Производство на грицки со сончева енергија | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Производство на грицки со сончева енергија

Претпријатие од БиХ стана приближно целосно енергетски независно преку инсталирање соларни панели со поддршка на ЕУ.

SCROLL DOWN

Претпријатието „Voćar“, од Брчко, беше основано пред 30 години. Во босанскиот јазик, името на компанијата означува „одгледувач на овошје“, а „семето“ на претпријатието било засадено од Авдо Мусиќ пред многу децении. Тој бил еден од најголемите производители на сливи во регионот кои ги продавал на локалните пазари. Во 1989 година, кога социјалистичка Југославија започнала економски да се либерализира, а на граѓаните им било дозволено да отворат приватни претпријатија, неговиот син, Мехо, одлучил да го издигне бизнисот и официјално го регистрирал и отворил претпријатието „Voćar“. Денес, „Voćar“ произведува широка палета грицки; од наполитанки и колачиња, па сè до пуканки и путер од кикиритки. Слоганот на претпријатието е „За подобар вкус на животот!“.

Денес, претпријатието го раководи внукот на Авдо, Есед Мусиќ. Есед објаснува дека патувањето од одгледување сливи до производство на грицки било предизвикувачко. За време на војната во БиХ, семејството, како и многу други семејства, за малку ќе загубело сè; а кога војната завршила, морале да започнат скоро од почеток. Во тој момент помислиле дека би можеле да ја прошират палетата производи. „Во тоа време скоро и да немаше производство во БиХ: сè беше увезено од странство. Одеднаш, се отвори голем пазар, па одлучивме да ја искористиме приликата и да се фокусираме на замена за увезените производи,“ вели Есед.

„Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој.“

Есед Мусиќ, „Voćar“

По војната, започнале само со пет работници, а денес „Voćar“ има 60 постојано вработени работници и бројни надворешни соработници кои извлекуваат полза од соработката со претпријатието. По 30 години, претпријатието произведува повеќе од 100 различни производи кои ги нудат на своите клиенти во БиХ, но, исто така, и во САД, Австралија, земјите во ЕУ и други.

Меѓутоа, пандемијата имаше влијание врз операциите на претпријатието како и врз глобалната економија. Есед раскажува дека за време на кризата започнале да размислуваат за тоа како би можеле сериозно да ги намалат трошоците за да можат да останат профитабилни. Првиот трошок на кој помислиле била сметката за електрична енергија, но секоја инвестиција била скапа, а во дадените околности, обидот за таква инвестиција делувал непрактичен.

Но, во 2021 година, со помош на проектот „EU4AGRI“, финансиран од ЕУ, долгогодишниот сон се остварил за претпријатието „Voćar“, бидејќи добиле можност да инвестираат во систем соларни панели кој им овозможил да задоволат 65 % од нивната целосна потреба за електрична енергија. „Инсталирањето сопствен систем со соларни панели ќе беше огромен финансиски товар за нас. Поддршката од ЕУ беше навистина неопходна: ни даде „ветер во едра“ за да продолжиме со планирање на нашата работа и долгорочен развој,“ вели Есед.

„Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

Есед Мусиќ, „Voćar“

„Соларните панели беа поставени на покривот на нашите простории за производство и складирање кои беа идеални во поглед на локација и форма на покривот,“ објаснува Есед. „Нашата соларна електрана зафаќа 1000 метри квадратни и произведува 150 киловати електрична енергија; која има огромно влијание врз нашата енергетска независност.“ Трошоците за изградба на соларната електрана беа околу 83000 евра; од кои околу 54000 евра беа обезбедени преку проектот „EU4AGRI“, а околу 29000 евра од страна на претпријатието „Voćar“.

Додатна вредност на проектот е намалувањето на емисијата јаглероден диоксид (CO2) на претпријатието за, приближно, 76 %; намалувајќи го, на овој начин, и нејзиното негативно влијание врз животната средина. Како што Есед вели: „Нашите производи се направени со помош на зелена енергија и сме особено горди на тоа.“

Досегашните резултати беа поттик за „Voćar“ да ги задоволи своите потреби за електрична енергија единствено од обновливи извори во претстојниот период. Есед објаснува: „Имаме уште достапни површини на покривите кои ги исполнуваат критериумите за инсталирање соларни електрани и сакаме да достигнеме 100 % енергетска независност. На овој начин, дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина.“

За проектот

Проектот „EU4AGRI“ е четиригодишна иницијатива (2020 – 2024) која цели кон модернизирање на земјоделско-прехранбениот сектор, креирање нови работни места, како и задржување на веќе постоечките преку поддршка за закрепнување од кризата КОВИД-19 во БиХ. Целосната вредност на проектот, финансиран од ЕУ, изнесува 20,25 милиони евра; а истиот е заеднички имплементиран и кофинансиран од страна на Агенцијата за развој на Република Чешка и Програмата за развој на Обединетите Нации во БиХ.

Досега, проектот „EU4AGRI“ ги поддржа земјоделците и претприемачите во БиХ со 45 инвестиции, вредни 5,5 милиони евра; од кои 3,2 милиони евра беа финансирани од ЕУ.

Photo credits: EU4 AGRI

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.