Зајакнување на луѓето со инвалидитет во Црна Гора | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Зајакнување на луѓето со инвалидитет во Црна Гора

Од медицински оценувања, па сè до оценувања за права: Нова ера за евалуација на инвалидитет во Црна Гора.

SCROLL DOWN

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека околу 10 % од светската популација има некаков вид инвалидитет. Овие статистики се одразуваат и во Црна Гора, каде што според податоците од пописот за население, домаќинства и живеалишта, спроведен во 2011 година од „Monstat“, 11 % од населението во Црна Гора, т.е. 68064 поединци, се соочуваат со предизвици во своите секојдневни активности поради долгорочна болест, инвалидитет или старост. Овие поединци се соочуваат со предизвици при извршувањето на своите основни дневни обврски или при учеството во различни активности. За време на пописот, за првпат се прибраа податоци за постоењето на вакви тешкотии при извршувањето на секојдневните активности.

Процесот на оценување и определување инвалидитет е официјална процедура неопходна за воспоставување еднаквост за услуги, производи или придобивки. Служи како премин низ кој мораат да поминат поединците кои бараат поддршка поврзана со инвалидитет, без разлика дали поддршката ја нуди некој јавен или приватен орган. Во Црна Гора, системот за оценување и определување инвалидитет се карактеризира со сложеност, децентрализација, недостаток од координација и зависност од застарен медицински модел. За да се адресира овој проблем, Програмата за развој на Обединетите Нации соработува со црногорските авторитети и добива поддршка од ЕУ со цел носење позитивна промена во ова поле.

„Уживам да работам со машини. Создаваме кутии, корпи и магнети. Ги сечеме и составуваме. Има пријатна атмосфера за работа, се чувствувам како дома.“

Исмар Рамовиќ

Исмар Рамовиќ, вреден и весел работник од Тузи, е некој кој секој работодавец би посакал да го има во својот тим – вака го опишува Небојша Миликиќ, неговиот работодавец. По завршувањето на образованието, Исмар трпеливо чекал скоро три години додека не нашол работа. Денес, Исмар е дел од десеттемина со инвалидитет кои работаат за компанијата, каде специјализира во изработка на сувенири. „Уживам да работам со машини. Создаваме кутии, корпи и магнети. Ги сечеме и составуваме. Има пријатна атмосфера за работа, се чувствувам како дома,“ споделува Исмар.

За да го осигура своето право за работа, Исмар морал да исполни долги и сложени процедури, слично како и останатите лица со инвалидитет. Покрај медицинското оценување, Исмар морал да помине и две дополнителни комисии за оценување инвалидитет. „Средбата со комисиите ми предизвикуваше анксиозност. Бев загрижен затоа што не знаев дали ќе ми го одобрат месечниот надоместок,“ раскажува Исмар.

Со поддршка од проектот „Реформа на националниот систем за оценување инвалидитет“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Програмата за развој на ОН; во соработка со Владата на Црна Гора и невладините организации, се воспоставил централизиран процес за оценување и евалуација на инвалидитет и потреби на сите поединци со инвалидитет. Оваа реформа има за цел да ги поедностави процедурите и да елиминира околу 30 различни комисии.

Главната цел на оваа реформа е да го олесни остварувањето на правата на лицата со инвалидитет на пофер начин. Медицинскиот модел ќе биде заменет со модел за оценување инвалидитет заснован на човекови права. Како резултат, преку 50000 лица со инвалидитет во Црна Гора ќе можат полесно да ги остварат своите права, со значително намалени административни процедури.

„Посакувам да можев да ги завршам сите административни процедури на едно место и без чекање. Не сакам гужви и чекање.“

Исмар Рамовиќ

„Посакувам да можев да ги завршам сите административни процедури на едно место и без чекање. Не сакам гужви и чекање,“ вели Исмар. Во Црна Гора, лицата со интелектуален инвалидитет честопати се соочуваат со недостаток од разбирање, поддршка и прифаќање од општеството. Но, искуството на Исмар е различно. „Се социјализирам со колегите на работа, а често одиме и заедно на кафе. Понекогаш играме фудбал и кошарка,“ додава тој.

Според неговиот работодавец, Небојша, Исмар доживеал исклучителен напредок и станал составен дел од неговиот тим. „Преку неговата работа и достигнувања, Исмар придонесува не само за себе и за нашата компанија, туку и за општеството како целина. Придонесот на останатите 15 работници не може да се спореди со придонесот на Исмар и останатите поединци со инвалидитет кои работат тука,“ вели Небојша.

Владата овозможува придобивки за работодавците кои вработуваат лица со инвалидитет, вклучително и субвенции за плати и средства за адаптација на работното место. „Неопходно е да се обезбедат работни задачи соодветни на нивните способности, а тогаш успехот е загарантиран. Ги охрабрувам сите работодавци да го следат мојот пример и да вработуваат лица со инвалидитет. Сигурен сум дека нема да зажалат,“ охрабрува Небојша.

За проектот

Посебната цел на проектот „Реформа на националниот систем за оценување инвалидитет“, финансиран од ЕУ, е реформирање на националниот систем за оценување и утврдување инвалидитет. Реформата ќе им овозможи на лицата со инвалидитет да уживаат рамноправен третман, полесен и еднаков пристап до сите права на социјално осигурување и подобри перспективи за општествена инклузија. Проектот има за цел да ги оствари следните резултати: развој и усвојување на нови стандардизирани и унифицирани критериуми за инвалидитет засновани на функционалност и способности, како и институционална реорганизација преку намалување на тековните 26 комисии (со околу 120 платени експерти соработници) во една единствена комисија.

Photo Credits:  Duško Miljanić, UNDP Montenegro

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.