Ерата на кибер-земјоделство во Србија | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Ерата на кибер-земјоделство во Србија

Проект, кофинансиран од ЕУ, ги поддржува српските научници кои ги прават првите чекори во дигиталната трансформација на земјоделството.

SCROLL DOWN

Српските фармери денес имаат нов најдобар пријател наречен Лала. Лала има способност да ги прибира податоците и веднаш да ги анализира хемиските својства на кој и да било почвен примерок, а потоа истите ги архивира за земјоделците да можат да ги употребуваат. Лала е робот или, како што изумителите на Институтот „БиоСенс“ (BioSense) во Србија претпочитаат да го нарекуваат, Агробот. Професорката Весна Бенгин од Институтот објаснува дека еден од најдобрите начини за оптимизација на земјоделското производство е на секое растение или секоја парцела да им се даде точната количина прехрана. „Појдовната точка на ова е опсервацијата на разлики кои постојат во почвата во различни делови на парцелата, а во овој дел настапува нашата роботска платформа – Агробот Лала; нудејќи точни и прецизни информации,“ вели таа.

Адаптирана за земјоделски намени и опремена со систем за земање примероци и анализирање на почвата, Лала се движи по веќе одреден пат во рамки на парцелата, зема примерок од почвата, веднаш го анализира и ги запишува резултатите од геореференцијалните мерења. Последователно, Лала доставува повеќеслојна мапа врз основа на којашто земјоделците можат да носат одлуки за сеење, наводнување и примена на ѓубрива, пестициди и хербициди со цел оптимизација на производството. „Гордост е да се биде дел од земјоделската револуција и да се гледаат роботи, дронови и млади луѓе со лаптопи по српските полиња,“ вели професорката Бенгин.

„Како инженерка, верувам дека науката мора да одговори на потребите на општеството и да го подобри животниот квалитет на луѓето, па, затоа, многу размислував како да го насочам нашето истражување кон оваа цел.“

Професор Весна Бенгин, ко-основач на Институтот „БиоСенс“

Основан во 2015 година, „БиоСенс“ Институтот за истражување и развој на информациски технологии во биосистеми е пионер во дигиталната трансформација на земјоделството во Србија. Професорката Бенгин е ко-основач на институтот. Објаснува дека, како дете, многупати слушала дека земјата во Војводина, во северниот регион на Србија, е толку плодна што би можела да ја нахрани цела Европа. Но, исто така, забележала дека ова не е случајот. Исто така, како возрасна, ѝ изгледало апсурдно да се ангажира во сложено научно истражување чии резултати би останале запишани на страните од научните списанија и книги. „Како инженерка, верувам дека науката мора да одговори на потребите на општеството и да го подобри животниот квалитет на луѓето, па, затоа, многу размислував како да го насочам нашето истражување кон оваа цел,“ вели професор Бенгин.

Ова довело до идејата за научен институт како база на знаења којашто земјоделците, бизнисите и носителите на политики би можеле да ја користат за решавање на проблемите на терен. Професорката Бенгин објаснува дека се соочиле со административни, финансиски и меѓучовечки предизвици на патот кон остварување на нивната цел; додава, исто така, дека нејзините амбиции не би се реализирале без финансиите на ЕУ наменети за наука, најпрво, преку Програмата ФП7 (FP7 programme), а потоа и преку „Хоризон 2020“. „Проект по проект, исто како камен до камен, го изградивме патот кој нè доведе до тоа денес да бидеме признаени како глобален лидер во дигиталната трансформација на земјоделството,“ вели професор Бенгин.

„Пред „АНТАРЕС“ (ANTARES), можевме само да сонуваме – да сонуваме за градење сериозен научен истражувачки центар во Србија, сличен на оние коишто сме ги гледале во странство; сонувавме да ги задржиме нашите студенти наместо да ги гледаме како ја напуштаат државата. Имавме визија земјоделците да можат достоинствено да живеат од својата работа. „АНТАРЕС“ ни помогна да ги оствариме нашите соништа.“

Професор Весна Бенгин, ко-основач на Институтот „БиоСенс“

Професорката Бенгин е координаторка на проектот „АНТАРЕС“, дел од програмата „Хоризон 2020“, финансирана од ЕУ, кој го поддржува Институтот „БиоСенс“ во својот развој во пазарно-ориентиран европски истражувачки центар кој ветува исклучителен квалитет. „Пред „АНТАРЕС“ (ANTARES), можевме само да сонуваме – да сонуваме за градење сериозен научен истражувачки центар во Србија, сличен на оние коишто сме ги гледале во странство; сонувавме да ги задржиме нашите студенти наместо да ги гледаме како ја напуштаат државата. Имавме визија земјоделците да можат достоинствено да живеат од својата работа. „АНТАРЕС“ ни помогна да ги оствариме нашите соништа,“ вели професор Бенгин.

Денес, „БиоСенс“ е сочинет од тим од околу 140 електрични инженери, програмери, биохемичари, физичари, биологичари и агрономи. Одлуките за вработување се прават исклучиво врз основа на одлични резултати и половина од тимот е сочинет од жени. Професорката Бенгин објаснува дека жените се неопходни во науката. „Тие пристапуваат кон решавање на научните проблеми на посебен начин кој го дополнува приодот на нивните колеги мажи. Како електрична инженерка, навистина не верувам во поделбата на машки и женски професии.“

За проектот

Со буџет од преку 30 милиони евра, „АНТАРЕС“ е најголемиот научен проект финансиран од ЕУ во Република Србија. Проектот е поддржан преку учеството на Министерството за образование, наука и технолошки развој на Р. Србија кое обезбедува институционална и законодавна поддршка, како и ко-финансирање од 14 милиони евра. „АНТАРЕС“ е ко-финансиран преку програмата „Хоризон 2020“ на ЕУ.

 

Photo credits: BioSense Institute

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.