитет на културно наследство.
Виртуелно меѓу гладијатори
Во соработка со Стоби Националниот институт, и со поддршка на финансирање од ЕУ, Центарот за општествени иновации – Блинк 42-21 (невладина организација), развил апликација за виртуелна реалност која ќе ги вклучи посетителите на Стоби во перформанс со гладијаторска борба во внатрешноста на стариот театар. Милан Танчески, менаџер на проектот, објаснува дека апликацијата со виртуелна реалност вклучува 3Д визуелизација и реконструкција на театарот.
Сево ова ќе им овозможи на посетителите подлабоко и поцелосно разбирање на просторот, со непопречена глетка на структурите и главните споменици кои веќе не постојат. „3Д околината ја преставува внатрешноста на гладијаторската арена, а, исто така, проектира и воведна церемонија пред борбата, како и реалистична толпа, создавајќи им на посетителите чувство дека се дел од публиката,“ вели Милан.
Развојот на овој проект бил предизвикувачки. Градот е во руини, па, најпрво, требало да се развие сценарио и приказна како основа за 3Д моделите за ликовите и околната архитектура. Како дел од процесот, архитект развил план од стариот театар и го претворил во 3Д модел. Како завршен дел од активноста, проектот развил и 3Д модели во природна големина за гладијаторите и за околу 700 ликови во публиката. За време на целиот процес, постојано се консултирале со експерти и историски информации, па, оттука, целото искуство е навистина реалистично и засновано на факти.
Доколку го посетувате Стоби, денес може да побарате комплет за виртуелна реалност кој се состои од лаптоп и очила за виртуелна реалност. Со овие алатки, ќе ви биде доделено и одредено место во театарот. Во моментот кога ги ставате очилата и ја вклучувате опремата, патувате 1500 години назад во времето; опкружени сте со публика и можете да уживате во гладијаторска церемонија која се одвива на главната сцена во театарот.
„Во својот најсветол период, театарот поседувал 7000 седишта, а ние успеавме да создадеме и „оживееме“ 700 ликови, повеќето од нив динамични; кои навиваат или се исправени. Па, така, гледате до вас, пред вас или зад вас, ликови кои навиваат, стојат или седат,“ вели Милан.
За проектот
Проектот за Туристички развој и промоција, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Регионалниот совет за соработка, поседува буџет од 5 милиони евра. Истиот работи на развој и меѓународна промоција на регионални културни и авантуристички понуди; зголемувајќи ја должината на туристички престои во регионот, како и бројот на туристи кои ги посетуваат шесте економии на Западен Балкан. „Блинк 42-21“ беше меѓу добитниците на грант во втората рунда грантови; секој во вредност од 54000 евра, доделени во октомври 2019. Регионалниот совет за соработка е сеопфатна, регионално поседувана и управувана рамка за соработка која промовира соработки, помирување, економски и општествен развој во регионот. Истата е финансиски поддржана од ЕУ.
Photo credits: Blink 42-21
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!