Горан Радевиќ е доктор по медицина со работно искуство на четири континенти. Ја напуштил татковината – Црна Гора, на рана возраст и преку 27 години работел во држави како Кајманските Острови, Кина, Оман, Јужна Африка и САД.
Горан отсекогаш имал замисла дека еден ден ќе се врати во татковината и ќе изгради винарница. Правењето вино е традиција во семејството на Горан, а неговата љубов кон правењето вино започнала уште пред да наполни пет години. Неговиот дедо, од таткова страна, поседувал лозје и бил експерт за правење вино. „Научив да калемам лозје пред да научам да читам и пишувам,“ вели Горан.
Но, да се започне со сопствено лозје не било така лесно и била потребна значајна инвестиција. Меѓутоа, како што минувале годините, помислата станала опсесија и, заедно со семејството, Горан одлучил да се врати во Црна Гора и да ја започне својата компанија од соништата. Финансиската инвестиција и пасијата биле присутни, но не бил лесен подвиг за Горан и неговата сопруга.
Првите лозја ги засадиле во 2007 година, а до 2009 година ја имале првата берба со која дошло и првото шише вино. „Имавме бројни предизвици: првите шишиња беа произведени во гаража и без експертска помош,“ вели Горан. Сепак, зачудувачки, вкусот бил одличен и виното било кандидат за успех. Таа година, Горан успеал да испрати примероци од неговото почетно вино на натпревар за дегустација на вина во познат ресторан во Менхетен. Имало седум натпреварувачи, а нивниот натпреварувачки број бил бројот четири, се сеќава Горан. „Сите пет члена во жирито, сопственици на познати ресторани, му дале најдобри оценки на виното. Претпоставувам дека беше почетничка среќа,“ се смее Горан.
Веднаш потоа, започнале да го извезуваат своето вино во САД; но се соочиле со неколку проблеми. Одреден број елементи – од квалитетот на етикетата, до квалитетот на капачето на шишето, не биле во согласност со меѓународните барања за стандард, така што сфатиле дека мораат да посветат внимание на овие проблеми. Сопругата на Горан, Американка по потекло, го презела маркетингот на компанијата. Започнале да употребуваат висококвалитетни капачиња од Франција и хартија за етикети од Германија. Наскоро, успехот бил на повидок затоа што компанијата започнала да извезува во Германија, Скандинавија, Швајцарија, па дури и Јапонија.
Како што пазарот растел, во 2011 година, Горан и неговата сопруга одлучиле да ангажираат професионални консултанти за да обезбедат одржлив раст на нивниот бизнис. Вработиле агроном и висококвалитетен технолог со долгогодишна државна и меѓународна експертиза. И двајцата им помогнале да ја претворат винарницата во меѓународен бренд.
На патот на винарницата кон успехот, добиле и поддршка од ЕУ. Во 2018 година, аплицирале за програмата Инструмент за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), финансирана од ЕУ, во чии рамки добиле поддршка за набавка на машини како виљушкар, трактор, вибро-култиватор, лозарски плуг и тракторска фреза. Со забавувањето на бизнисот за време на пандемијата, поддршката дошла во вистинско време. „Благодарение на поддршката од ЕУ, планираните пари за неопходните инвестиции можев да ги употребам во други делови на нашите деловни операции,“ вели Горан.
Горан има четири деца од кои, најмладиот син, Лука, студира винска технологија на земјоделскиот факултет во Белград. „Дваесет и седум години сонував за оваа винарница и напорно работев за да заштедам средства за да ја отворам. Мојот син ќе го наследи ова и ќе ја продолжи традицијата. Тоа ме прави среќен и исполнет,“ вели Горан.
За проектот
Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), дизајниран за поддршка на реформи во државите-кандидати за членство во ЕУ; се фокусира на земјоделско-прехранбените сектори во руралните подрачја на овие земји. Преку оваа алатка, ЕУ овозможува финансиска и техничка помош за корисниците со цел постигнување одржливост во нивниот земјоделски сектор и рурални подрачја; усогласувајќи ги, истовремено, со заедничката земјоделска политика на ЕУ.
Photo credits: Radevic Estate Vines
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!