Дигиталната економија: можност во време на криза | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Дигиталната економија: можност во време на криза

15 Јан 2021

Глобалните и национални мерки за ограничување на вирусот; од социјално дистанцирање до затворање на бизниси, намалени приходи и потрошувачка на домаќинствата, резултираат со економска криза ширум светот. Во овој поглед, Западен Балкан не е исклучок: Редовниот економски извештај за Западен Балкан: Есен 2020, објавен од Светската банка, предвиде дека економската активност во регионот ќе се намали за 4,8 проценти во 2020; предизвикувајќи поголема рецесија од неодамнешната глобална економска криза.

Но, истовремено, пандемијата создаде нови можности. Резимето за е-трговија во време на Ковид-19, објавено од Организацијата за економска соработка и развој, идентификува како КОВИД-19 го забрза ширењето на е-трговијата во насока на нови фирми, купувачи и производи.

Ветувачка иницијатива која може да се претвори во голем бизнис

Милош Лаковиќ, 27 години, е средношколски наставник и претприемач од Црна Гора. Тој е еден од визионерите кои во пандемијата виделе можност. Милош имал бизнис идеја за онлајн платформа која би ги поврзувала давателите и корисниците на услуги. Идејата постоела веќе некое време, но пандемијата го натерала посериозно да размисли и да преземе иницијатива за нејзино остварување. „Како наставник, знам дека голем број од моите колеги даваат приватни часови надвор од работното време. Ситуацијата којашто ја наметна пандемијата ме натера да размислам: ‘зошто овие услуги да не се промовираат и нудат онлајн?’ и одлучив да ја доразвијам идејата,“ вели Милош.

„Како наставник, знам дека голем број од моите колеги даваат приватни часови надвор од работното време. Ситуацијата којашто ја наметна пандемијата ме натера да размислам ‘зошто овие услуги да не се промовираат и нудат онлајн?’“

Милош Лаковиќ

Со тек на време, Милош и неговиот тим смислиле повеќе видови услуги кои би можеле да се рекламираат и нудат преку платформата; од продажба на уметнички дела, па сè до козметика. Сега се во крајна фаза на пазарното истражување и наскоро ќе започнат со развивање на платформата.

Милош објаснува дека голем дел од заслугата за развој на иницијативата препишува на поддршката која ја добил од учеството во работилниците на проектот финансиран од ЕУ –  “Самовработување и општествено младинско претприемништво“. „Со учеството во овие работилници, успеавме да ја доразвиеме идејата и да ја доведеме до ниво на вистинска претприемничка иницијатива,“ вели тој.

„Со учеството во овие работилници, успеавме да ја доразвиеме идејата и да ја доведеме до ниво на вистинска претприемничка иницијатива“

Божина Стешевиќ

Простор „I2“ – место за иновација

Целта на проектот е да го подобри пристапот до пазарот на труд за младите луѓе во Црна Гора и Косово. Сржта на идејата е воспоставување на физички средини во формат познат како „Хакер простор“ – опремување на овие простори со неопходните алатки и обезбедување на младите со обука и менторство од доменот на општествена иновација и дигитална технологија. Проектот основал две вакви места: едно во Пеќ, Косово, и друго во Подгорица, Црна Гора. Местата биле наречени Простор „I2“.

За време на двете години од проектот, повеќе од 200 млади ги искористиле активностите на просторот „I2“ во Пеќ и Подгорица. Дел од нив веќе започнале да заработуваат преку вработување или нудење на хонорарни услуги. Проектот обезбедил курсеви и менторски програми за кодирање и веб приспособување, 3Д печатење и електроника, дигитален маркетинг, графички дизајн и фотографија.

Божина Стешевиќ е проектен менаџер во граѓанското здружение „Здружение за демократски просперитет – Зид“ кое е водечки партнер за проектот од Црна Гора. Вели дека едно од главните достигнувања на проектот е замислата и ефективното функционирање на самата заедница Простор „I2“. „Постои внатрешен круг на корисници на Простор „I2“ кои меѓусебно соработуваат на заедничко место. Дополнително, постои и цел круг млади луѓе кои учествувале во обуката и, најнакрај, има поширок круг кој ги поврзува младите од двете страни на границата кои веќе соработуваат и разменуваат идеи и бизнис перспективи, но и ги кршат предрасудите.“

Менторството еден-на-еден било еден од клучните елементи на проектот. Како негов дел, од учесниците се очекувало да развијат иновативни идеи за стартап бизнис прототипи кои имаат потенцијал за понатамошно развивање. До денес, апликантите од програмата прототипирале 23 стартап идеи, вклучувајќи ја и замислата на Милош.

Во врска со проектот

Проектот за Самовработување и општествено младинско претприемништво беше имплементиран во рамки на ИПА програмата за Меѓугранична соработка Црна Гора – Косово 2014 – 2020, финансиран од ЕУ. Проектот се имплементира од страна на граѓанските здруженија „Здружение за демократски просперитет – Зид“, „Ленс“, „Либерален демократски центар“ и „Центар за креативни вештини“. Проектот започна во јануари 2019, а се очекува да заврши на почетокот од 2021 година.

 

Дознај повеќе

Photo credits: Fitim Shala

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.