Рециклирањето во мода во Косово | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Рециклирањето во мода во Косово

23 Сеп 2021

Во Косово е реткост да се налета на канти за селектирање отпад, а рециклирањето е најчеста појава меѓу собирачите на метал, картони или пластичен отпад од контејнерите, кои, потоа, истите ги продаваат. Но, благодарение на невладината организација „Let’s Do It Peja“, собирањето текстилен отпад стана популарно во Пеќ, град во западно Косово. Арба Шеху е млада и посветена еколошка активистка која заедно со своите колеги во невладината рано го идентификувале проблемот и одлучиле да придонесат за изнаоѓање решение. Денес, таа го раководи проектот.

Арба објаснува дека идејата за проектот дошла поради големиот волумен на текстилен отпад; а, притоа, јавните институции не развиваат одржлив начин и систем за негово собирање и управување со него ниту во Пеќ ниту, пак, во остатокот на Косово. Според неа, најголемиот дел од локалниот отпад завршува во легални или нелегални депонии од кои повеќето не ги исполнуваат основните еколошки и здравствени стандарди. „Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово,“ вели Арба.

 

„Иако законската рамка е делумно усогласена со таа на ЕУ, отпадокот останува еден од најзначајните проблеми во Косово.“

Arba Shehu, Project Manager, Let’s Do It Peja

Создавање мода од отпадоци

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започнал со работа во јануари годинава, со тоа што невладината  поставила пункт за собирање текстил во центарот на градот. На голема радост на проектниот тим, локалните жители позитивно одговараат на повикот за споделување текстилен отпад на пунктовите.

Проектот е заснован на концептот наречен „3R“ (Reduce, Reuse and Recycle – „Редуцирај, реупотреби и рециклирај“). Меѓутоа, покрај еколошкиот придонес, проектот има и економски аспект затоа што отвориле и продавница за облека на старо во која ги продаваат донираните парчиња облека кои се во добра состојба.

Арба верува дека долгорочен придонес е невозможен доколку младите генерации активно не се вклучат. Оттука, според неа и нејзините колеги, образовната компонента на проектот е најважна. Во соработка со уметничкото средно училиште во Пеќ, „Let’s Do It Peja“ отпочнале воннаставен курс за дизајн на кој младите ученици, под менторство на искусни модни дизајнери ангажирани од проектот, работат на дизајнирање и креирање нови парчиња облека од собраниот текстилен отпадок. Арба објаснува дека, за неа, ова е највозбудливиот дел од проектот: „Учениците се навистина посветени и смислуваат интересни и привлечни модели.“

„Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

Илка Латифи

Илка Латифи е една од ученичките учеснички во воннаставниот курс започнат од проектот. Таа вели: „Благодарна сум што сум дел од овој проект. Учам толку нови работи и ги проширувам своите професионални хоризонти со нови знаења за модната индустрија.“

Проектот има за цел да биде самоодржлив и да продолжи со активностите дури и по истекување на финансирањето од ЕУ. Невладината организација „Let’s Do It Peja“ во моментов работи на регистрирање и отворање општествено претпријатие со името и концептот „3R“. На овој начин, целат да обезбедат одржливост преку претворање на проектот во претпријатие со долгорочен економски и еколошки придонес за заедницата.

Новото општествено претпријатие планира да вработи персонал кој ќе работи на дизајнирање и шиење на рециклираниот текстил, како и персонал за работа во продавницата за облека на старо. „На овој начин, сакаме да им помогнеме на луѓето во потреба; па, затоа, вработените во општественото претпријатие ќе доаѓаат, главно, од ранливите категории; како што се жените, младите и малцинствата,“ вели Арба.

За проектот

Проектот „Промовирање циркуларна економија како одржлив модел за развивање општествени претпријатија“, финансиран од ЕУ, започна со работа во јануари и ќе заврши во декември 2021. Севкупната мисија на проектот е да поддржи развој на општествени претпријатија во Косово и да го зголеми вработувањето на обесправените групи; главно, жени и млади, преку примена на концептите за циркуларна економија.

Дознај повеќе

Photo credits: SEREC

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.